СЕ ПЛАШЕВ ДАЛИ ЌЕ МОЖАМ ДА РАБОТАМ, А СЕГА СО НАСМЕВКА ГИ СЛУЖАМ ГОСТИТЕ, ВЕЛИ ЏОЛЕ, ЕДЕН ОД ДЕСЕТТЕМИНА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВРАБОТЕНИ ВО КАФУЛЕТО „АМБРЕЛА“

СЕ ПЛАШЕВ ДАЛИ ЌЕ МОЖАМ ДА РАБОТАМ, А СЕГА СО НАСМЕВКА ГИ СЛУЖАМ ГОСТИТЕ, ВЕЛИ ЏОЛЕ, ЕДЕН ОД ДЕСЕТТЕМИНА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВРАБОТЕНИ ВО КАФУЛЕТО „АМБРЕЛА“На 7 ноември, во Градскиот трговски центар во Скопје беше отворено „Амбрела“, првото кафуле во кое гостите ги послужуваат лица со Даунов синдром, аутизам, физичка попреченост, оштетен вид (Фото: Ѓ. Личовски)

Многу сме среќни сите и многу ни е убаво што можеме да работиме како сите други луѓе, ни рече Ѓорѓи Сурловски-Џоле додека ја бришеше масата и го следеше неговиот колега како ни го носи кафето и чајот кое го нарачавме во скопското кафуле „Амбрела“, во кое половина од вработените се лица со попреченост.

На 7 ноември, во Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје беше отворено првото кафуле во кое гостите ги послужуваат лица со Даунов синдром, аутизам, физичка попреченост, оштетен вид… Ѓорѓи, кој ни рече да го викаме Џоле, и неговите пријатели, а сега колеги, работат по 6 часа, пет лица во прва, пет во втора смена. Секој од нив има различни обврски, како менување пепелници, собирање чаши, бришење маси, послужување на гостите или работа во кујна. И покрај нивните пречки тие тоа го прават со задоволство, со насмевка на лицето и кога ги носат нарачките, на гостите не забораваат да им кажат „повелете“ и „благодарам што нè посетивте“.

И покрај нивните пречки тие тоа го прават со задоволство, со насмевка на лицето и кога ги носат нарачките, на гостите не забораваат да им кажат „повелете“ и „благодарам што нè посетивте“  (Фото: Ѓ. Личовски)

„Многу се плашев дали ќе можам да работам, а многу сакав да се вработам. Мано и професорките ми велеа да не се плашам и веруваа во мене. Сега имам работа и многу ми се допаѓа дека работиме во смени, одиме прва и втора смена. Имаме и униформи. Секој ден сум подобар во работата, со насмевка стигнувам на работа и си заминувам дома. Имавме обуки и на нив ни кажуваа дека треба да сме постојано насмеани и дека може да имаме гости кои некогаш не се расположени. Но, досега сите гости се супер со мене“, ни рече Џоле кој има физичка попреченост и е еден од десетте лица со попреченост вработени во кафулето „Амбрела“.

Сопственикот на локалот Марјан Петров, кој е социјален работник, вели дека решил да отвори кафуле во кое ќе вработи лица со попреченост за да се намалат стереотипите во јавноста за овие лица и да добијат шанса да покажат дека можат да работат и да заработуваат.

„Во остварување на идејата ми помогнаа професори и мои колешки од Филозофскиот факултет. Размислувавме каде е добро да го отвориме локалот и јас бев за варијатна да е убаво познато место во центарот на градот, каде има поголема раздвиженост и повеќе гости, за да бидат уште повеќе видливи овие лица. Кај нас на оваа категорија луѓе не им е даден доволно акцент во општеството, тие постојат, но никој не ги гледа. Овде не ги третираме како лица со попреченост. Ги имаат истите права како останатите вработени, не ги делиме. Детето што ве послужи сега е албино со оштетен вид, но работи перфектно“, вели Петров.

„Сега имам работа и многу ми се допаѓа дека работиме во смени, одиме прва и втора смена. Имаме и униформи. Секој ден сум подобар во работата, со насмевка стигнувам на работа и си заминувам дома“, вели Ѓорѓи кој е со физичка попреченост и е еден од вработените во кафулето (Фото: Ѓ. Личовски)

Пред да почнат со работа тие посетувале обука, првиот дел во просториите на Филозофскиот факултет кој го поддржа овој проект, каде учеле вештини за комуникација со гостите, а потоа во кафулето се обучувале како да послужуваат.

Лицата со попреченост, според законот, не смеат да наплатуваат. Затоа во локалот има вработено келнери кои ги прават нарачките, на вработените на шанк им ја кажуваат нарачката и откако таа ќе биде готова лицата со попреченост ја земаат од шанкот и ја носат кај гостите. Оние кои работат во кујна, ги редат чашите во машини и им помагаат на вработените.

Во локалот има вработено келнери кои ги прават нарачките, на вработените на шанк им ја кажуваат нарачката и откако таа ќе биде готова лицата со попреченост ја земаат од шанкот и ја носат кај гостите (Фото: Ѓ. Личовски)

Петров вели дека целта на локалот не е да направат перфектна услуга, туку луѓето да сфатат дека и овие лица треба да имаат место во општеството.

„Треба да се менуваме, уште имаме случаи кога родители не сакаат со нивните деца да учат деца со попреченост. Едно од момчињата кои се вработени, работело во пекара, но добило отказ оти луѓето не сакале да купуваат од него. Токму поради ваквите стереотипи, треба што поголем број локали да вработат барем едно лице со попреченост“, додава Петров.

А. АНТЕВСКА

 

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари