САМО ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ НЕМА МЕСТО ЗА ТРАЈНО ВРАБОТУВАЊЕ ВО АРМИЈАТА, УТВРДЕНА Е ДИСКРИМИНАЦИЈА КОН НИВ

    САМО ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ НЕМА МЕСТО ЗА ТРАЈНО ВРАБОТУВАЊЕ ВО АРМИЈАТА, УТВРДЕНА Е ДИСКРИМИНАЦИЈА КОН НИВПрофесионалните војници не се дискриминирани само во однос на останатите вработени во АРМ, туку и кон сите граѓани, бидејќи за војниците не важи Законот за работни односи кој вели дека по 5 години работа кај ист работодавач, тој е должен работникот да го вработи на постојано (Фото: СДК.МК)

    Професионалните војници на АРМ со кои влеговме во НАТО, по навршување на 45 години го губат работното место, бидејќи се вработени привремено и не може да им се трансформира договорот за постојано работно време во Армијата.

    Тие се единствената категорија вработени во Армијата кои немаат можност за склучување на договор за вработување на неопределено време, т.е. без можност на трансформација на работниот однос и се ставени во понеповолна положба со останатите вработени (активен воен и цивилен персонал).

    Поради тоа, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација од страна на Министерството за одбрана кон професионалните војници во служба на Армијата на Македонија врз основа на личен и општествен статус во областа на работата и работните односи.

    Професионалните војници не се дискриминирани само во однос на останатите вработени во Армијата, туку и кон сите граѓани, бидејќи за војниците не важи Законот за работни односи кој вели дека по 5 години работа кај ист работодавач, тој е должен работникот да го вработи на постојано, односно на неопределено работно време. Нашите професионални војници не 5, работат по 25 години во АРМ, постојано продолжувајќи ги договорите само на определено време.

    По поднесената претставка од Независниот синдикат на професионални војници лани во ноември, Министерството за одбрана на Комисијата за спречување на дискриминација ѝ одговорило дека за професионалните војници важи Законот за служба во АРМ кој е специјален, а не Законот за работни односи кој е генерален, за сите останати вработени граѓани во државата.  Дополнително и дека знаеле што потпишуваат војниците кога биле ангажирани во Армијата.

    Законот за служба во АРМ вели дека професионалните војници склучуваат договор на определено време на секои 4 години, зависно од подготвеноста, но најмногу до 45-годишна возраст, а потоа имаат право или да побараат отпремнина, или да ги преземат други државни или општински институции, без оглас.

    Но, Комисијата смета дека со ваквиот закон само професионалните војници се дискриминирани. Препорачува Министерството за одбрана да преземе мерки за правна сигурност и еднаквост на војниците во однос на другите вработени во Армијата, со што ќе обезбеди еднаков третман во поглед на работниот статус.

    „Се препорачува Министерството за одбрана да иницира постапка за изменување и усогласување на Законот за служба во Армијата со начелата на еднаквост и недискриминација, на начин што ќе се овозможи трансформација на работниот однос на професионалните војници од определено во неопределено работно време, согласно Законот за работните односи“, гласи донесената препорака до МО.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира