ОД 54 БАРАЊА ЗА НАДОМЕСТ НА ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО И ЗА УБИСТВО НА БЛИСКИ, ДРЖАВАТА ОДОБРИЛА САМО ЕДНА ИСПЛАТА ОД 500 ЕВРА

    ОД 54 БАРАЊА ЗА НАДОМЕСТ НА ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО И ЗА УБИСТВО НА БЛИСКИ, ДРЖАВАТА ОДОБРИЛА САМО ЕДНА ИСПЛАТА ОД 500 ЕВРАЖртвите смеат да поднесуваат барања за насилства врз нив кои се случиле по 25 мај 2023 година наваму, а тоа е датумот кога Комисијата почнала да функционира. (архивска фотографија)

    Порасна и бројот на насилства, семејни, врз жени, врз деца, има случаи на фемициди, претепување и повредување на бремени жени. Има и зачестено пријавување на силување на деца, а државата од 54 барања за надомест на жртви на насилство, одобрила само една исплата.

    Според статистиката што ни ја испрати Министерството за правда, граѓаните бадијала поверувале дека може да бидат обесштетени ако претрпеле насилство и го пријавиле во полиција. Иако, има и такви кои поднесувале неуредни документи, а и не исполнувале услов за отштета.

    Од февруари 2025 година кога до Комисијата за паричен надомест на жртви од кривични дела со насилство имало само 8 барања од жртви на насилство и нивни семејства. До септември бројката пораснала за 7 пати, но по разгледување и спроведување на постапката по предметите, Комисијата ги донела следните одлуки:

    • За 21 предмет постапката е во тек со тоа што за дел од предметите повикани се подносителите на барањата за доуредување на образецот за формата и содржината на барањето за исплата на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство, вршење на исправка и дополнување со дополнителна документација, како и за дел од предметите се очекуваат одговори од надлежните институции, органи и физички лица од причини што Комисијата со писмени дописи се има обратено за добивање на информации и податоци.
    • 32 предмета се завршени односно Комисијата има донесено 32 Решенија за одбивање и отфрлање, и тоа: за 18 предмети донесени се Решенија за одбивање како неосновани, од причини што не се исполнети условите од чл.9 и чл.11 од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, односно не ја исполнувале законската дефиниција за исплата.

    „Согласно член 9 од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство кривично дело со насилство подразбира: ,’кривично дело сторено со умисла со примена на физичка сила или со други дејства со кои настанува тешко нарушување на здравјето, како и родово базирано насилство врз жените и семејно насилство, кривичните дела поврзани со засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос, трговија со луѓе и трговија со дете, согласно со одредбите од Кривичниот законик, кривично дело со кое се повредува половиот интегритет или кривично дело со кое со општо опасно дејство, орудие или средство се доведува во опасност животот или имотот на лицето, што предизвикало смрт или тешки телесни повреди или тешко нарушување на физичкото или психичкото здравје на едно или повеќе лица, а е пропишано во Кривичниот законик како квалификаторен облик на основниот облик на кривичното дело’. Имајќи ја предвид горенаведената законска одредба во дел од предметите утврдено е дека не е сторено кривично дело со насилство во согласност со законската дефиниција, односно не е утврдено постоење на тешки физички и/или психички последици како резултат на кривично дело и дека не постои основ за исплата на паричен надоместок, бидејќи не е констатирано сторено кривично дело со насилство кое предизвикало тешки физички и/или психички последици“, вели Министерството за правда.

    Согласно член 11 од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство за дел од предметите донесени се Решенија за одбивање како неосновани поради тоа што не се исполнети условите за непосредна жртва од наведениот член, бидејќи под непосредна жртва се смета лице кое претрпело тешко нарушување на физичкото, или психичкото здравје како директна последица од стореното кривично дело со насилство.

    • За 4 предмети донесени се Решенија за отфрлање како неуредни и непополнети, од причини што не се исполнети условите од член 41 ст.3 и член 45 ст.1 ал.2 од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство,поради тоа што подносителите на барањата иако биле повикани да ги исправат и дополнат барањата, а тоа не го направиле во предвидениот законски рок од 30 дена согласно чл.41 ст.3 од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство и не е постапено по известувањето на Комисијата согласно Законот.
    • За 10 предмети донесени се Решенија за отфрлање како недозволени, од причини што не се исполнети условите од чл.45 ст.1 ал.1 од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, поради тоа што кривичното дело било сторено пред 25.05.2023 година, а право на паричен надоместок во согласност со одредбите од овој закон, имаат жртвите на кривични дела извршени по денот на започнувањето со примената на овој закон, односно по 25.05.2023 година.

    Еден предмет e позитивно завршен односно донесено е Решение за остварување на паричен надоместок, на жена жртва од семејно насилство во износ од 500 евра по основ солидарна помош за кривично дело Тешка телесна повреда при вршење семејно насилство.

    Жртвите смеат да поднесуваат барања за насилства врз нив кои се случиле по 25 мај 2023 година наваму, а тоа е датумот кога Комисијата почнала да функционира.

    Правото на надоместок се однесува и на оние кои се обиделе да спречат извршувањето на такво дело, како и на оние кои давале помош на жртвата или помагале на полицијата при приведувањето на сторителот. Надоместок може да се бара и ако сте член на семејството на жртвата која починала поради насилство.

    Услови за поднесување на Барање за остварување на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство се кривичното дело да се случило во Република Северна Македонија и тоа да биде евидентирано или пријавено до полицијата или јавното обвинителство кои треба да издадат соодветно известување.

    Право да побараат надоместок на штета имаат државјани на Северна Македонија, странски државјани, лице без државјанство или неевидентирано лице во матичната книга на родени. Правото на надоместок важи и ако сторителот не е познат или ако нема кривична постапка. На барање на жртвата, или на барање на родителот/старателот или полномошник, полицијата или јавното обвинителство се должни да издадат соодветно известување, записник за примање пријава, службена белешка или потврда дека делото е пријавено или евидентирано како кривично дело.

    Согласно член 13 ст.1 од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, предуслов за остварување на правото на паричен надоместок е кривичното дело само да е евидентиранo или пријавено во полиција или во Јавното обвинителство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира