КАКО ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА МЕНСТРУАЛНО ЗДРАВЈЕ КОГА НЕМАМЕ НИ ЈАВНИ ТОАЛЕТИ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ

КАКО ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА МЕНСТРУАЛНО ЗДРАВЈЕ КОГА НЕМАМЕ НИ ЈАВНИ ТОАЛЕТИ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕПоследното истражување во Македонија од 2024 покажа дека 34 отсто од жените немаат пристап до производи за управување со менструалното здравје. (Фото: К. Попов)

Скопје е единствен главен град во регионот каде нема јавен тоалет, вели Наташа Доковска од Здружението Новинари за човекови права презентирајќи го новиот извештај за управување со менструално здравје. Според нивните анализи за санитација, во помалите места во неколку града има јавни тоалети и тоа во склоп на пазарите.

Во сите останати држави во соседството, дури и во најмалите градови има јавни тоалети и тоа според стандардите за управување со менструална хигиена.

На врвот е Албанија, каде, вели Доковска, нема тоалет во кафуле, во болница кој не е направен според стандардите за управување со менструална хигиена.

„Македонија како потписник на Комитетот за елиминација на дискриминацијата против жените (CEDAW) во Обединетите нации (ОН)  е обврзана да обезбеди бесплатен пристап до овие производи. Ако кај нас училиштето е задолжително, ако децата мора да одат на училиште, значи државата мора да им обезбеди услови. Не може да имаме тоалет каде ученичките не можат да одат, каде хигиеничарката го исчистила тоалетот и заклучила оти не сака повеќе да го чисти. Каде нема корпи за фрлање отпадоци. Седумдесет отсто од канализациите во школските тоалети се затнати бидејќи во нив се фрлаат производи за менструална хигиена. Кога ги прашуваме девојчињата зошто ги фрлаат средствата директно во тоалетите, тие велат: ‘Па нема корпи за отпадоци“, рече Доковска.

Здружението, кое веќе 10 години се залага за искоренување на менструалната сиромаштија, досега со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) адаптирале 28 школски тоалети според стандарди за управување со менструална хигиена. Дел од нив со помош на Амбасадата на Велика Британија во Скопје, а поголем дел со помош на Агенцијата за млади и спорт.

Меѓу последните активности на Здружението е тоа што ќе поднесат предлози за законски измени според кои, вработените жени во Македонија да имаат два дена менструално отстуство. Здржението исто така предлага субвенционирање на цената на производите за менструално здравје и намалување или укинување на ДДВ за менструалните производи, како и обезбедување бесплатни пакети со менструални производи за сите ученички во образовниот процес.

Здружението предлага и покрај тоалетна хартија, фирмите во тоалетите во женските кабини да имаат и менструални производи кои бесплатно ќе ги остават на располагање на жените, да има бесплатен пристап до менструалните производи во женските тоалети во трговските центри и во хотелските соби.

Последното истражување во Македонија, од 2024 направено со 1.118 испитаници, покажа дека 34 отсто од жените или 380 жени, немаат пристап до производи за управување со менструалното здравје. Во Србија, 31 отсто од анкетираните жени немаат пристап до производи за управување со менструално здравје, во Албанија 62 отсто, а во Косово 40 отсто.

Уметникот Озбек Ајваз изминатиот период преку герила-акции алармираше за недостатокот на јавни тоалети во Скопје

Ајваз во соработка со архитектката Натали Велеска на 18 мај прикажаа предлог-решение преку макета, односно конструкција со испринтан тоалет во Градскиот парк. Од страната на макетата имаше прикажано мапа на Градот Скопје, со означени локации каде би биле идеалните места во градот, каде што најмногу се најнеопходни тоалети за главниот град и општините.

Б. НЕСТОРОСКА

 

 

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира