Претпладнево се прекинати работите на изградбата на спорниот хотел кај Лагадин во Охрид. Дошла инспекција која на работниците им наложила да престанат со работа. Работниците се повлечени, а останаа само што неколкумина кои ги собираат алатите и таблите што служат како калапи за поставување на бетон.
Моментално објектот има четири ката, како што беше најавувано со планот. Овој последен кат е изграден експресно, речиси само за неколку дена. Се градеше во време кога Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на локалната власт ѝ наложи да биде поништено одобрението за градба.
„Денес, некаде околу 11 часот на градилиштето дојде инспекција. Не знам дали беше општинска или републичка. По сѐ изгледа дека на раководителот на објектот му беше соопштено дека мора да престанат градежните активности. Веднаш по нивното заминување, работниците прекинаа со работа и почнаа да товарат опрема што служеше за изградба на хотелот во камиони. До пладне со три камиони опремата беше однесена од кај објектот. Утринава имаше околу 30-тина работници, а сега останаа уште петмина кои довршуваат со префрлањето на опремата за градба во возила”, вели жител на туристичката населба Лагадин.
Прекинот на градбата на хотелот дојде по силните негативни реакции од јавноста и невладините организации и по одлуката на Државниот градежен инспекторат за поништување на одобрението за градба.
Во меѓувреме, на последната едница на Советот на Општина Охрид деновиве, со мнозинство на гласови беше одбиен предлогот на опозицијата да се вметне на дневен ред и Предлог-одлука за поништување на Општиот акт за населбата Лагадин каде што се гради хотел.
Истиот ден од Секторот за урбанизам при локалната кажаа дека „постапката за донесување на општиот акт за село Лагадин е водена согласно законските прописи. На барањето на Државниот инспекторат соодветно е одговорено со аргументи и за постапката за донесување на општиот акт за Лагадин и издавање на одобрението за градба. Хотелот во Лагадин е предвидено да има приземје и три ката и да се гради на површина од 401,59 метри квадратни“.
Изгледа дека Никола Бакрачески, градоначалникот на Охрид,се исплаши бидејќи за несповедување на одлуките Државниот градежен инспекторат следат ригорозни казни.
Од здружението СОС Охрид потсетија дека „службеното лице во локална самоуправа кое ќе донесе решение за локациски услови спротивно на важечки урбанистички план ќе се казни со затвор од три до осум години“.
Д. ЧУБРИЌ