НА СОВЕСТ ЌЕ ГО НОСИТЕ ТОНИ СИТЕ ШТО ИМАВТЕ ДОПИР СО НЕГОВОТО БАРАЊЕ ДА ДОБИЕ ИЗВОД НА РОДЕНИ, ВЕЛИ СУЗАНА САЛИУ, ЗАМЕНИК-НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ

Од Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера не добивме одговор дали ќе побара оставка од директорот на Управата за водење матични книги Бујар Дардишта и дали лично тој се чувствува одговорен што 19-годишното момче од скопска Шутка си почина без и да биде заведено дека некогаш било живо.

    НА СОВЕСТ ЌЕ ГО НОСИТЕ ТОНИ СИТЕ ШТО ИМАВТЕ ДОПИР СО НЕГОВОТО БАРАЊЕ ДА ДОБИЕ ИЗВОД НА РОДЕНИ, ВЕЛИ СУЗАНА САЛИУ, ЗАМЕНИК-НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛЕчеше плач вчера во домот на Тони Сали, толпа врсници дојдоа да се простат со другарот. (Фото: СДК.МК)

    Сите надлежни државни органи кои имаа допир со барањето на Тони Сали, а беа против неговиот упис во Книгата на родени, отсега овој случај ќе го преземат на својата совест, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК заменичката-народен правобранител Сузана Салиу, која со години се бореше и наидуваше на затворени врати кај институциите обидувајќи се да му помогне.

    Тони Сали почина во својот дом на улица Индира Ганди во скопската населба Шуто Оризари во средата навечер. Починал по прошетка. Неофицијално, обдукцијата не нашла траги на насилство кај момчето, туку дека настапила природна смрт кај него.

    „Тони во матичната земја каде беше роден, бараше само извод на родени, само утврдување на еден матичен број. Не бараше два матични броја, не бараше фалсификуван пасош. Го бараше најосновното човеково право“, вели Салиу, алудирајќи на големиот скандал со креирани фалсификувани матични броеви во Управата за матични книги на родените и со бизнисот во МВР на стотици пасоши на меѓународни криминалци со крадење на туѓ идентитет.

    Народниот првобранител со години водеше постапка за уписот на овој матурант во матичната книга на родени, но не успеа, бидејќи наиде на бирократско, непрофесионално и нехумано сфаќање и однесување на надлежните институции.

    „Народниот правобранител ги исцрпе сите можни законски механизми за Тони да се стекне со најосновното човеково право – да добие извод на родени. Изврши неколку увиди во просториите на матичните служби, со укажување дека овие органи во конкретниот случај флагрантно ги повредуваат основните човекови права и дека Законот за матична евиденција предвидува само упис на дете, а во ниеден случај незапишување на дете. Тие кон уписот на Тони се однесуваа како за упис на новороденче, игнорирајќи го фактот дека се работи за упис на возрасно дете, роден во државна болница во Скопје, уште во 2002 година“, огорчена е Салиу.

    Заменик-народната правобранителка Сузана Салиу ѝ укажала на Управата за матични книги дека мора да го запишат детето, зашто прават флагрантно кршење на човековите права. (Фото: СДК.МК)

    По веста за прераната смрт на 19-годишното момче, го прашавме директорот на Управата за водење матични книги Бујар Дардишта дали чувствува одговорност што администрацијата со која раководи на најбрутален начин ова дете го враќаше десетици пати, ги пробиваше роковите за одговор за да доцни со поднесување на жалби и буквално му ги одзеде најубавите години.

    Изразувајќи сочувство и жал до семејството, оттаму го добивме истиот одговор и ригиден став на Управата за овој случај. Признаваат дека согласно законот, барале од тој што не му бил татко, да обезбедат изјава дека Тони му е син. При жив свој биолошки татко крај него, при жива мајка, брат и сестра, место, ден, час на раѓање на Клиниката за гинекологија.

    Адвокатката на Тони, Тамара Славеска – Апостоловски тврди дека од Управата никогаш јасно не ѝ кажале на мајка му што бараат од неа, каков документ ли, ДНК-анализа ли, па дури и дека отишле дотаму  да спорат и дека му е биолошка мајка, а му го спореле и датумот на раѓање.

    Од Управата за водење матични книги велат:

    „Во врска со случајот на уписот на лицето Тони Сали роден 2002 година во Скопје од мајка Веселинка А, државјанин на Бугарија, ве известуваме дека детето е родено за времетраење на брачна заедница помеѓу неа и Стојан П., која е раскината на 21.10.2004 година. Согласно членот 50 од законот за семејство – брачниот другар на мајката се смета за татко на детето родено за времетраење на бракот или во рок од 300 дена по престанокот на бракот. Во конкретниот случај мајката иако по нејзино кажување не живеела со брачниот другар, во моментот на раѓање на детето била во брачна заедница и оттаму, задолжително е при запишување на детето како татко да се запише тоа лице со кое била во брак. Во повеќе наврати од страна на вработените од Управата за водење на матичните книги е објаснета постапката на мајката и потребата да се обезбеди изјава за согласност за упис на детето во матичната книга на родените од лицето со кое била во брак, но таква изјава не била доставена“.

    За одговорност и оставка, нема ни збор во мејлот од Управата.

    Одговор не добивме ниту од министерот за правда Бојан Маричиќ, под чија надлежност е Управата за водење матични книги, кого исто така го прашавме дали чувствува одговорност за случајот тој лично, а ако не, дали ќе бара одговорност од Дардишта.

    Колку многу му беше важно на Тони да ја добие навреме одлуката на Второстепената комисија за пред Управниот суд. Ја чекаше со нетрпение, веќе ја гледаше првата личната карта пред себе со матичен број, име, презиме, адреса и македонско државјанство, беше спремен да се запише на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кој толку го сакаше, фантазираше дека ќе го евидентираат на пописот, дури и дека ќе гласа на избори (Фото: СДК.МК)

    Последниот удар во долгогодишната голгота на момчето му ги зададоа Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен и Основниот граѓански суд Скопје.

    Откако во ноември лани Управата донела решение пак да не го впише Тони (сега веќе полнолетен) во Книгата на родени, неговата мајка преку адвокатката Тамара Славеска – Апостоловски поднела жалба до Второстепената комисија.

    САКАМДАКАЖАМ.МК тогаш ја контактираше директорката Даница Чадиева, која кажа дека веднаш ќе го земе предметот како итен да го работи и дека „Комисијата ќе донесе решение од најдобар правен интерес за детето“. Не само што го проби рокот оваа Комисија, туку до денеска нема донесено одлука.

    „Приоритетниот“ предмет на Тони Сали фаќа прашина кај Чадиева.

    А колку многу му беше важна навремената одлука на Комисијата за пред Управниот суд. Тони ја чекаше со нетрпение, веќе ја гледаше првата личната карта пред себе со матичен број, име, презиме, адреса и македонско државјанство, беше спремен да се запише на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кој толку го сакаше, фантазираше дека ќе го евидентираат на пописот, дури и дека ќе гласа на избори.

    Додека траеше изживувањето врз момчето во Управата за матични книги и во Второстепената државна комисија, адвокатката на Тони поднесе тужбено барање до Граѓанскиот суд Скопје за докажување на татковство, за на тој начин да добие матичен број и извод.

    Но, затоа што немал извод, спротивно на законите и меѓународните конвенции, судот експресно ја одбил тужбата.

    Истото го сторил и Апелациониот суд Скопје.

    „Против второстепената одлука може да се изјави ревизија како вонреден правен лек, по што ќе може да се изјави апликација пред Европскиот суд за човекови права. Но, во меѓувреме ја добив веста за прераната смрт на Тони, што дополнително го комплицира текот на постоечките постапки. И покрај сите предизвици, не се откажувам и ќе продолжам да издејствувам макар постхумна правда за момчето и за неговото семејство, кое сите овие години беше маргинализирано од страна на тромата бирократија и немањето слух кај надлежните органи и судови. Да не се повтори веќе ваков случај!“, изјавува неговата адвокатка – бесплатна правна помош, Тамара Славеска – Апостоловски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира