ЕДЕН МЕСЕЦ ОТКАКО ПОЧИНА, ВТОРОСТЕПЕНАТА КОМИСИЈА ГО ПРАЌА ТОНИ САЛИ ДА ТЕРА ПРАВДА ПРЕД СУД

ЕДЕН МЕСЕЦ ОТКАКО ПОЧИНА, ВТОРОСТЕПЕНАТА КОМИСИЈА ГО ПРАЌА ТОНИ САЛИ ДА ТЕРА ПРАВДА ПРЕД СУДТони Сали почина на 26 мај, а Второстепената комисија деновиве го вратила случајот назад на решавање во Управата за матични книги, исто како да е жив. (Фото: СДК.МК)

Случајот на Тони Сали, 19-годишното момче кое почина на 26 мај без матичен број, идентитет и извод на раѓање, Второстепената комисија деновиве го вратила назад на решавање во Управата за матични книги. Исто како да е жив.

Не е ни чудо што Комисијата прави ваков црн хумор со трагедијата на ова момче, зашто матурантот Тони, одличен ученик кој мечтаеше да студира на Правен факултет, како што немаше извод на раѓање, така не доби ни умреница. Како да не се родил воопшто, како да не постоел.

Непосредно пред да почине, Тони Сали ја чекаше Државната комисија за решавање управни спорови во втор степен, да одлучи по жалбата од Управата. Управата одби да го впише во книгата на родени. Второстепената комисија доцнеше со решението, ги проби сите рокови, уште додека беше Тони жив.

Тони Сали не го дочека решението од Второстепената комисија на чие чело е претседателката Даница Чадиева, тој ненадејно почина во својот дом во скопско Шуто Оризари.

Адвокатката на починатиот 19-годишник Тони Сали, Тамара Славеска-Апостоловски. (Фото: Алсат М)

Адвокатката на Тони, Тамара Славеска-Апостоловски, ја извести нашата редакција дека по истек на рокот, Комисијата донела решение со кое се уважува жалбата против Управата што не му дава(ше) извод на Тони 19 години и дека предметот повторно се враќа таму. Решението содржи и напатствија за Управата за водење матични книги да ја чека одлуката на Граѓанскиот суд Скопје за утврдување на татковството на родителот на Тони Сали.

Но, пред да почине ова момче, Граѓанскиот суд се изјасни: „Не сме надлежни да одлучуваме за лица незапишани во Матичната книга на родени“.

Колку и да звучи апсурдно, овој случај е најсуровиот доказ дека овие институции не само што го убија Тони Сали, туку продолжуваат да се изживуваат и откако почина.

Сузана Салиу, Заменичка-народен правобранител која ја водеше постапката за Тони Сали, вели дека е шокирана од бизарниот однос на администрацијата и после неговата смрт.

„Многу ни е тешко што и пост мортем не покажавме хуман и логичен и природен пристап за случајот на Тони Сали. На секого да му е јасно дека човековите права, правата на граѓаните, се остваруваат пред првостепените органи. Во наши услови, кога некого ќе го поучите да се жали пред второстепените органи или судови, тоа е како да сте му фрлиле клетва! Бркај до недоглед! Дали може да се промени судбината на граѓанинот кога се има предвид фактот дека второстепените органи никогаш не одлучуваат мериторно? Затоа вие со години треба да се вртите во еден страшен бирократски рингишпил. Токму тука е клетвата за граѓанинот и комодитетот на државната аминистрација. Стојам зад тоа дека сепак Тони Сали е жртва на лошата администрација“, револтирана е Салиу.

Управата за водење матични книги, со која раководи директорот Бујар Дардишта, го условуваше Тони Сали за да добие извод, да му биде впишан човек што не му е татко, место биолошкиот. Такви биле законите, а Управата работела по закон.

Проблем за Управата да даде извод е што Тони се родил во време кога неговата мајка сè уште не го имала раскинато бракот со бугарски државјанин со кого одамна не била во контакт. Во исти околности се родени неговите постари брат и сестра, но во Србија, и тие си имаат изводи на родени, со изјави на нивните биолошки мајка и татко.

Иако Тони беше роден во државна болница во Скопје, со ден и час на раѓање, со два живи биолошки родитела, значи со сите услови за да добие матичен број и извод, сепак до последно, Управата не го впиша во книгата на родени.

Не беше доволно ни тоа што во 2004, кога Тони имал 2 години, мајката го раскинала бракот со бугарскиот државјанин. По нашите закони, морало непознатиот човек да му се впише на детето за биолошки татко (значи да се излаже во изводот), за тој да му биде даден, нешто што никогаш Тони Сали не го прифати.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

 


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира