Претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка и во постапка од работен однос во втор степен, која треба да ги штити граѓаните од дискриминација и изживување од претпоставените, вознемирувала раководно лице во комисијата зашто донел поинаква одлука во предмет, а не каква што таа му наредила.
Откако овој раководител ја пријавил по повеќе основи и доставил конкретни докази против претседателката на комисијата Даница Чадиева, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила вознемирување од пријавената, врз основа на лично својство и општествен статус во областа на работата и работните односи, на вработен кој се спротивставил на нејзината наредба.
Пријавителот се пожалил до КСЗД дека претседателката со решение му го прекинала работниот однос, односно своеволно го избркала од работа, зашто му наредила да одбие жалба во предмет, а тој ѝ се спротивставил бидејќи сметал дека нема законски основ за одбивање. Поради ова, на 12 јануари 2020 година го избркала од работа, преку дисциплинска постапка.
Овој искусен државен службеник со 25 години работен стаж, од кои 16 години на непрекината раководна функција во Второстепената комисија, веднаш поднел тужба, а Граѓанскиот суд Скопје донел пресуда веднаш да биде вратен на работа. По него, и Апелациониот суд донел правосилна судска пресуда избрканиот службеник да биде вратен на работа.
Претседателката Чадиева морала да го врати назад на раководно место, но само во период за да се спроведат пресудите. На 14 март 2023, таа со ново решение го тргнала од работното место, го симнала три ранга подолу без никаков оглас, и следствено на новото место советник, му ја намалила платата.
Освен тоа, наведува КСЗД, кога оштетениот поднел барање за годишен одмор, генералниот секретар во Второстепената комисија донел решени да не му одобри. Дискриминираниот службеник поднел жалба до Агенцијата за администрација, која одбивателното решение веднаш го поништила. Пак Второстепената го одбива, пак Агенцијата застанува на страната на службеникот и носи обврзувачка одлука дека има право на годишен одмор.
Но, дискриминацијата продолжила понатаму. Додека сите вработени добивале пропусница за отсуство од работа двапати во месецот во траење од два часа, на пријавителот претседателката во август годинава не му давала таква дозвола. Од техничката секретарка усно му било кажано да престане да доаѓа и да ја замара.
Негативното однесување кон него продолжило. Во океан-системот во салата каде што работеле сите вработени, само неговото биро било поставено спротивно од сите останати, за да можело да му гледаат во мониторот што работи. Кога се затекнале во просторијата за умножување на материјалите, Чадиева донела одлука итно да биде тргнат од големата просторија заедно со вработените, го преместила во компјутерскиот центар, во просторија со еден вработен и со технички помагала.
Кога на 5 октомври дискриминираниот човек дошол во КСЗД да ја дополни претставката со овие нови моменти, се пожалил дека дискриминацијата и вознемирувањето продолжило и кога тој конечно отишол на годишен одмор.
„Поконкретно, претседателката на состанок на вработените им упатила закани дека по нејзиниот престанок на мандатот ќе ги остави без плата и придонеси, а со тоа и без здравствено осигурување. Со тоа што нема да овласти лице кое би било потписник. За ова во негативна конотација го спомнала името на пријавителот, па дала објаснување дека судскиот спор го добил затоа што таа не ургирала во судот. А судот, само поради неговата возраст, му го уважил тужбеното барање и го вратил на работа, иако бил виновен“, ги објави КСЗД заканите на претседателката за кои обезбедил докази човекот кого го вознемирувала.
Но и покрај тоа што сето ова вознемирување го утврдила Комисијата за заштита од дискриминација, парламентарното мнозинство кон крајот на ноември ја реизбрало Чадиева за претседателка во нов мандат.
Нападите кон службеникот се интензивирале.
Само на овој службеник претседателката му забранила да се качува на катот кај што била нејзината канцеларија, а каде всушност биле вработените. Освен ваквата физичка сегрегација, тој навел дека бил сегрегиран и во однос на видот на предметите за работа, па додека останатите колеги работеле различни видови предмети од различни странки, тој работел предмети само од една странка.
Комисијата за дискриминација ја донела следната препорака, со предупредување дека ако не се изврши, ќе поведе постапка пред надлежен суд:
„Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка и постапка од работен однос во втор степен, да го распореди административниот службеник на работното место кое го имал во време на престанокот на работниот однос – Раководител на сектор за здравство, труд и социјална политика, образование и култура, како и да го премести назад во канцеларијата каде претходно ја извршувал работата како Раководител на сектор. Распоредувањето и преместувањето да го стори во рок од 30 дена од денот на прием на ова мислење и за тоа писмено да ја извести КСЗД“.
Предметот е на заменикот-претседател на КСЗД Лимко Бејзароски, кој лично отишол во Второстепената владина комисија со која раководи Чадиева и го затекнал дискриминираниот службеник пикнат во мала канцеларија кај компјутерите, одвоен од останатите колеги.
С. К. ДЕЛЕВСКА