Скопјанецот Димче Ордевски, тужител чиј предмет Граѓанскиот суд Скопје му го затворил зашто не дошол три пати на судење, тврди дека покана за суд никогаш не добил.
Разочаран од неправдата што му е сторена, тој на Јутјуб објави видеоснимка од камерата што ја има поставено дома, на која се гледа како машко лице со коверти ѕвони, и откако двапати не му отвора никој, ковертите си ги враќа в торба и си заминува. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК тврди дека тоа е реонскиот поштар.
Поштарот го известил Граѓанскиот суд дека Ордевски ги примал поканите. Судијката информирана дека тужителот Ордевски добил известување, закажувала рочишта, на кои Ордевски не доаѓал. По три недоаѓања на тужителот, таа го затворила случајот.
Судската достава кон граѓаните сè уште е рак-рана на судството поради која што граѓаните трпат огромни и ненадоместливи штети и досега тој проблем никој не го среди.
Граѓани и адвокати тврдат дека за некои од постапките никогаш не добиле покани за судски рочишта. Има и такви адвокати кои одат дотаму да се сомневаат дека понекогаш спротивната страна успева да го дознае реонскиот разнесувач на поштенски пратки, и да го потплати за да не го најде адресираниот. Се сомневаат и на фалсификување на потписите на граѓани на кои во други прилики им носеле пошта и кои веќе се потпишувале во нивната евиденција.
Поштарите тврдат дека такви злоупотреби во службата никому не му паѓа на памет да се осмели да направи. Судовите немаат избор, ѝ веруваат на Поштата, која со штембил ги известува дека поканите за суд ги врачува или ги остава во сандачиња. Нема механизам да се види дали лаже поштарот, или граѓаните кои чекаат покани за на суд.
Поради тоа е посебен случајот на Ордевски, кој од причина што судот не му верува, се охрабрил да објави снимка од безбедносната камера, со која тврди дека го фатил поштарот дека всушност не му остава никакво известување за на суд, каде тој бил тужител.
Со тоа известување тој потоа требало да оди во пошта да си ја подигне судската покана.
Но, овој граѓанин е лут и на Граѓанскиот суд, зашто вели дека во времето кога чекал покана за неговото рочиште, а никако таа не стигнувала, бил неколку пати на шалтерот број 18 за да праша до кај е неговиот предмет. Иако предметот бил вратен од Апелациониот суд Скопје уште во април 2019 година, тој тврди дека на шалтерот го лажеле: „Предметот уште ти е во Апелација“.
Додека му кажувале дека предметот уште му е во Апелација, судијката во Граѓанскиот суд веќе си закажувала рочишта и во февруари 2020 година, откако на три закажани судења Ордевски како тужител не дошол, таа го затворила случајот, а тој никогаш не си ги наплатил средствата за кои тужел и кои Апелација му ги признала во жалбата.
Ордевски тужел потстанарка за долг од сметки за комуналии кои не ги плаќала со години, но и за оштетувања во неговиот стан и за предмети што ги изнела оттаму, а не биле нејзини.
Оштетениот тужител Ордевски бил кај одговорните лица во Пошта, каде им ја пуштил видео-снимката на која се гледа дека поштарот не остава никакво известување кај него дома. Поднел претставка до Судскиот совет против судијката што го затворила неговиот случај, а му пишал и на претседателот на судот.
„Јас Димче Ордевски од Скопје немам добиено никаква покана за Судско рочиште, иако цело време од мај до крајот на ноември 2019 година бев во Скопје. Во мај, јуни, септември и октомври 2019 година лично одев на шалтерите на Основен граѓански суд Скопје. На шалтер број 18 ми беше кажувано дека предметот сè уште е во Апелација, а предметот бил вратен на крајот на април 2019 година во Основниот граѓански суд Скопје на повторно судење“, пишува во претставката до Судскиот совет, од кого Ордевски вели дека уште нема одговор.
Во претставката се жали и за хонорарите што му ги плаќа на адвокатот на потстанарката, за кои дознал дури лани кога извршител му ја блокирал сметката во суд.
„Во врска со овој горенаведен предмет/решение, наоѓам дека хонорарите се погрешно пресметани со поголем износ, а тоа го кажува и Увидот направен од страна на адвокатот Х. З. од март месец и јасно се гледа дека е направена математичка грешка која треба да се исправи. Треба да се исправи и парите да ми се вратат назад од оној што ги касира, од адвокатот“, бара Ордевски во претставката.
Тој во прилог поднел и копија од пасошот за влез и излез од Македонија, за да не тврди судот дека во периодот додека „го канеле“ за суд, бил во Германија, каде често патувал кај синот.
„На одење за Германија на 21.11.2019 оставив полномошно на еден комшија за ако дојде извештај да може да го подигне од пошта и ако е нешто итно да ангажира и адвокат. Сето време немаше ништо, сè до септември 2020 година кога видов дека сметката во банка ми е блокирана од страна на извршител“, тврди Ордевски.
„Исто така, имам доказ од безбедносна видеокамера дека поштарите воопшто не ни разнесуваат пошта, или пак, писмата ги пуштаат во туѓи поштенски сандачиња. Еве јас кај мене пронајдов две такви, а луѓето чекаат пошта од некаде. Исто така имам и доказ (видеоснимка) дека поштарот носи препорачано писмо, дома нема никој и притоа тој не остава бело ливче – известување за да се подигне пратката од Пошта“, додава овој пензионер во претставката до Судскиот совет.
Тој се жалел и до Поштата, со видео-снимката како доказ.
„Одговорниот и покрај доказот, беше на страна на поштарот. Гледаше во компјутерот за судските пратки, но рече дека биле избришани. Како може тие податоци да се бришат, а нашите сметки од пред 20 години наваму да не се бришат, и да ги плаќаме и по 100 пати повеќе со камати?“, прашува Ордевки.
Тој вели дека кога се враќа дома, ја проверува видеокамерата, која снима 24 часа секој ден. Брзо се прелистува снимката и дали има некоја случка или пратка од Пошта, јас знам, вели Димче.
Тој се жали на службениците на шалтеритe и вели: „На шалтерите ни даваат грешни информации, па така оваа нивна шега, мене ме чини преку 5.000 евра штета, без моја вина“.
Граѓанскиот суд Скопје вели дека таму се водела постапка по тужба на тужителот Димче Ордевски од Скопје, по основ раскинување на договор за закуп и надомест на штета. Во врска со неговата тужба била донесена пресуда на 09.03.2018 година со која тужбеното барање на тужителот е одбиено како неосновано.
Откако првиот пат изгубил пред Граѓанскиот суд, Ордевски поднел жалба до Апелација преку неговиот адвокат. Постапувајќи по жалбата, Апелациониот суд Скопје донел пресуда на 21.03.2019 година со која делумно ја уважил жалбата на Димче, така што првостепената пресуда била потврдена во делот на изреката по однос на раскинот на договорот и неплатените закупнини, а била укината во делот на изреката по однос на надоместот на штета за однесени и оштетени ствари, како и за парничните трошоци, и во тој дел предметот го вратил пред првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.
„По одлучувањето од страна на Апелациониот суд Скопје и враќањето на предметот во Основниот граѓански суд Скопје, тој е презаведен под нов П4-272/19. При тоа судијата постапувајќи по напатствијата на повисокиот суд, закажал рочиште за главна расправа за ден 10.09.2019 година, кое било одложено со оглед дека полномошникот на тужителот со поднесок од 12.04.2019 година го известил судот дека повеќе не е полномошник на тужителот, имено тужителот му го откажал полномошното како за овој предмет така и за другите предмети, додека пак поканата за закажаното рочиште која била експедирана до тужителот лично, се вратила во судот со назнака: ‘Известен, не побарал’. Судот закажал наредно рочиште за ден 28.11.2019 година, кое рочиште исто така било одложено со оглед дека поканата до тужителот се вратила во судот со назнака: ‘Известен, не побарал’, следствено на што судот донел решение тужителот да се повика преку огласна табла на судот, а сето ова согласно одредбите за достава предвидени во Законот за парнична постапка. Наредното рочиште било закажано за ден 26.02.2020 година, на кое рочиште тужителот уредно повикан на огласната табла на судот, не се појавил ниту пак својот изостанок го оправдал. Поради тоа судот донел решение со кое тужбата се смета за повлечена. Решението станало правосилно на 25.03.2020 година, а извршно на 09.04.2020 година“, се вели во одговорот на Граѓанскиот суд Скопје до САКАМДАКАЖАМ.МК. .
Веројатноста да се шета човек по судови за да види случајно да не го закачил некој судија на огласна табла за да го кани за судење, е рамна на нула. Но, законот им ја дава ваквата комоција на судовите да си играат со човечки судбини, за да може е полесно да ги затворат предметите и да прикажат дека ја сработиле нормата.
С. К. ДЕЛЕВСКА