ЗА ДА НЕ МУ ДАДЕ 5.000 ДЕНАРИ ЗА ТУЃА НЕГА, ДРЖАВАТА ИЗБЕГНУВА ЗДРАВСТВЕН ПРЕГЛЕД НА СКОПЈАНЕЦ СО НОГА ПОКУСА ЗА 10 САНТИМЕТРИ И ДУЗИНА ДРУГИ БОЛЕСТИ

ЗА ДА НЕ МУ ДАДЕ 5.000 ДЕНАРИ ЗА ТУЃА НЕГА, ДРЖАВАТА ИЗБЕГНУВА ЗДРАВСТВЕН ПРЕГЛЕД НА СКОПЈАНЕЦ СО НОГА ПОКУСА ЗА 10 САНТИМЕТРИ И ДУЗИНА ДРУГИ БОЛЕСТИВасе Стојановски има вкупно 4 пресуди во негова корист, но Стручната комисија место да го прегледа во живо го одбива врз основа на увид во медицинската документација. (Фото: СДК.МК)

И со 4 добиени пресуди пред Управниот суд, скопјанецот Васе Стојановски (63) кој има лекарско конзилијарно мислење дека треба да добива месечна помош од државата за туѓа нега, не може да ја натера надлежната комисија да го викне и да му изврши лекарски преглед. Тој живее сам, нема семејство. Од дете има пократка нога за 10-ина сантиметри, нема колк. Има и дискусхерниа, полиартроза, непрестани болки во рбетот, во колковите односно во едниот колк. Здравствената состојба му се влошува.

До неодамна земал гарантирана минимална помош од 6.300 денари, па и таа сега му е скратена на 4.200 денари. Беспомошниот болен човек, кому овие пари му се единствениот приход, сега е принуден да поднесува жалби и да се врти во лавиринт со физичката сила што ја нема, и за овој проблем.

Стојановски со помошта за туѓа нега се бори некако да дојде до 8-9 илјади месечно, зашто неговиот живот со 4.000 денари не е живот.

Државата од 2017 го врти во круг тешкоподвижниот Стојановски, кому поради здробен колк на 9-годишна возраст едната нога му е пократка за 10 сантиметри. Македонското здружение на млади правници правно му помага на Стојановски, но надлежните органи остануваат глуви дури и на пресудите од Управниот суд, одбивајќи да постапат по упатствата што ги дава во нив.

Здружението во јуни поднело претставка до Народниот правобранител за одбивањето за туѓа нега по четврти пат. Народниот правобранител Насер Зибери веднаш отворил предмет и писмено побарал информации од институциите за случајот на Стојановски. Одговорот во моментов се чека.

„Седма година се борам за помош за туѓа нега. Татко ми почина пред 31 година, ме тераа од него пензија да барам. Здравствената состојба ми се влошува секој ден. Ми треба инвалидаска количка веќе, а до скоро не ми беше таква состојбата, се движев само на патерици. Како дете на 9 години бев опериран, немам колк. Вродена аномалија имав. Поради тоа, ногата цел живот ми е пократка за 10-ина сантиметри“, ја кажува Стојановски својата мака.

Го прашуваме дали има личен асистент доделен од Министерството за труд и социјална политика, да му испазари барем на секои три дена, но Стојановски вели дека тоа е нешто незамисливо за него во моментов.

„Тие не ми го признаваат конзилијарното мислење, па асистент ќе ми давале“, вели тој.

Кога првпат во 2017 поднел барање за туѓа нега со лекарско мислење од болницата „8 Септември“, социјалната служба го одбива. Поднесува тужба до Управниот суд, добива. Управниот суд дава упатства Васе Стојановски да биде викнат и прегледан пред комисија, а не само да им ги праќа документите и само на база на хартиите да носат одлука за неговото барање.

Му се обраќа таа комисија формирана од Министерството за здравство за овие наоди и мислења и повторно врши само увид во документите. Не го повикуваат во живо, додека тој седи дома до телефонот и чека комисијата да постапи по судската пресуда. Го одбиваат по вторпат.

Стојановски пак оди пред Управниот суд, судиите пак пресудуваат во негова корист, ги даваат истите напатствија за комисијата. Во одлуката нотираат дека комисијата не постапила по овие упатства напишани веќе во првата пресуда во корист на тужителот Стојановски. Но одбиван е уште двапати и добива уште две пресуди пред Управниот суд.

„Така, одговорноста се префрла од една на друга државна институција во случајот на Стојановски од 2017 година до денеска. Тој има вкупно 4 пресуди во негова корист, во ситуација кога во секоја од нив Судот предупредува дека не се постапува по неговите упатства. Целиот систем е неефикасен. Стручната комисија за наод, оцена и мислење за ова право во континуитет не врши непосредни прегледи, туку единствено врши увид во медицинската документација и врз основа на тоа го одбива. Овој тешко подвижен човек живее сам, со 4.200 денари од правото на гарантирана минимална помош кои му се единствен приход. Откако му го намалија износот на ова право од 6.300 на сегашните 4.200 денари месечно, Стојановски има грижа на совест дека тоа му го сториле бидејќи ја победува државата преку Управниот суд веќе четврти пат“, вели Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници, каде Стојановски се обратил за бесплатна правна помош и од каде поднеле претставка до Народниот правобранител за текот на досегашната постапка.

Тој додава дека Министерството за правда веќе му доделило бесплатна правна помош. Стојановски до Врховниот суд поднел и тужба за судење во разумен рок, со оглед на тоа дека седум години институциите го маткаат овој беспомошен човек и не ги спроведуваат пресудите од Управниот суд.

Преку адвокатот, пред четири месеци поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело – Неспроведување на судска одлука. Стојановски се обратил до Управниот инспекторат да направи инспекциски надзор.

Досега нема одговор од ниту една од институциите.

Одлуките на Управниот суд се чини дека државните органи и министрите ги спроведуваат само во корист на бизнисот близок до партиите на власт.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира