Коалиција на лидери од индустријализирани држави и од земји загрозени од климатските промени повикаа да се вложува значително повеќе во заштитата на климата за време на Конференцијата за климатски промени ЦОП29 во Баку.
„Потребни се трилиони долари. Мора итно да го зголемиме финансирањето на климатската акција. Климатската криза ќе стане експоненцијално полоша ако не дејствуваме сега. Развиените држави мора да ја водат оваа акција“, стои во соопштението потпишано од лидерите на таканаречената Високо амбициозна коалиција на ЦОП29.
Меѓу земјите кои го потпишаа апелот се и Германија, Франција, Шпанија и Канада. Германија вети дека ќе вложува шест милијарди евра годишно во заштитата на климата, почнувајќи од следната година.
Иако италијанскиот став за климата ги загрижи партнерите откако на власт дојде крајната десница, премиерката Џорџа Мелони кажа во Баку дека таа нема да се повлече од меѓународната борба против климатските промени.
„Мора да ја заштитиме природата. Сепак, пристапот кој е премногу идеолошки и не е прагматичен нема да донесе успех“, рече Мелони, додавајќи дека фосилните горива и натаму немаат алтернатива.
Според „Њујорк тајмс“, Доналд Трамп веќе се подготвува повторно да ги повлече САД од Парискиот договор за климатските промени и да овозможи повеќе дупчења на нафта и гас. Тој веќе го направи тоа во првиот мандат, но Џо Бајден ја врати земјата во договорот.