ПОРАНО СЕ СОБИРАЛО 100 КИЛA МЕД ОД ЕДНА КОШНИЦА, А СЕГА ЕДВАЈ 30 ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

    ПОРАНО СЕ СОБИРАЛО 100 КИЛA МЕД ОД ЕДНА КОШНИЦА, А СЕГА ЕДВАЈ 30 ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИЗголемената температура многу брзо ги суши растенијата па веќе во јули и август пчелите не можат да најдат ниту еден цвет од кој би собрале нектар и полен бидејќи сè е изгорено од сушата.(Фото: СДК.МК)

    Егзистенцијата на пчелите е загрозена, а главна причина за тоа се  климатските промени. Професорот д-р Владимир Млаѓан, кој долги години работел како професор на Земјоделската академија во Шабац, Република Србија, каде го предавал предметот пчеларство, вели дека климатските промени многу влијаат врз популацијата на пчелите. Тоа се гледа преку драстично намаленото производство на мед по пчелна кошница, намалувањето на бројот на пчелните семејства и сè поголемата појава на болести кај пчелите.

    Тој пред тетовските пчелари од здружението „Полошки мед“ одржа предавање за влијанието на климатските промени врз пчеларството и за начините на заштита од заразни болести на пчелните семејства.

    „Влијанието на климатските промени брз пчелите е големо. Сè е променето на некој начин. Јас на моите предавања честопати споменувам примери во 1980-тите години можело да се собере и по 100 килограми мед од една кошница, а денес ако собереме 30 килограми, велиме дека е тоа одличен резултат. Сега имаме помалку квалитетен полен, па поради тоа пчелите се приморани да трошат повеќе енергија за да дојдат до пределите каде има подобра испаша, а исто така трошат повеќе енергија и да го донесат собраното во кошницата. Ова исцрпување придонесува да доаѓа до опаѓање на имунитетот на пчелите, доаѓа до зголемено присуство на разни болести. Вакви проблеми со пчелите последниве години беа забележани и овде кај вас во Македонија, но и во сите соседните земји. На сето ова влијаат климатските промени“, вели професорот Млаѓан.

    Тој додава дека промената на температурата влијае да има подолги сушни периоди, а тоа посебно е изразено во поголемиот дел од Македонија. Зголемената температура многу брзо ги суши растенијата, па веќе во јули и август пчелите не можат да најдат ниту еден цвет од кој би собрале нектар и полен, бидејќи сè е изгорено од сушата.

    „Ако нема полен тогаш нема доволно храна, нема млади пчели, а со тоа нема ни добро легло, па не може да се создаде силно пчелно друштво кое ќе може да ја преживее зимата. Вака ослабената пчела е многу поподложна на разни болести кои буквално преку ноќ може да уништат цели пчелни семејства“, вели Млаѓан.

    Професорот Владимир Млаѓан вели дена на пазарот има сè повеќе фалсификуван мед и е крајно тешко да се утврди кој е природен, а кој е вештачки. (Фото: СДК.МК)

    Тој вели дека сега, поради настанатите климатски промени, дојдено е времето човекот повеќе да ѝ помага на пчелата за таа да може да се избори и да ги преживее овие промени.

    „Излезот од оваа состојба јас го гледам во тоа дека ќе мораме повеќе да работиме со пчелите, повеќе да им помагаме, а тоа значи постојана контрола преку која се утврдува присуство на вароата, паразитот кој ги напаѓа пчелите, но и на другите заразни болести од кои страдаат пчелите и навремена и ефикасна борба против нив. Исто така, треба да се зајакнува имунитетот кај пчелите преку адекватна прихрана, при што давање само на шеќерен сируп веќе не е доволно, туку треба да се употребуваат нови современи поефикасни препарати за прихрана и, што е посебно важно, обрнување големо внимание кон хигиената преку редовно спроведувањето на дезинфекцијата на кошницата. Ако успееме да ги задоволиме овие фактори, тогаш ќе имаме здрави пчелни заедници. Климатските промени многу влијаат и врз начинот на одгледување на пчелите, па она т. н. стационарно пчеларење веќе е неодржливо и треба да замине во минатото, бидејќи пчеларот мора постојано да ги сели пчелите, односно да ги преместува пчелните кошници на места каде пчелите имаат добра испаша“, вели Млаѓан.

    Влијанието на климатските промени врз пчелите е состојба која не е присутна само кај нас туку ја има и на глобално ниво. Во некои земји е поизразена, некаде не е толку критична состојбата, но последиците сите ги чувствуваат.

    „Силните индустриски земји ги губат пчелите, а најголемата причина за тоа е употребата на пестицидите во земјоделието. Другите земји го зголемуваат бројот на пчелни кошници, но приносите по кошница се намалуваат токму поради сите оние причини кои ги споменав. Но, тоа од што најмногу се плашам е фактот дека бизнисот дојде над сè , а тоа значи дека има сè повеќе фалсификуван мед. Веќе е крајно тешко да се утврди кој е природен, а кој е вештачки создаден мед, бидејќи техниката на фалсификување многу е напредната. Токму затоа, целта на нас пчеларите е да го спречиме тој фалсификуван мед, а до израз да дојде оној вистинскиот квалитетен природен мед“, вели професорот Млаѓан.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира