Во текот на 2022 и 2023 година, за првпат се забележани нови видови на риби во Јадранското и во Средоземното Море, а една од нив, е таканаречената риба верверица, која за првпат во Јадранот се појавила лани, кај Трст во Италија, пишува хрватскиот сајт Н1. Од Министерството за економија и одржлив развој на Хрватска велат дека во Јадранското Море, неодамна е забележан и видот Tylosurus crocodilus.
„Се работи за суптропска риба со атлантско потекло, која во природни области живее покрај корални гребени, на длабочина од нула до 180 метри. Во западниот дел на Атлантскиот Океан, се зебележува од Северна Каролина во САД до Бразил, потоа кај островот Света Хелена па сѐдо источниот дел на Океанот. Како и многу други тропски и супотропски видови, топлата клима влијае на ширењето и формирањето на популации, а поради затоплувањето на морето, предизвикано од климатските промени, овој и други странски видови би можеле да се рашират“, вели Министерството i апелира до граѓаните да ги пријават сите необични видови риби кои ќе ги забележат.
Доктор Невен Ивеш, биолог од Универзитетот во Пула вели дека испуштањата на загадените води може да се смета за главна причина за внесување нови видови во нови живеалишта.
„Можни се и бегства од аквариуми или аквакултура, но таквите случаи се многу поретки. Нови видови се детектирани токму во областите на сообраќајните пристаништа, како на пример во заливот Трст. Во последните години, низ целата планета се забележани природни миграции на тропски и суптропски видови кон северните делови на хемисферата, за што придонесува глобалното затоплување, односно зголемувањето на просечната температура на морето“, вели Ивеш.
Зринка Јакл, раководителка на Програмата за заштита на природата при Здружението за природа, животна средина и одржлив развој „Сонце“, ја нагласува и улогата на Суецкиот канал кој ги поврзува Средоземното и Црвеното Море и кој овозможил пристигнување на тропски видови во Средоземното Море. Покрај тоа, зголемувањето на температурата на морето, како и интензивниот поморски сообраќај, одиграа голема улога во населувањето на тропските видови.
Но, новите риби не се единствените новитети во Јадранското Море.
„Постепеното пристигнување на овие видови од југ кон север на Средоземното Море и Јадранот е забележано веќе долги години. Рибите се најочигледните нови жители, но има и нови видови алги и безрбетници. Некои од овие видови брзо се размножуваат, а на овие простори нема природни непријатели, па можат да станат инвазивни, односно погубни за локалниот биодиверзитет“, вели Јакл.
Таа продолжува дека пример за таков вид е рибата паун или огнената риба (Pterois miles), тропски вид кој веќе предизвика значителна економска штета во многу нетропски мориња, а во 2021 година за прв пат беше забележан во Јадранот.
„Тоa е предатор кој брзо се размножува, а се храни со сите видови риби на крајбрежјето, особено со помалите риби. Има отров во речиси сите грбни перки и убодот е многу болен, но ретко предизвикува сериозни последици. Само поголемите предатори како што се ајкулите, ражата и груперите се хранат со овој вид, меѓутоа, овие видови се прекумерно ловени во Јадранот и се на работ на истребување“, додава Јакл.