Живееме во средина која уште е примитивна, во која сè уште преовладува мислењето – ти си маж, не смееш да плачеш, треба да си силен, не треба да побараш помош, вели д-р Јасмина Степаноска, психијатарка во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, Таа ни беше гостин во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК да го одбележиме ноември – месецот на машкото здравје. Вели дека мажите се многу позатворени од жените, не разговараат меѓу себе за чувствата и стравовите туку си раскажуваат кој колку е успешен.
„Полека тргнуваме напред и мажите почнуваат да бараат помош. Младите луѓе знаат да побараат помош и се случува во амбуланта да дојдат со точни дијагнози и да побараат психолошка помош. Постарите не сакаат да ги покажат овие симптоми. Помладите ги убедуваат родителите да одат на психијатар или психолог да побараат помош, но за жал, се случува и спротивното родителите да ги стигматизираат младите велејќи им ‘ти не си луд да бараш психолошка помош, ти можеш сам‘. Тоа е главен проблем кај мажите особено во адолесцентните години кога ќе се јави булинг и стои она од таткото – ти можеш сам синко“, вели Степаноска.
Д-р Степаноска вели дека во последниве години се создава свесност за менталното здравје. Почнуваат да доаѓаат и да бараат помош и мажи. Вели, ако пред 15 години доминирале жените, сега се изедначуваат, односно 55 проценти од пациентите се жени, а 45 проценти мажи.
Вели дека најмногу на менталното здравје влијае социјалната благосостојба. Таа објаснува и зошто мажите се самоубиваат повеќе од жените, иако бројот на обиди за самоубиства и кај мажите и кај жените се горе – долу изедначини.
„Најчести проблеми се анксиозните состојби кои не се третирани, а потоа се депресивните. Континуираниот стрес кој е тивок убиец на организмот доведува до појава на анксиозност. Ако не ги решаваме проблемите тие си стојат. Мораме да разговараме, ако не разговараме се собира негативна енергија и во одреден момент излегува како симптом, срцебиење, болки во желудникот, тресење, кои наведуваат прво дека лицата имаат проблем со срцето. Затоа мажите во прв момент одат на кардиолог мислејќи дека имаат проблем со срцето“, вели Степаноска.
Според неа, најголема причина за стрес и појава на анксиозност кај мажите е дали со платата ќе може да го поминат месецот, дали ќе може на детето да му ги овозможат сите потребни работи.
„Многу повеќе се обрнува внимание на физичкиот изглед, а не на менталната состојба, јас морам да бидам убаво облечен, да имам скапа кола, да имам убава партнерка покрај себе и сите да ми завидуваат. Се изгуби комуникацијата во живо, сите комуницираат онлајн и сè помалку наоѓаме време да излеземе на кафе, пијачка или на ручек. Затоа се јавуваат тие состојби“, додава Степаноска.
Во подкастот докторката зборува и за тоа дека мажите анксиозноста или депресија си ја намалуваат со пиење алкохол. Случаите на алкохолизам особено се зголемени по ковид кризата. Но, таа во секојдневната пракса како лекар во „8 Септември“ многу почесто отколку порано се соочува со случаи на пациенти предозирани со кокаин.
„За жал, сè повеќе во средината е присутен кокаинот, го има секаде и тоа е голем проблем. Кокаинот кој се продава кај нас не е чист, па поради тоа многу често се случуваат срцеви удари кои завршуваат со смрт. Треба малку повеќе државата да обрне внимание на ова прашање, народски кажано, да се стегне повеќе“, вели Степаноска.
А. АНТЕВСКА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:
МИС МАКЕДОНИЈА НЕВЗАТИ ЧАРНА ВО СПЕЦИЈАЛНА СЕСИЈА НА САКАМДАКАЖАМ.МК ЗА МОВЕМБЕР
СЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ



