ГРАД СКОПЈЕ НЕЗАКОНСКИ ИМ НАПЛАЌА ДАНОК НА ИМОТ И НА ЗЕМЈОДЕЛЦИ ОД БАРДОВЦИ, НИВИТЕ ШТО ГИ РАБОТАТ ИМ ГИ ПИШАЛЕ КАКО ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ

    ГРАД СКОПЈЕ НЕЗАКОНСКИ ИМ НАПЛАЌА ДАНОК НА ИМОТ И НА ЗЕМЈОДЕЛЦИ ОД БАРДОВЦИ, НИВИТЕ ШТО ГИ РАБОТАТ ИМ ГИ ПИШАЛЕ КАКО ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕНа луѓе кои си ја обработуваат земјата за земјоделско производство, им стигнале решенија за данок на имот како за градежни парцели, во вредност и до 2.000 евра. - Нива во Бардовци (Фото: СДК.МК)

    Светлана Вељановска од скопската населба Бардовци, ги пријавила Град Скопје и потпишаната градоначалничка Данела Арсовска кај Народниот правобранител, зашто добила решение да плати данок на имот за нива што ја сее и обработува. Земјоделското земјиште кое се работи е ослободено од плаќање со Законот за даноците на имот.

    Плодното земјиште купено од нејзиниот татко староседелец пред 50 години, некој го впишал како градежно, а службените лица од Град Скопје место да дојдат и да видат дека нивата се обработува за земјоделски производи, од канцеларија прочитале дека била ставена во градежен реон и ја оданочиле како градежна.

    „Од Град Скопје ми велат дека тука требало да се гради болница, улица и друго. Ако некој сака да гради на мојата парцела, може да ми го експроприра земјиштето, да ми плати, па нека прави што сака. Јас не можам да плаќам за список на желби. Ова е нива што ја наследивме јас и брат ми од нашиот татко и постојано ја обработуваме. Каде е Град Скопје да излезе на терен и да ги види фактите?“, револтирана е Вељановска, која треба да плати 8.000 денари данок за нивата.

    Таа поднела приговор со доказ – записник од комисија за проценка на карактерот на земјиштето, од матичната Општина Карпош, но ѝ го одбиле. На ова одбивателно решение се потпишани службениците од Град Скопје Метин Хасанбеговиќ, Анита Наков и Нуредин Нуредини (кој го одобрил одбивањето на Вељаноска).

    Народниот правобранител веднаш отворил предмет. Од документацијата, фактите и доказите што им ги приложила, Омбудсманот констатира дека претставката е основана и дека на Вељановска ѝ се повредени нејзините уставни и законски права. Наведува дека Градот не само што не ја известил за почнување и водење постапка за утврдување данок на имот за парцелата, туку нејасно е и врз основа на кои факти и докази утврдиле дека земјиштето е градежно, а не земјоделско што се користи за земјоделско производство.

    Се откри дека грабежот од Град Скопје, што го прави на незаконски начин, е масовен. САКАМДАКАЖАМ.МК напиша и за случајот на Панче Кечовски од Драчево, кому Градот за земјоделско обработливо земјиште сака да му наплати 1.000 евра, пресметувајќи му наназад за 5 години.

    Вчера поставивме прашање до Град Скопје и до градоначалничката Данела Арсовска, зошто без проверка масовно пуштаат решенија за данок на имот за земјоделски обработливи земјишта, кои се користат за производство на земјоделски производи, само затоа што некој ги преименувал во градежен реон?

    Не добивме одговор.

    Прашавме и зошто и кога засегнатите земјосопственици ќе им донесат доказ дека тие ниви ги обработуваат, повторно надлежните носат исти решенија дека мора да го платат данокот како за градежно земјиште? Натаму, дали ќе ги ревидираат овие решенија, со оглед на тоа дека земјиштето кое се користи за производство на земјоделски производи, според Законот за даноците на имот е ослободено од плаќање данок?

    Ни на овие прашања не добивме одговор од Град Скопје и од Арсовска.

    Од Град Скопје вообичаено нема никаков одговор. На службите им е речено да не комуницираат со новинари, а на Секторот за односи со јавност да ги игнорира новинарските парашања.

    Кечовски деновиве се обрати до редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК, за да каже дека кај него дошле сограѓани од Драчево и Долно Лисиче со идентични проблеми. На луѓе кои си ја обработуваат земјата за земјоделско производство, им стигнале решенија за данок на имот како за градежни парцели, во вредност и до 2.000 евра.

    „Околноста што нивата на Вељановска се наоѓа во опфатот на Генералниот урбанистички план и што во односниот Детален урбанистички план е предвидено за градба на објекти со намена Б20 – здравство и социјална заштита, како и дел од улица (кој пак план воопшто не е реализиран), не може сама по себе да претставува основ за воспоставување обврска за таа да плаќа данок на имот како за градежно земјиште. Не може да биде основ за оданочување сè додека земјиштето претставува нива која се обработува, односно се користи за земјоделско производство“, заклучува Народниот правобранител, кој е затрупан од вакви претставки против Град Скопје и градоначалничката Арсовска.

    Народниот правобранител упати укажување до Градот и градоначалничката веднаш да го разрешат случајот, т. е. да го поништат решението за утврдување данок на имот, од причина што земјоделското земјиште не е градежно, туку земјоделско, кое се користи за земјоделско производство. Им даде рок од 10 дена да го известат.

     

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     


     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира