ОХРИДСКАТА КРАБА ГО ОСВОИ ЕЗЕРСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ

    ОХРИДСКАТА КРАБА ГО ОСВОИ ЕЗЕРСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕКраба снимена на на длабочина од 5,5 метри кај плажата Сараиште/Во вечерните часови, групи краби излегуваат од езерската вода кај „Милениум палас“ и потоа пак се враќаат во Езерото. (Фото: Н. Паскали/СДК.МК)

    Охридската краба, која пред повеќе децении речиси ја немаше, деновиве го окупира охридското крајбрежје. Крабата е животно од класата ракови со десет нозе, а ја снимија под вода охридски нуркачи, но може да се види и на градскиот кеј.

    „Фотографијата ја снимивме денес, на длабочина од 5,5 метри кај плажата Сараиште. Сè почесто ги среќаваме крабите. Може да се забележат скоро низ целото крајбрежје на Охридското Езеро”, вели нуркачот Никола Паскали, специјалист по поводна археологија.

    Очевидци кажуваат дека во вечерните часови групи на краби излегуваат од езерската вода кај „Милениум палас“ и потоа пак се враќаат во Езерото.

    Биолозите имаат појаснување како крабата се појави во езерските води, што почна да станува позабележливо пред 3 години.

    „Можеби како резултат на намалената популација на езерскиот рак, кој во 190-те години речиси исчезна од Езерото, има зголемување на популацијата краби па овој вид кој бил со мал ареал на распространување го зазел ареалот на живеење на езерскиот рак. Генерално, крабата живее во потоци, реки и езера каде се засолнува под камења или меѓу вегетација, или пак се одмора во јами вкопани во тлото, јамите се до 50 см длабоки и во нив има вода само на дното. Најактивни се во периодот помеѓу мај и октомври, по што (на пример, од ноември до февруари) се помалку активни и хибернираат или во природни засолништа или во јами”, кажа охридски биолог проф. д-р Трајче Талевски.

    Во вечерните часови, групи краби излегуваат од езерската вода кај „Милениум палас“ и потоа пак се враќаат во Езерото.

    „Честото среќавање на оваа краба на брегот на Езерото или на суво е пред сѐ поради начинот на живеење, бидејќи возрасните единки поминуваат доста време надвор од водата, или во текот на ноќта или пак во текот на денот кога врне. Досега на овој вид од Охридското Езеро, како и на некои други животински и растителни видови, не им е посветено доволно внимание во истражувањата, па затоа често луѓето се изненадени од нивното присуство. Се хранат во текот на ноќта или во вода или на копно, и имаат широк спектар на прехранбени продукти во исхраната, мртви или живи растителни или животински организми (полноглавци, инсекти, мали жаби и риби). Женките се парат во доцна пролет, а подмладокот излегува од оплодените јајца во лето. Младите ракови, за разлика од возрасните единки, подолг период поминуваат во вода. Сепак, мора да нагласиме дека и покрај широката дистрибуција на овој вид и релативно големиот број на локалитети каде е евидентиран, неговата дистрибуција е дисконтинуирана и силно фрагментирана“, кажа д-р Талевски.

    Д. ЧУБРИЌ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира