Деца со посебни потреби од Битола, кои до вчера ретко имаа можност да застанат на спортски терен и да фатат топка во рацете, сега учат да играат кошарка под водство на познатиот професионален кошаркар Мико Голубовиќ од Србија.
По ангажманот во повеќе тимови во Романија, Кипар, Србија, БиХ и Црна Гора, тој сега игра за Пелистер, а дел од слободното време го поминува учејќи ги на спорт децата со посебни потреби во Битола. Иницијативата е во соработка со Општина Битола и е обезбедена салата во основното училиште „Ѓорги Сугарев“, каде во вторник и четврток, од 17,30 до 18,30 часот, се одржуваат часови по спортски активности.
„Ова им го менува животот. Не само што ја развиваат моториката, туку имаат и други соништа, некои да пораснат високи, други да научат да даваат кошеви, трети брзо да трчаат“, велат родителите на децата.
Нема правило за возраста, секое дете може да дојде и двапати неделно да учествува во тренингот. Засега има десетина дечиња, но се очекува нивниот број да се зголеми откако ќе се расчуе веста.
„Целта е да имаат физичка активност, зашто по цел ден седат дома, да излезат, да се социјализираат, да им биде весело, бидејќи некои немаат контакт со други деца. Кога ќе дојдат во салата, ние се дружиме, салата ечи од смеа, прославуваме кога некој има роденден. Минатиот вторник дојде едно дете, кое никогаш немало допир со други деца“, раскажува Голубовиќ.
Никој друг не се нафаќал да ги тренира децата волонтерски.
„Ова го работам веќе три години, но лани имаше пауза. Па, од пред две недели почнавме пак. Бесплатно е, општината ја обезбеди салата. Мене една мајка ме контактираше, ми рече дека има дете, па дали ќе сакам да се организираат вакви активности. Од срце прифатив, зашто, како што ми беше кажано, никој друг не прифаќал. Досега ангажманот ми беше волонтерски. За годинава има најава дека, можеби, нешто ќе се плати, но јас не барам пари. Ако нешто сакаат да платат, во ред, ако не, нема проблем, ќе продолжам и понатаму со драга волја да помагам“, вели Голубовиќ.
Се случува кога времето е убаво, активностите да се изведат во парк, да седнат децата, родителите и тренерот на сокче, па да одат и до зоолошката градина.
Од локалната самоуправа, на децата со посебни потреби им беа доделени по два сезонски билети за машката ракометна Суперлига, за да можат да ги гледаат натпреварите во присуство на родител.
Ж. ЗДРАВКОВСКА