Сончевиот град на периферијата на главниот град во атарот на селото Сопиште никако да види сонце. Неговата изградба почнува секој веќе токму 10 години, но место луксузна населба од која требаше да се офајдат и мештаните, во Сопиште зјаат голи ридови.
Јужната страна на Водно, резервирана за Сончевиот град е прекриена со грмушки, дрвја и карпи. Од идната населба видлив е само патот. Тој го пресекува Водно и се спушта во Сопиште, за жителите на новата населба да не кружат преку Кисела Вода. Патот во најголем дел е веќе изграден. Сега се уредува спојот со главната улица во Сопиште. Се прави голема крстосница со кружен тек на која работат двесеттина градежници. Едни поставуваат рабници, други ги бетонираат, трети поставуваат тампон…
Мештаните кои ја следат нивната работа се прашуваат зошто државата не направи таков пат и низ селото.
„И нам ни треба ваква широка улица, не само на оние што ќе дојдат тука да живеат“, вели продавачка во локалното дуќанче лута што државата на сиромашните им прави тесни улици и не ги поправа кога ќе се уништат.
Поделбата на богати и сиромашни во Сопиште е многу израена.
„Ако ги барате богатите свртете десно, се друго е сиромаштија. Од десно ќе се прави и новиот град, ете тука над новата раскрсница“, велат мештаните.
Таково објаснување и не е неопходно. Луксузните градби на едната страна зборуваат сами. Околу нив е празно, за разлика од другиот дел на Сопиште каде што жителите во речиси секој двор се подготвуваат за зима. Редат дрва за огрев, прават зимници, чадат оџаците од секоја куќа…
Новите комшии ќе ги добијат по неколку години. Турската компанија „Џеваир холдинг“, последен сопственик на земјиштето за Сончев град, за да почне да ја гради елитната населба, чека да се заврши изградбата на инфраструктурата. Патот, кој чини 6,7 милиони евра е во завршна фаза, а водоводот, според најавите, ќе биде изграден до крајот на следната година.
Водоводот и канализацијата заедно ја чинат државата 9,5 милиони евра. Компанијата го купи земјиштето за 1,7 милиони евра од државата и се обврза да ја изгради елитната населба во која ќе има околу 600 куќи, училиште, градинка, спортски терени, зелен појас и трговски центри. Во рок од шест години, треба да бидат изградени барем 10 отсто од содржините.
Турците се трето решение за изградба на Сончев град. Пред нив земјиштето од државата го купија Изралеци, односно компанијата „Индустриал билдинг корпорејшн“ за 3,6 милиони евра во 2007 година. Тие се обврзаа да го изградат Сончев град до 2011 година, но се откажаа оти утврдија дека парцелата понудена на тендерот е различна од онаа на терен, поднесоа и тужба против државата која во 2011 година спогодбено ја повлекоа и официјало се откажаа од проектот.
Одлуката, пак, да се гради Сончев град е донесена уште во 2006 година. Тогашниот министер за транспорт и врски Џемали Мехази, со заклучок на Влада, требаше со непосредна спогодба да го продаде земјиштето на германската Бихард Констракшн Интернешнал, заинтересирна да ја изгради елитната населба. Непосредната спогодба ја спречи тогаш Антикорупциската комисија која го предупреди министерот дека пред избори не смее да отуѓува државен имот, а по изборите Германците се предомисија. Се повлекоа оти утврдија дека има нерасчистени имотно-правни односи. Тие открија дека дел од земјиштето за Сончев град државата го дала на користење на винаријата Сковин, а поради продажбата на земјиштето и го одзела корисничкото право, на што винаријата се жалеше.
Земјиштетото на Израелците им го продаде Миле Јанакиески во првиот мандат како министер.