ОСТАНУВААТ БЕЗ РАБОТА, А ТРЕБА ДА ГИ ВРАТАТ И ПАРИТЕ ЛУЃЕТО КОИ ПРВИН ДОБИВААТ, А ПОТОА ИМ СЕ ОДЗЕМА ИНВАЛИДСКАТА ПЕНЗИЈА

ОСТАНУВААТ БЕЗ РАБОТА, А ТРЕБА ДА ГИ ВРАТАТ И ПАРИТЕ ЛУЃЕТО КОИ ПРВИН ДОБИВААТ, А ПОТОА ИМ СЕ ОДЗЕМА ИНВАЛИДСКАТА ПЕНЗИЈАНикој нема да биде оштетен ако со закон се воведе мирувањето на работното место на работникот, ако се има предвид дека ова веќе важи за лицата кои ќе бидат избрани на функции. - Шалтер во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (Фото: СДК.МК)

Со голем проблем се соочуваат граѓаните кои станале неспособни за работа, а добиле времена инвалидска пензија, кога ќе се премисли комисијата и ќе им каже пу-пу не важи, работоспособни сте. Нема каде да се вратат. Работата веќе ја изгубиле, бидејќи до контролниот преглед, им се исплаќа времена пензија.

Овие случаи остануваат на улица, без егзистенција. Нема назад кај работодавецот. Остануваат и без плата, и без времена, и без инвалидска пензија.

Граѓаните на кои ќе им се укине времената пензија на задолжителниот контролен преглед (на пример, случајно на местото на изгубената рака, нога, да пораснале нови), должни се средствата од времената пензија да ги вратат до денар.

Народниот правобранител Насер Зибери минатата недела алармираше за овој недостаток на системот во правото на остварување инвалидска пензија. Во институцијата се насобрале вакви поплаки, луѓето кои ја изгубиле времената пензија, а и работата поради времената пензија, се во безизлез.

„Граѓанинот во постапка по негово или по барање на работодавачот за остварување на правото на инвалидска пензија, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, се упатува на преглед пред Комисијата за оцена на работната способност. Таа по извршениот преглед утврдува состојба и донесува наод и мислење, по кое Фондот за пензиско и инвалидско осигурување донесува решение со кое се определува времена инвалидска пензија. Граѓанинот се задолжува по една година да се јави на контролен преглед. По добивањето на вакво решение, нему му престанува работниот однос и работодавачот врши одјавување од работа“, вели Заменикот-народен правобранител Јован Андоновски.

Народниот правобранител Насер Зибери алармираше за овој недостаток на системот во правото на остварување инвалидска пензија и дека во неговата институција се насобрале вакви поплаки од луѓе кои ја изгубиле времената пензија. (Фото: К. Попов)

Меѓутоа, на контролниот преглед, продолжува тој, се јавуваат случаи на негативен наод и мислење, т.е. различен од првичниот врз основа на кој граѓанинот го користел правото.

„Така, на граѓанинот кој добивал инвалидска пензија таа му се укинува и се задолжува да ги врати исплатените парични средства. Од друга страна, тој откако ќе постапи по задолжението, не може да се врати на работа, заради прекинатиот работен однос“, укажува Андоновски.

Потоа повеќето од овие случаи влегуваат во голгота, се жалат до второстепена комисија, па поведуваат управен спор и тоа трае со години, а правдата не ја добиваат поради ригорозниот закон.

Народниот правобранител по бројните вакви претставки од граѓани се обратил до Владата и до надлежното Министерство за труд и социјална политика. Им предлага и начин како да се реши оваа слабост на системот, која егзистенцијално ги доосакатува луѓето. Бара работното место да им мирува на работонеспособните, додека Комисијата испитува, истражува и контролира да не оздравеле болните или инвалидизираните лица во меѓувреме.

„Предлагаме да се укине ставот 6 од член 130 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со коj е определено исплатување на времена инвалидска пензија до донесување решение на контролен преглед. Но бараме и да се разгледа можноста за создавање на дополнителен основ за мирување на работниот однос во Законот за работните односи, во случај кога на работникот му се исплаќа времена инвалидска пензија, до конечното решение на комисијата на задолжителниот контролен преглед“, вели Андоновски.

Народниот правобранител вели дека никој нема да се оштети ако со закон се воведе мирувањето на работното место на работникот, ако се има предвид дека овој институт веќе важи за лицата кои ќе бидат избрани на функции.

Министерството за труд и социјална политика уште лани во јануари го известило Народниот правобранител дека со Фондот за пензиско одржале состанок и оти ќе поднесат законски измени за да се регулира времената пензија.

Но, до денеска ништо тие не направиле. Такво нешто во Парламентот (кој патем речиси и да не работи), досега не е истакнато дека ќе биде на расправа и на гласање.

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира