ВРАБОТЕНИТЕ ЖЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА ДА ИМААТ ДВА ДЕНА МЕНСТРУАЛНО ОТСУСТВО, ПРЕДЛАГА ЗДРУЖЕНИЕТО НОВИНАРИ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

    ВРАБОТЕНИТЕ ЖЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА ДА ИМААТ ДВА ДЕНА МЕНСТРУАЛНО ОТСУСТВО, ПРЕДЛАГА ЗДРУЖЕНИЕТО НОВИНАРИ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВАПоследното истражување во Македонија, од 2024, направено со 1.118 испитаници покажа дека 34 отсто од жените или 380 жени, немаат пристап до производи за управување со менструалното здравје, рече Доковска. (Фото: СДК.МК)

    Вработените жени во Македонија да имаат два дена менструално отстуство е еден од предлозите за законски измени на Здружението Новинари за човекови права, кое ќе го достават до институциите откако ќе бидат формирана новата Влада и Собрание. Наташа Доковска од Здружението, кое веќе 10 години се залага за искоренување на менструалната сиромаштија, на денешниот Меѓународен ден за подигнување на свесноста за менструалното здравје, рече дека тие предлагаат субвенционирање на цената на производите за менструално здравје и намалување или укинување на ДДВ за менструалните производи, како и обезбедување бесплатни пакети со менструални производи за сите ученички во образовниот процес.

    Здружението исто така предлага покрај тоалетна хартија, фирмите во тоалетите во женските кабини да имаат и менструални производи кои бесплатно ќе ги остават на располагање на жените, да има бесплатен пристап до менструалните производи во женксите тоалети во трговските центри и во хотелските соби.

    „Со овие барања не измислуваме топла вода, сето ова го има низ Европа. Во однос на менструалното отсуство, бараме тоа да важи само за вработените жени, не и за ученичките. Знаеме дека ќе се бара начин да се злоупотреби тоа, но сигурно постои некој механизам за да не биде никој оштетен“, кажа таа.

    Доковска денеска меѓудругото  ја презентираше компаративната анализа од истражувањето за степенот на менструалната сиромаштија во Македонија, Србија и Албанија, а во рамки на проектот „Управување со ризик во секторот за вода, санитација и микропластика во регионот на Балканот“, поддржан од Министерството за животна средина на Германија и во партнерство со WECF Интернатионал.

    Последното истражување во Македонија, од 2024, направено со 1.118 испитаници покажа дека 34 отсто од жените или 380 жени, немаат пристап до производи за управување со менструалното здравје. Во Србија, 31 отсто од анкетираните жени немаат пристап до производи за упраување со менструално здравје, во Албанија 62 отсто, а во Косово 40 отсто.

    „Кај нас жените трошат во просек околу 250 денари месечно за менструација, тоа е без лекови за болки во стомакот и можно остуство од работа. Триесет и шест отсто од жените отсуствуваат од работа поради дисменореа (менструални болки)“, рече Доковска.

    На крајот на декември 2021, беше прифатен амандманот на советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ДОМ Теодора Крстевска, со кој средношколките во училиштата во Скопје под надлежност на Градот ќе добиваат бесплатни менструални производи. Во буџетот за 2022 за оваа намена беа предвидени 2 милиони денари (32.000 евра)

    Ниту во 2022, ниту во 2023 година средношколките од Скопје не добија бесплатни менструлани производи. Иако со буџетот на Градот за 2023 година за оваа намена беа предвидени 4 милиони денари (65.000 евра), средствата не се префрлија ниту се спроведе проектот.

    „Веќе две години средствата се обезбедени, а градската администрација е ингорантна по однос на спроведување на иницијативата. Бидејќи на моите советнички прашања одговор нема, одговорете им на граѓаните каде е проблемот. Можевме да бидеме пример, да бидеме први во Европа. Еднаш, барем еднаш наместо за личен интрес направете нешто за доброто на сите. Поддршката ја имате, средствата се обезбедени, каде е проблемот“, рече лани советничката на ЛДП Теодора Радончиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира