НЕ ИМ ДАВААТ МЕДАЛИ ОТИ СЕ ЖЕНИ, ПРВИ ТУЖБИ ЗА РОДОВА ДИСКРИМИНАЦИЈА ЗА ФЕДEРАЦИЈАТА НА БОРЕЧКИ СПОРТОВИ

НЕ ИМ ДАВААТ МЕДАЛИ ОТИ СЕ ЖЕНИ, ПРВИ ТУЖБИ ЗА РОДОВА ДИСКРИМИНАЦИЈА ЗА ФЕДEРАЦИЈАТА НА БОРЕЧКИ СПОРТОВИДосега се поднесени две тужби преку кои борачките сакаат да се изборат за еднаков третман со своите машки колеги (Фото: приватна архива)

Федерацијата на боречки спортови (ФБСМ) е првата спортска организација во Македонија тужена за родова дискриминација. Борбата за еднаков третман на жените во борењето ја предводи долгогодишниот тренер и прв човек на клубовите Тигар и Безбедност, Страшо Глигоров, кој заедно со борачките Олгица Коцева и Бојана Лазаревска ги покренал судските постапки поради нивното континуирано омаловажување и запоставување од Федерацијата.

Досега се поднесени две тужби, но спремаме уште три-четири, ако се најдат пари. Си дадов збор дека борбата ќе ја истерам докрај“, вели Глигоров.

Првата тужба била поднесена уште во 2019, но поминала цела година пред да влезе во судска процедура. Таа била поднесена со поддршка од Македонското здружение на млади правници, кое повеќе од 10 години работи на заштита од дискриминација.

Во неа се наведува дека ФБСМ прави дискриминација така што не врши рангирање на резултатите на борачките од изборните и државните првенства, не составува ранг-листа на најуспешните клубови во женско борење, не ги зема предвид резултатите во женското борење при формирањето на Управниот одбор, комисиите и телата на Федерацијата, а борачките и женските клубови не добиваат медали.

„Во 2018 освоив медал на Балканското првенство, па следниот пат не ме ни поканија да учествувам“, вели Бојана Лазаревска (Фото: приватна архива)

Исто така, во изминатите десетина години, Федерацијата предлагала само машки борачи во Агенцијата за млади и спорт за добивање стипендија преку програмите за спортски надежи, иако и женското борење е олимписка дисциплина.

Агенцијата досега долелила повеќе од 500 вакви стипендии, а меѓу нив нема ниедна борачка“, вели Глигоров.

Втората тужба, поднесена во мај 2020, се однесува на неповикувањето на борачките да учествуваат на светско и балканско првенство за кадети, иако имале право на тоа.

На овие првенства се предложени да учествуваат само машки борачи, притоа не земајќи ги предвид успехот и резултатите кои досега ги имаат постигнато женските борачи. Со тоа, Федерацијата им ја ускратила можноста на Бојана Лазаревска и Олгица Коцева да настапат на наведените првенства за кадети, иако согласно правилата на првенствата, на нив можеле да учествуваат и машки и женски борачи“, се вели во тужбата.

Една од тужителките, Бојана Лазаревска од БК Безбедност, смета дека ваквата ситуација може да се промени само ако се тргне сегашното раководство на Федерацијата.

Лично, бев многу дискриминирана. На државни првенства не ни даваа медали, туку само дипломи, борачите ги водеа на подготовки, нас не, за европско и балканско првенство сè сами си плаќавме. Во 2018 освоив медал на Балканското првенство во БиХ, па следниот пат не ме ни поканија да учествувам. Искрено, не знам зошто го прават тоа, но имам слушнато коментари во стилот ‘што ќе ни е женското борење‘“, вели Лазаревска.

Во мај 2019, преку Македонското здружение на млади правници била поднесена претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, која утврдила дискриминација во областа на родовите права и донела Општа препорака со која ФБСМ и сите останати спортски федерации треба да започнат постапка за усогласување на статутите и општите акти со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Глигоров е убеден дека ќе ги добијат тужбите, и покрај опструкциите со кои се соочуваат.

Тужбите се движат во добра насока, ќе ги добиеме сигурно. Имаме многу опструкции од Федерацијата, не доставуваат документи. Нашиот судски систем нема големо искуство со вакви случаи, но убеден сум дека ова ќе бидат први пресуди против дискриминација во спортот на Балканот“, вели Глигоров.

Г. КОНЕВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира