На осум месеци пред пензионирање, библиотекарката-советник и програмска раководителка со долгогодишно професионално искуство м-р Јелена Петровска е иселена од нејзината канцеларија во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола. Петровска вели дека буквално била протерана од канцеларијата со непрофесионална комуникација од новиот в. д. директор Менде Доневски, актуелен претседател на СОНК во установата, и пренесена во просторијата наменета како дневна соба, јавен и отворен простор за читателите од сите возрасти. Ова како случај на мобинг и дискриминација го пријавила во Трудовата инспекција, МВР и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
В. д. директорoт Менде Доневски, кој на оваа функција беше назначен пред два месеца, вели дека вработената долго време ја имала узурпирано канцеларијата наменета за стручна обработка, каталогизирање и сместување на музикалии, па и било соопштено дека ќе биде преместена во друга просторија која ги задоволува условите и тоа било направено без никакво насилство.
Петровска кажува дека обидите од директорот да ја избрка од канцеларијата започнале на 19 јануари кога ѝ рекол „ќе излезеш милом или силом“, иако според насоките на Трудовата иснпекција ако сакал да ја премести требало да најде канцеларија со истите услови.
„Следниот ден, на 20 јануари, во присуство на 6 до 7 лица кои носеа картонски кутии, директорот влезе во канцеларијата, ми го исклучи компјутерот додека работев и наложи на едно од лицата да го однесе во сосема ненаменски простор односно во дневна соба, каде претходен ден стави старо биро. Јас му укажав дека Трудовата инспекција беше кај него утрото и дека нема право да ме иселува на тој начин, тој ми рече да замолчам и да не зборувам“, вели Петровска.
Додава дека не може да добие ни синдикална заштита зашто Доневски, кој за в. д дошол од работното место библиотекарски соработник во магацин за задолжителен примерок, воедно е и претседател на СОНК во Библиотеката.
„Предложив да ме заштити друго лице од СОНК, но тој со потсмев ми рече дека треба да излезам и да не прашувам. Тогаш му кажав да не ги допираат моите лични работи и документи, сама ќе се спакувам. Ми даде рок од 45 минути и ми кажа пакетите да ги оставам на ходникот, а тој во текот на денот ќе ми каже каде да ги носам. Потоа портирите ги однесоа во простор јавен за корисници и ги оставија на под. Таму нема полици, ниту услови за сместување на документи и литература, правилници и закони кои се потребни за моите работни задачи“, вели Петровска.
Иако навремено ги подготвила и предала сите годишни извештаи и стручни планови за отпис и редење на новонабавената библиотечна граѓа и за тековно работење и реализација на проекти до в. д. директорот, вели дека добила опомени и против неа била покрената дисциплинска постапка.
„За сите овие наводи кои се покрепени со соодветна документацијва вклучувајќи го и неверојатната ароганција во однос на извршување на спротивни функции како што е раководен орган и претседател на синдикат, мора да биде санкциониран токму заради заштита на достоинството на библиотечната професија“, вели таа.
Петровска долги години работи во библиотеката, беше назначена за програмска раководителка од претходното раководство, беше директорка на установата од 2001 до 2006 и в. д. директорка од 2017 до 2018 година. Има богата професионална биографија, беше членка на Комисија за стручни звања од Министерство за култура заклучно со 2024, преставничка на библиотечното работење со две предавања во Кина пред 17 земји учесници, координаторка на бројни меѓународни проекти каде учествуваше со стручни трудови и како модераторка и предавач.
Директорот Доневски вели дека ова е инсцениран настан кој го руши угледот на Библиотеката и дека е изненаден од силното его на вработената која личните интереси ги ставила пред оние на установата која слави 80 години постоење.
„Констатирано беше узурпирање на просторија во изминатите околу 7 години од вработената, просторија која е наменета за стручна обработка, каталогизирање и сместување на музикалии, за што е соодветно опремена и е во склоп на основната професионална дејност на Библиотеката. Наместо тоа, вработената која патем е дел од претходното раководство, своеволно ја пренаменува во своја канцеларија, неизвршувајќи ги нејзините примарните задолженија кои се предвидени со описот и пописот на работните задачи и кои треба да ѝ се на прво место. Работното време го користи работејќи само на проекти пред сѐ за лична афирмација. Сакајќи просторијата да ја добие намената за која е опремена на вработената ѝ беше соопштено дека ќе биде преместена во друга која во потполност ги исполнува условите за ХТЗ заштита“, вели Доневски.
Според него, Петровска се спротивставила и повикала Трудова инспекција поради наводен мобинг, а потоа и полиција за наводен вербален напад.
„Лицата кои присуствуваа на настанот, како и други сведоци затекнати во тој момент во непосредна близина, го негираат тоа тврдење и подготвени се истото да го кажат и под заклетва пред надлежните органи. По извршениот увид од страна на полицијата направен е записник со кој не е констатирано дело на насилство. Со тоа доаѓаме до фактот дека вработената дала лажен исказ. И Трудовата инспекција констатира дека мобинг нема и се прогласи за ненадлежна за понатамошниот тек на настаните. По втор пат истата вработена лаже“, вели директорот.
Тој додава дека поради непостапувањето по наредба, неизвршувањето на работните задачи, оштетувањето на фондот како последица на негрижа, се одлучил против неа да биде спроведена дисциплинска постапка.
Според Законот за работни односи, член 179, работниците повозрасни од 57 години за жени уживаат посебна заштита. Според член 6 став 1 и 2, работодавачот на работникот е должен да му ги обезбеди сите потребни средства и работен материјал, за да може непречено да ги исполнува своите обврски и да му овозможи слободен пристап до деловните простории.
Ж. ЗДРАВКОВСКА