МЕСТО ПРЕД УПРАВЕН СУД, ПА ВО СТРАЗБУР, МАЈКАТА НА ТОНИ САЛИ ВРАТЕНА ДА МОЛИ ЗА ИЗВОД КАЈ ШТО НИКОГАШ НЕ Ѝ ДАДОА ЗА ДЕТЕТО

МЕСТО ПРЕД УПРАВЕН СУД, ПА ВО СТРАЗБУР, МАЈКАТА НА ТОНИ САЛИ ВРАТЕНА ДА МОЛИ ЗА ИЗВОД КАЈ ШТО НИКОГАШ НЕ Ѝ ДАДОА ЗА ДЕТЕТОСлучајот на Тони Сали уште еднаш ги покажа на виделина сите аномалии на правосудниот систем: пробивање на законски рокови за постапување и одлучување, формалистичко толкување на закони и огласување на ненадлежност од страна на сите засегнати органи. (Фото: Фејсбук)

Државата продолжува да го малтретира семејството на матурантот Тони Сали од Скопје, момчето кое почина пред еден месец без матичен број, извод, лична карта, без здравствена книшка. Второстепената комисија за решавање управни предмети, која додека беше жив ги проби роковите и не одговори на жалбата на Тони, се разбуди откако дозна дека против неа мајката поднела тужба за молчење и непостапување во случајот на нејзиниот син.

Иако ги проби сите законски рокови за одговор, Второстепената комисија сега му одговара на починатото момче, со тоа што случајот повторно го враќа назад во Управата за водење матични книги која не му даваше извод. Со тоа ѝ прави блокада на мајката пред Управниот суд да се обиде да ја истера правдата и постхумно нејзиното дете да добие матичен број и умреница.

Без матичен број, таа не може ни посмртница да извади за детето.

„Оваа одлука на второстепениот орган случајно или намерно следи по поднесувањето на управна тужба од страна на мајката на Тони Сали, кој управен спор беше заведен токму поради молчењето на второстепениот орган. Во управната тужба беше наведено дека Тони Сали е починат и неговата мајка има правен интерес постхумно да бара негов упис во матична евиденција на родени, а потоа и во матичната книга на умрени. Токму заради новиот развој на околностите, со оваа тужба беше побарано Управниот суд мериторно да одлучува (да не ја враќа постапката отпочеток, н.з.). Но, сега со оглед на тоа што Комисијата го врати предметот пред првостепениот орган, мајката на Тони Сали ја изгуби можноста во овој момент да бара судска заштита пред Управниот суд, и повторно треба да кружи низ истите лавиринти пред пониските управни органи. Искрено, подобро ќе беше Комисијата и понатаму да си молчи и да ѝ овозможи на мајката на лицето што побрзо да ги помине инстанците пред домашните судови и конечно да ја бара правдата пред Судот во Стразбур“, вели адвокатката на семејството Тамара Славеска – Апостоловски, која ја поднесе управната тужба против Второстепената комисија.

Славеска – Апостоловски е згорчена од тоа што им го прави државниот апарат на социјално ранливите луѓе во Македонија.

„Случајот на Тони Сали уште еднаш ги покажа на виделина сите аномалии на правосудниот систем: пробивање на законски рокови за постапување и одлучување, формалистичко толкување на закони и огласување на ненадлежност од страна на сите засегнати органи. И уште еднаш, овој случај покажа дека токму овие слабости непропорционално ги погодуваат ранливите категории на граѓани, особено оние кои се правно невидливи“, вели адвокатката, која на семејството му е доделена од Министерството за правда како бесплатна правна помош.

Второстепената комисија ѝ даде напатствија на Управата за водење матични книги да го сочека исходот од граѓанската постапка за утврдување на татковство. Но, за парадоксот да биде поголем, граѓанскиот суд во меѓувреме беше побрз во одлучувањето, па се огласи за правосилно ненадлежен да постапува по тужба на лице кое не е запишано во матична евиденција, што според Славеска – Апостоловски, е сериозна повреда на правото на пристап до суд и правото на недискриминација на лицата без регулиран правен статус.

Ниту управниот орган, ниту граѓанскиот суд не се сметаат за надлежни во дадениот момент да одлучуваат по поднесените барања.

„И граѓанскиот суд, и управните органи, потполно потфрлија во неговиот случај. Граѓанскиот суд што не ја препозна потребата за донесување на правосилна пресуда која ќе биде основ за упис на лицето во матичната евиденција, а управните органи што чекаа повеќе од 3 години за да го упатат веќе починатото лице на парница, кое нешто можеле да го сторат многу порано“, вели таа.

Трагично е што една навидум едноставна операција – запишување во матична книга, со која неминовно секој граѓанин ќе дојде во контакт во текот на својот живот, е обременета со прекумерни формалности и дискреционо постапување на службените лица, кои немаат ниту волја, ниту пак интерес да ги подобрат своите капацитети и во своето одлучување да применат една поширока перспектива на заштита на човековите права, смета Славеска – Апостоловски.

„Законите ги изменивме, ги подобривме, но практиката си остана иста“, со жалење констатира таа.

„Го повикувам Министерството за правда во најбрз можен рок да постапи по барањето за надзор над работењето на Управата за водење на матични книги, кое беше поднесено од страна на Хелсиншки комитет во врска со овој случај, и ако се утврдат неправилности на службените лица, истите да бидат соодветно казнети“, вели адвокатката на починатото момче.

Управата за водење матични книги, со која раководи директорот Бујар Дардишта, го условуваше Тони Сали за да добие извод, да му биде впишан човек што не му е татко, место биолошкиот. Такви биле законите, а Управата работела по закон.

Проблем за Управата да даде извод е што Тони се родил во време кога неговата мајка сè уште не го имала раскинато бракот со бугарски државјанин со кого одамна не била во контакт. Во исти околности се родени неговите постари брат и сестра, но во Србија, и тие си имаат изводи на родени, со изјави на нивните биолошки мајка и татко.

Иако Тони беше роден во државна болница во Скопје, со ден и час на раѓање, со два живи биолошки родитела, значи со сите услови за да добие матичен број и извод, сепак до последно, Управата не го впиша во книгата на родени.

Не беше доволно ни тоа што во 2004 година, кога Тони имал 2 години, мајката го раскинала бракот со бугарскиот државјанин. По нашите закони, морало непознатиот човек да му се впише на детето биолошки татко (значи да се излаже во изводот), за тој да му биде даден, нешто што никогаш Тони Сали не го прифати.

Министерството за правда постапува по пријавата од мајката на Тони Сали, уште нема утврдено одговорност.

„Министерството за правда постапува по барањето за надзор над работењето на Управата за водење матични книги, во врска со случајот на Тони Сали. Ставот на Министерството за правда е дека интересот на детето требало да биде ставен над сè и токму од овие причини Министерството за правда иницираше и одобри бесплатна права помош за решавање на овој случај“, велат од Министерството за правда.

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира