СОПСТВЕНИК НА СТАН ВО ВЛАЕ ЈА ИЗБРКАЛ КИРАЏИКАТА ЕДЕН ДЕН ОТКАКО СЕ ВСЕЛИЛА, СОСЕДИТЕ МУ СЕ ПОЖАЛИЛЕ ДЕКА БИЛА РОМКА

СОПСТВЕНИК НА СТАН ВО ВЛАЕ ЈА ИЗБРКАЛ КИРАЏИКАТА ЕДЕН ДЕН ОТКАКО СЕ ВСЕЛИЛА, СОСЕДИТЕ МУ СЕ ПОЖАЛИЛЕ ДЕКА БИЛА РОМКАЖената се вселила на 15 октомври и веќе следната вечер околу 23 часот пред полноќ, сопственикот ѝ наредил: „Мора да го напуштиш станот, се бунат останатите станари оти си Ромка“. (Фото: Пекселс)

Скопјанка експресно поднела претставка и добила случај во Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), откако сопственик на стан во скопско Влае првин ѝ го изнајмил станот, а само ден по вселувањето, ја иселил. Образложението било: „Станарите се бунат оти си Ромка“.

Оваа сограѓанка, сама и со дијабетес, се пожалила и во агенцијата за недвижнини преку чие посредство го нашла станот и го склучила договорот за закуп, но и оттаму ѝ било кажано истото: „Верувај дека човекот има многу голем притисок од комшиите. Не те сакаат оти си Ромка“.

Толку било итно иселувањето на станарката од една ноќ, што сопственикот на станот ѝ ја вратил однапред платената кирија за еден месец, ѝ дал уште толку отштета (вкупно 600 евра) и плус 8.000 денари за трошоци за иселување.

„Се утврдува директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, раса, припадност на маргинализирана група, етничка припадност и семејна или брачна состојба во областа на домување и пристап до добра и услуги сторена од сопственикот на станот, врз оштетената станарка“, наведува КСЗД во донесеното мислење објавено со заштитен идентитет, односно имиња на странките во постапката.

На сопственикот му препорачува во иднина да се воздржи од дискриминаторско однесување при склучување на договори за закуп на недвижнини кои се во негова сопственост, во спротивно од Комисијата ќе биде пријавен до надлежен суд.

Подносителката на претставката преку агенција за недвижнини барала стан за подолг престој под кирија. Го нашла овој во Влае, отишла со пријател да го разгледа. Го бендисала и веќе на 13 октомври со сопственикот потпишале договор за закуп. Му платила една кирија депозит и половина за октомври.

Жената се вселила на 15 октомври и веќе следната вечер околу 23 часот пред полноќ, сопственикот ѝ наредил:

„Мора да го напуштиш станот, се бунат останатите станари оти си Ромка“.

Подносителката ова ја вознемирило.

„Немам кај да одам. Имам дијабетес. Кои се причините поради кои барате да се иселам?“, прашувала таа вознемирена.

Утредента по скалите ја сретнала сосетката од станот број 11, ја прашала што им смета кај неа? Зошто се жалеле кај сопственикот на станот кој го закупила?

Сосетката на ова изненадено ѝ одговорила дека не знае за што се работи оти воопшто не ѝ пречи нејзиното присуство.

КСЗД во овој случај утврдила продолжена, интерсекциска дискриминација, како потежок облик на дискриминација.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира