2023 БЕШЕ НАЈТОПЛАТА ГОДИНА ДОСЕГА ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, 2024 БИ МОЖЕЛА ДА БИДЕ УШТЕ ПОТОПЛА, ВЕЛАТ НАУЧНИЦИТЕ

    2023 БЕШЕ НАЈТОПЛАТА ГОДИНА ДОСЕГА ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, 2024 БИ МОЖЕЛА ДА БИДЕ УШТЕ ПОТОПЛА, ВЕЛАТ НАУЧНИЦИТЕАнализата на Би-Би-Си покажува дека речиси секој ден од јули наваму во светот се забележува нова температура на воздухот, висока за тоа време од годината. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Изминатата 2023 година била најтоплата досега, поради климатските промени предизвикани од човекот и плус поттикната од природниот временски феномен Ел Нињо. Според Одделот за клима на ЕУ, минатата година била за околу 1,48 Целзиусови степени потопла од долгорочниот просек пред луѓето да почнат да согоруваат големи количини на фосилни горива.

    Анализата на „Би-Би-Си“ покажува дека речиси секој ден од јули наваму во светот се забележува нова температура на воздухот, висока за тоа време од годината. Температурите на површината на морето исто така ги урнаа претходните рекорди.

    „Она што ме импресионираше не беше само тоа што 2023 беше рекордер, туку количината со која ги собори претходните рекорди“, вели Ендрју Деслер, професор по атмосферска наука на Универзитетот „А и М“ во Тексас.

    Веќе е познато дека светот сега е многу потопол отколку пред 100 години, бидејќи луѓето постојано ослободуваат рекордни количини стакленички гасови како јаглерод диоксид во атмосферата. Но, пред 12 месеци, ниту едно големо научно тело, всушност, не предвиде дека 2023 ќе биде најтоплата година досега, поради комплицираниот начин на кој се однесува климата на Земјата.

    Во првите неколку месеци од годината само мал број денови ги соборија рекордите на температурата на воздухот. Но, светот потоа продолжи со речиси непрекината серија на дневни рекорди во втората половина на 2023.

    Научникот д-р Зик Хаусфатер вели дека 2024 би можела да биде потопла од 2023,  бидејќи дел од рекордната топлина на површината на океаните бега во атмосферата – „иако ‘чудното’ однесување на сегашниот Ел Нињо значи дека е тешко да се биде сигурен“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира