Климатските промени драстично ги намалија приносите на мед. Пчеларите од Охридскиот Регион велат дека до 2000 година имале од 20 до 60 килограми мед по пчелно семејство, а денес едвај неколку килограми. Има и такви кои воопшто не извадиле мед.
„Како и сите земјоделски гранки, и пчеларството е погодено од последиците на климатските промени. Можеби пчеларството е најзасегнато, со оглед на намалените приноси и болестите кои се застапени во последниот период. Сѐ поголемото затоплување и наглото сечење на шумите во одредени области претставува извор на болести. Глобалното затоплување влијае и на помасовна појава на паразитот вароа познат како крлеж, најголемиот штетник кај пчелите. Колку времето е потопло, толку е поплодна микроклимата за нивниот развој и опстанок“, вели Наум Трпчески, претседателот на Здружението на пчелари во Охрид.
Промените на климата влијаат и врз сѐ помалиот број пасишта за пчелите, растенијата цветаат порано или подоцна од вообичаено, со што се нарушува времето на опрашување.
„Глобалното затоплување влијае врз голем број растенија, кои својата фаза на цутење ја постигнуват многу побрзо или поспоро, доколку имаме заладување во одредени периоди или пак се намалува периодот на цутење. Ако периодот на цутење е мал и тој период е проследен со непрекинати дождови, на растението комплетно ќе му биде измиен нектарот и пчелата практично нема да има принос на нектар, кој, покрај поленот, е извор на храна и енергија. Оваа година, растителниот свет беше речиси мртов во јули и август, немаше цвеќе. Тоа негативно се одразува на пчелата, доаѓа до прекин на леглото, старите пчели угинуваат, нема нови, се намалува бројот на семејствата“, вели Трпчески.
Засадување медоносни растенија, како што се багрем, липа, жалфија и мајчина душица, е една од мерките за спас на пчеларството.
„Словенија има развиено пчеларство многу напредно. Засадуваат медоносни растенија дури и во урбаните средини. Кај нас законски не е можно пчеларење во урбана средина“, додава тој.
Пчеларите бараат поголема соработка со овоштарите и инспекторатот. Овоштарите да прскаат строго навечер со органски дозволени препарати кои не се штетни за пчелата.
„Прскањето на цветовите на овошките е огромен проблем со кој се соочуваме во последниот период. Најчесто се прска преку ден и не се известува локалниот пчелар дека треба да ги затвори пчелните кошници за да не настане помор на пчелите. Треба да се прска со дозволени препарати кои не содржат феромони за привлекување на пчелата. На пазарот постоеја препарати со феромони, кој ја привлекува пчелата да се задржи трипати подолго на цветот од нормалното. Со тоа се добива поголема опрашеност на насадот, но пчелата се дезориентира и не може да се врати во својата кошница“, вели претседателот на охридското здружение на пчелари.
Помладата генерација производители на мед од Охридскиот Регион е сѐ повеќе свесна за потребата од промени во пчеларството. Здружението на пчелари од Охрид спроведува и кампањи по училиштата, каде што најмладите се советуваат како треба да се однесуваат кон природата и да гледаат на пчелата како на пријател. Децата имаа прилика преку специјален стаклен сандак да го видат и осознаат процесот на создавање мед.
„Гледаа како пчелите работат, како се движат, како складираат во саќето, учеа што е нектар, што е мед. Целта беше уште од најмала возраст да им ја всадиме љубовта кон пчелите и да ги потенцираме придобивките од конзумацијата на пчелните производи“, велат младите пчелари.
Во Охридскиот Регион има 350 пчелари кои се жалат и на нелојална конкуренција од фалсификатори на мед. Велат нивниот број се зголемува и сериозно го загрозува пласманот на вистинскиот мед, чие производство континуирано се намалува поради климатските промени. Од Здружението на пчелари апелираат до купувачите да бидат внимателни и да купуваат само од декларирани пчелни стопанства.
С. ВРЕНЦОВСКА