ГЛУВОНЕМИТЕ ЛИЦА ГИ ОПИШУВААТ МИЦКОСКИ СО ОЧИЛА, ГРУЕВСКИ ПО ОДЕЊЕТО, ШЕЌЕРИНСКА Е ШЕЌЕР, ФИЛИПЧЕ Е ДОКТОР, ЗАЕВ КАКО ЗАЈАК – ПОДКАСТ СО МАРИЈА БАШЕСКА-СТОЈАНОВСКА, ТОЛКУВАЧ НА ЗНАКОВЕН ЈАЗИК

    ГЛУВОНЕМИТЕ ЛИЦА ГИ ОПИШУВААТ МИЦКОСКИ СО ОЧИЛА, ГРУЕВСКИ ПО ОДЕЊЕТО, ШЕЌЕРИНСКА Е ШЕЌЕР, ФИЛИПЧЕ Е ДОКТОР, ЗАЕВ КАКО ЗАЈАК – ПОДКАСТ СО МАРИЈА БАШЕСКА-СТОЈАНОВСКА, ТОЛКУВАЧ НА ЗНАКОВЕН ЈАЗИКГлувите лица ги толкуваат личните имиња според одредена нивна карактеристика. (Фото: СДК.МК)

    Глувонемите лица ги толкуваат имињата според одредена карактеристика на личноста, вели Марија Башеска-Стојановска, толкувач на знаковен јазик во Македонската телевизија. Таа во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК објаснува како глувите лица ги кажуваат имињата на македонските политичари. Тие премиерот Христијан Мицкоски го опишуваат со очила, а лидерот на опозицијата Венко Филипче како доктор. Од поранешните премиери, Никола Груевски го опишуваа според карактеристичното одење, додека Зоран Заев како зајак.

    Подкастот со Башеска-Стојановска можете да го гледате тука:

    „Глувите лица имињата ги спелуваат буква по буква, но немаат време ниту трпение да спелуваат, па затоа точно ќе ве скенираат како изгледате, ќе забележат одредени карактеристики како на пример дали сте слаба, дебела, висока, ниска, со насмевка, со виткана коса и слично. Потоа ќе ги покажат иницијалите на личноста и одредената карактеристика. Некогаш знаат тие знаци да бидат несоодветни, но глувите лица викаат ние така ја гледаме таа личност. Радмила Шеќеринска е шеќер, залижана коса е знак за еден градоначалник од скопска општина, според перчето коса се опишува првиот претседател Киро Глигоров. За Данела Арсовска немаат карактеристика, само градоначалничката на Скопје“, вели Башеска-Стојановска.

    Таа е толкувач на знаковен јазик од 1987 година. Нејзините родители биле глуви лица, па таа научила прво да зборува на толковен јазик, а потоа и на гласовен.

    „Од двајца глуви родители и јас и сестра ми сме многу музикални. Луѓето ми велеа на кого си музикална, без да знаат дека моите родители се глуви“, вели Марија.

    Знаковниот јазик не е секаде ист, има одредени зборови кои се исти секаде, како на пример спијам, јадам, одам, колку е часот. Колку има говорни толку има и знаковни јазици.

    „Глувите деца немаат можност да учат македонски знаковен јазик, не е стандардизиран, може за една иста работа да имате пет геста. Се согласувам дека е богатство, но мора да се знае кои од тие пет геста треба да се користи во официјална комуникација. Само во Скопје се изучува знаковниот јазик во просториите ‘Даре Џамбаз’“, додава Башеска-Стојановска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира