ИСТРАГА ПРОТИВ КОМАНДИРОТ ОД БИТОЛСКИОТ ЗАТВОР КОЈ БЕЗ ПРИЧИНА ПРЕТЕПА ЗАТВОРЕНИК И СЕГА ГО МОЛИ ДА ЈА ПОВЛЕЧЕ ИЗЈАВАТА ПРОТИВ НЕГО

    ИСТРАГА ПРОТИВ КОМАНДИРОТ ОД БИТОЛСКИОТ ЗАТВОР КОЈ БЕЗ ПРИЧИНА ПРЕТЕПА ЗАТВОРЕНИК И СЕГА ГО МОЛИ ДА ЈА ПОВЛЕЧЕ ИЗЈАВАТА ПРОТИВ НЕГОКалчовски, кој добил повреди по лицето, главата и на ребрата, по тепањето бил фрлен во самица, а потоа преместен од отвореното во полуотвореното одделение на затворот во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал – оддел за гонење на лица со полициски овластувања, неделава го сослушал битолчанецот Никола Калчовски (25) од Битола, затвореникот кого командирот на смена без причина го претепа и го повреди во затворот во Битола.

    Обвинителството отвори истрага против командирот П.Н., откако Калчовски го пријавил настанот во Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи, од каде заедно со Македонското здружение на млади правници поднесоа кривична пријава за тортура и нечовечко постапување против командирот – тепач на лица лишени од слобода.

    За  целосно истражување на овој настан, Хелсиншкиот комитет за човекови права заедно со Македонското здружение на млади правници до Управата за извршување на санкции тогаш поднесоа барање за спроведување на вонреден надзор. Од Управата било побарано да бидат преземени сите неопходно мерки и дејствија како прибавување на видеоснимките од затворот, лекарската потврда издадена од Итната медицинска помош како и да биде обавен разговор со оштетеното лице и сведоците на настанот, за правилно утврдување на фактичката состојба и евентуално покренување на постапка пред Основното јавно обвинителство за гонење и истражување на кривични дела сторени од страна на лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција против командирот.

    Снимките од видеонадзорот што уште во март ги бараа Хелсиншкиот комитет не постојат. Калчовски тврди дека се избришани, а затворската управа тврдела дека по истекот на 30 дена тие автоматски се бришеле.

    Но, за среќа, тепањето го фотографирал друг затвореник.

    За ќотекот на Калчовски, кој ја издржуваше затворската казна во отвореното одделение на КПУ Битола, САКАМДАКАЖАМ.МК пишуваше во март. На Калчовски казната му истече, сега е на слобода. Тој е сведок-оштетен во случајот што се води против командирот и редакцијата вчера него го контактираше.

    „Бев сослушан од обвинител. Му кажав и нему како се случи тортурата врз мене без никаква потреба и без провокација од моја страна. Мене дента не ми беше добро, па побарав лекарска помош. Командирот без никаква причина се нафрли врз мене, почна да ме тепа. Ме удираше по главата и по телото. Не се плашеше што има сведоци, ме удираше пред други осудени лица од отвореното одделение“, раскажува Калчовски, кој тогаш имал 24 години.

    Тој вели дека тортурата врз него не завршила тука. Командирот поднел дисциплинска пријава пред управата на КПУ Битола, а таа веднаш донела одлука Калчовски да го фрлат во самица.

    „Добив мерка самица во траење од 5 дена. Командирот што ме испотепа без причина влегуваше и ме тепаше и во самица, ‘на само’“, тврди Калчовски, кој добил повреди по лицето, главата и на ребрата.

    Но, и ова не било најстрашното. Откако оштетениот излегол од самица, го изгубил третманот, па од отвореното, бил преместен во полуотвореното одделение во затворот.

    По излегувањето од затвор, осомничениот командир П.Н. го посетил дома Калчовски.

    „Дојде всушност до пред куќа. Молеше да ја сменам, т.е. да ја повлечам изјавата против него. Но, јас ќе одам докрај. Не знам зошто го бара тоа од мене кога тој е многу јак. Уште е командир на смена, не е суспендиран од местото“, вели 25-годишниот Никола.

    Осудените лица од сите казнено-поправни установи во Македонија постојано се обраќаат до Хелсиншкиот комитет со поплаки, а оттаму стручни лица спроведуваат онлајн совети на затворениците што се жалат на нарушени човекови права и слободи зад решетките.

    Претепаниот затвореник од командирот на битолскиот затвор не се јавил, случајот во Хелсиншки го пријавил затвореник-очевидец на бруталното тепање.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира