МАКЕДОНИЈА НА КОП28 ВО ДУБАИ БАРА ИНВЕСТИТОРИ ЗА ПЛАНОТ ОД 3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ДА ГИ ЗАТВОРИ ЕЛЕКТРАНИТЕ НА ЈАГЛЕН ДО 2030 ГОДИНА

    МАКЕДОНИЈА НА КОП28 ВО ДУБАИ БАРА ИНВЕСТИТОРИ ЗА ПЛАНОТ ОД 3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ДА ГИ ЗАТВОРИ ЕЛЕКТРАНИТЕ НА ЈАГЛЕН ДО 2030 ГОДИНАЈагленот претставува 40% од изворите на енергија во Македонија. - РЕК Битола (Фото: Ѓ. Личовски)

    На климатскиот самит КОП28 во Дубаи, Македонија ќе ја претстави инвестициската платформа за правична енергетска транзиција за да го спроведе планот проценет на 3 милијарди евра за затворање на електраните на јаглен и префрлување на зелени и обновливи извори на енергија. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поддржува македонската влада во развојот на платформата и ќе ја предводи координацијата со меѓународните партнери.

    Како што кажа претседателот Стево Пендаровски во неговото обраќање на климатскиот самит во Дубаи, платформата треба да ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници.

    Резервите на лигнит во Битола се при крај и Македонија увезува јаглен секојдневно за да го одржи РЕК Битола во функција. – Ископ на јаглен во Битола (Фото: Ѓ. Личовски)

    Планот, според платформата, предвидува затворање на двете електрани на јаглен во Македонија, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, и нивна замена со 1,7 гигавати обновлива енергија. На тој начин, Македонија за 82 отсто би ги намалила нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.

    „Електраните на јаглен се наш главен извор на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои влијаат и на климата и на здравјето. Дилемата е како постепено да се исфрли јагленот без да се загрози енергетската безбедност на земјата и егзистенцијата на заедниците. И покрај енергетската криза, решени сме да ја постигнеме оваа цел до крајот на деценијата. Северна Македонија беше првата европска пилот земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен од страна на Фондот за климатски инвестиции. Овде, на КОП28, заедно со ЕБОР ќе ја лансираме Инвестициската платформа за правична енергетска транзиција, која ќе ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници. Оттука, сакаме да ги поканиме потенцијалните партнери и донатори да се приклучат на оваа платформа и да докажеме дека правичната енергетска транзиција не само што е неопходна, туку е и можна и достапна. Со тоа, ние ќе се усогласиме со Глобалната заложба за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на ЕУ“, кажа Пендаровски во Дубаи.

    Правичната енергетска транзиција не само што е неопходна, туку е и можна и достапна, кажа Пендаровски во Дубаи. (Фото: Претседателски кабинет)

    КОП е скратено од Конференција на учесничките на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени. Учеснички се 198 земји кои што ја потпишаа Конвенцијата. Коференцијата се одржа секоја година како примарен форум за борба против климатските промени. Годинава е 28. издание и се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, од 30 ноември до 12 декември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира