Лековите „оземпик“ и „вегови“ претставуваат револуција во третманот на дијабетесот и на дебелината, но во ниту еден случај не смее да се земаат без консултација со доктор, вели професорката д-р Искра Битоска, интернист-ендокринолог на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички заболувања во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Овие лекови кои се достапни и кај нас, станаа едни од најспоменуваните кога станува збор за слабеење. Сè поголем број луѓе ги користат или се интересираат за нив како начин за намалување на телесната тежина, што отвори бројни прашања за нивното дејство, ефикасноста и безбедноста.
Д-р Битоска каува то всушност се овие лекови, како делуваат и што треба да знаеме пред нивната употреба. Таа вели дека овие лекови одбележаа една револуција во третманот на дебелината.
„Дебелината е болест, иако непријатно звучи, тоа е сериозна и повторувачка болест. ‘Оземпик‘ е откриен како лек за дијабетес, а ‘вегови‘, кој од пред неколку месеци го има и во нашата земја, е за дебелина. Има разлика само во дозата, ‘оземпикот‘ се дава во помала доза, а ‘вегови‘ е истата супстанца само во поголема доза и се користи за третман на дебелината. Ова е револуција во третманот и на дијабетесот и на дебелината. Во ниту еден случај не смее човек да го зема без консултација со доктор, со интернист, но може и со матичен лекар доколку ја знае проблематиката“, вели Битоска.
Овие лекови се купуваат приватно, односно може секој да ги купи во аптека и не е потребен рецепт од матичен доктор или интернист.
„Има луѓе кои колку да имаат волја и желба не можат да ослабат особено ако се многу обезни. Имаме пациенти со 150-160 килограми кои не можат по природен пат да ослабат. Поентата е пациентот што го лекуваме да сфати дека е многу подобро за него помалку да се храни, да има физичка активност и во комбинација со лекот кој делува на центарот за апетит да дојдеме до посакуваната тежината. Не е поентата цело време да биде на овие лекови“, додава Битоска.
Битоска вели дека од секој лек има несакани ефекти, па така и од „оземпик“ и „вегови“, но додава дека ако се прима како терапија под контрола на доктор не се можни проблеми.
„Сигурна сум дека случаите на слепило за кои се зборува изминатиов период се поради неконтролирано земање на лекот. Затоа, сакам да потенцирам дека никако не треба да се земе на своја рака. Ако доктор го следи пациентот нема да дојде до ова“, додава д-р Битоска.
А. АНТЕВСКА



