ПАЦИЕНТИТЕ ОД ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАР ГИ ВОЗАТ ВО ТОВАРНО КОМБЕ БЕЗ ПРОЗОРЦИ, СЕДИШТА, ВОЗДУХ И КЛИМА, 9 МЕСЕЦИ НЕМА НИ БЕРБЕР

    ПАЦИЕНТИТЕ ОД ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАР ГИ ВОЗАТ ВО ТОВАРНО КОМБЕ БЕЗ ПРОЗОРЦИ, СЕДИШТА, ВОЗДУХ И КЛИМА, 9 МЕСЕЦИ НЕМА НИ БЕРБЕРПациентите се оставени самите се грижат за бричење и стрижење, бидејќи на берберот договорот му истекол уште на 31 декември 2024 и не донеле нов бербер во болницата. (Фото: Психијатриска болница Демир Хисар)

    Во Психијатриската болница во Демир Хисар пациентите ги возат со товарно комбе без свеж кислород, прозор, клима уред и светлина, како да се пакети со стока. Единственото санитетско возило е неисправно и е вон употреба подолго време.

    Тешка, директна продолжена дискриминација кон пациенти со попреченост и тешка психичка состојба утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) извршена од Јавните здравствени установи (ЈЗУ) Психијатриска болница Демир Хисар, Психијатриска болница Скопје, Психијатриска болница Негорци и од Министерството за здравство.

    Станува збор за околу 750 пациенти со попреченост кои се сместени во овие три болници, каде се дискриминирани на најразлични начини.

    Овие пациенти живеат во услови под човечко достоинство, а во однос на нивната хигиена, во претставката поднесена до Комисијата за дискриминација, се наведува дека тие самите се грижат за бричење и стрижење, бидејќи на берберот договорот му истекол уште на 31 декември 2024 и не донеле нов бербер во болницата во Демир Хисар.

    „Работното место ВКВ работник-бербер/фризер предвидено е во Планот за вработување за 2025 година“, се вели во одговорот на Психијатриската болница Демир Хисар до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

    По овие шокантни факти, Комисијата самоиницијативно донела одлука да ја испита состојбата и во Психијатриските болници во Скопје и во Негорци, каде исто така констатирала дискриминација врз овие пациенти со попреченост.

    Во болницата во Демир Хисар работат 86 медицински сестри  од кои повеќето се со несоодветно образование: гимназија, земјоделско или средно економско. Таму има сместено 262 пациента.

    Во Психијатриската болница во Скопје има 328 пациенти. Од лекарите, осуммина се над 64 години, има и такви што сега ќе наполнат 67 години, а Министерството за здравство не вработува нови.

    И двете болници се жалат дека им фали не само медицински кадар, туку и хигиеничари.

    Болницата во Негорци има две санитетски возила за транспорт на пациентите (има згрижено 233), и нема ангажирано обезбедување, па објектот го чува персоналот на болницата. И таму фалат медицински кадри.

    Условите за живот се покатастрофални во Демир Хисар и Скопје. Лоша хигиена, катастрофална миризба од скршените тоалети, смрдеа на пот и урина во собите, влага по ѕидовите, провев, недоволно греење, стари засмрдени ќебиња, соби без врати… Во двете болници фалат лекови за пациентите.

    Законот за ментално здравје наредува: „Секое лице со ментална болест има право на обезбедување хумана и безбедна животна средина“.

    Но Комисијата утврдила дека овие пациенти сместени во наведените болници, кои се со акутни психички нарушувања, хронични психијатриски болести, психогеријатриски пациенти, потоа осудените лица со ментални нарушувања, пациенти со изречени воспитно-поправни мерки, пациенти со зависности и пациенти без социјална поддршка, се жртви на институционална маргинализација, системска негрижа и се осудени на нехумани услови за достоинствен живот и лекување.

    Поради ова, КСЗД утврди директна продолжена дискриминација од трите болници и Министерството за здравство. Го задолжи Министерството во Буџетот за 2026 година да предвиди средства за итни санации на болниците во Психијатриските здравствени установи, односно препорачаното да го исполни во рок од 180 дена од приемот на мислењето донесено и испратено месецов, септември 2025.

    „Се препорачува Министерството за здравство во рамки на најавената набавка на возила за прва помош, да предвиди и три нови возила кои ќе бидат наменети за психијатриските здравствени установи. Ова да се оствари за 90 дена од приемот на мислењето“, се вели во одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

    Комисијата бара Министерството за здравство да изгради и ново Судско-психијатриско одделение во Скопје и нова зграда за Геријатриско женско и хронично одделение во Демир Хисар. Рокот за ова е 180 дена од приемот на мислењето на Комисијата.

    Се бара и Министерството за финансии да даде согласност за вработувања на медицински кадар за трите душевни болници, во рок од 180 дена, како и трите болници да побараат нов инвентар и постелнина.

    Ако и едно од овие барања на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација не се исполни, таа вели дека ќе ги даде на суд Министерството за здравство, трите психијатриски болници и Министерството за финансии.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира