Крваво изгледа плажата во Претор поради чудната црвеникава материја, што деновиве е исфрлена на брегот на Езерото. Се појави откако Преспанското Езеро драстично се повлече годинава, погодено од климатските промени и долгиот сушен период. Веќе со месеци не паднала ни какпа дожд, а температурите се нестандардно високите за есен.
Според официјални податоци до кои дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, езерото е за 2,5 метри под нормалниот водостој. На брегот излегоа камења и треви што беа под вода. Дури и понтонското пристаниште е целото набиено во песок. Трската продолжува да ги голта плажите во Асамати, Штрбово и Наколец, создавајќи мочуришта. Езерото е прошарано со нови островчиња, што никнуваат со повлекувањето на водата. На стотина метри од брегот во населбата Асамати, јата птици одмораат на острово од камења и земја што излегло над водата. Колку и да е убава Преспа, ваквата слика изгледа катаклизмично.
„Како дете бев во Златните Песоци во Бугарија и на друштвото им реков: ‘Oвие ако се златни песоци, нашите на Преспанско Езеро се дијамантски’. Тогаш во Штрбово ја имавме најубавата плажа во Преспа. Толку чисто, без загадување. Кога бевме на плажа, не одевме на друго место да пиеме вода, туку ќе влезевме подлабоко и од езерото пиевме. Сега и брегот и плиткиот дел во прашума се претворени. Поради убавите плажи се изградија 80 викендички во селото, сега доаѓаат само пензионери. Преспа стана како Мариово“, рече Круме Пановски, единствениот жител на село Штрбово кој сѐ уште ја коси трската за да стигне до Езерото.
Како добар познавач на езерските осцилации, вели дека оваа година водата е драстично повлечена. Не само што езерото не надошло, туку и многу се повлекло. Според негови проценки, од лани тоа е повлечено за 15-20 метри во должина. Постарите жители сведочат дека во споредба со осумдесеттите години, кои биле златни времиња за Преспа, водата во должина е повлечена меѓу 200 и 300 метри.
„Каков туризам, таму е џунгла. Нема веќе ни плажи. Кој знае природата што ќе направи, сѐ помалку има вода“, вели Петре Николовски, жител на Штрбово.
Збогум на туризмот кажа и едно од некогаш најпосетените села во Преспа, Асамати, каде беше сместено и детското одморалиште.
„Асамати сега воопшто нема туризам. Јас тука дојдов во 1974 година и езерото беше триста метри понаваму. Имаше многу туристи и по куќите низ селото се бараше легло плус. Сега некогашните површини што беа со вода се проголтани од трска висока три метри, трња, дрвја нараснати по пет метри, џунла“, вели Аспасија Тодоровска од Асамати.
Сликовито колку е повлечено езерото раскажува големиот вљубеник во Преспа, Методија Јовановски, новинар и публицист, посочувајќи дека столбот мерач на нивото на водата што е пред неговата куќа во Претор во 1960-ите и 1970-ите години бил еден метар во вода и на само 20-ина метри од дворот, а сега езерската вода од него е оддалечена околу 220 метри.
„Поради повлекувањето на езерските води, тоа се претвора во бара обрасната со трска, а крајбрежјето станува непроодна џунгла. Каде е УНЕСКО? За Охрид мајка, за Преспа маќеа? За Охридското Езеро секој ден се дига прашина, а Преспанското, од кое доаѓа главниот доток на води во соседното езеро, никој не го спомнува, иако пред пет години токму УНЕСКО го прогласи биорезерватот Охрид-Преспа за интегрално заштитено сливно подрачје. Има нови пари за колекторот во Охрид, а Претор може без канализација, па Преспа ќе развива туризам и ќе го заштитува езерото со септички јами“, вели Јовановски.
Тој упатува апел за спас на езерото, повикувајќи ги екологиситите, партиите на зелените и власта со петиција до УНЕСКО да го актуелизираат прашањето. Апелира да се одржи трилатерална средба на министри од Македонија, Грција и Албанија, како и на градоначалниците на Ресен, Герман и Пустец, со барање посебни средства за спас на езерото во рамките на прекуграничниот проект „Преспа парк“. Воведување посебен режим за заштита на водите, бидејќи од водата на Преспанското зависат квалитетот на водата и одржувањето на биодиверзитетот во Охридското Езеро. Ова дотолку повеќе што во внатрешноста на планината Галичица е откриено огромно езеро со вода за пиење.
Од здружението „Еко герила“ велат дека ова се циклуси на езерото предизвикани од повеќегодишно намалување на врнежи од дожд и снег, поради што се повлекува водата.
Повлекувањето на водата им создава маки и на угостителите.
„Ни пречи повлекувањето. Местата кои остануваат надвор од водата мора дополнително со песок да се уредуваат“, вели Сребре Нечовски, сопственик на комплексот „Конект бич“ во Слиница.
Приказ на осцилацијата на водостојот на Преспанското Езеро (1960-2007) содржи и Планот за управување од 2013 година. Според него, просечното ниво на езерото е пониско за 6,5 метри. Причината се климатските влијанија изразени преку зголемената температура на воздухот и испарувањето, поврзано со веќе забележани промени на врнежите на годишно ниво. Температурата во Преспа достигнува до 37 Целзиусови степени, а просечната годишна сума на врнежи е 730 милиметри на метар квадратен. Осцилациите се интензивирани во последните 50 години како резултат на сушните периоди и имаат најголемо влијание врз флората и фауната во плитките региони. Притоа, се губат плодиштата на некои популации од ципринидната ихтиофауна, како рибата мрена и скобус.
„Поради повлеченото езеро и тињата на брегот, и рибите избегаа во подлабоките делови. За да стигнеме до нив, мора со трактори да ги спуштаме кајчињата и да ги вадиме од езерото, зашто е плитко. Риба се фаќа само во подлабоките води“, раскажуваат рибарите.
Според раководителот на Секторот за животна средина при Општина Ресен, Ајман Ал Малла, моменталната состојба е последица на климатските промени, но и на истекувањето на водата во Охридското Езеро. Тој вели дека нивото на водата е намалено во последните 20 години, а најголем пад на водостојот има во моментот, односно околу 2,5 метри под нормалниот водостој. Во текот на мај 2016 година, водостојот беше намален за 1,1 метар, тој тренд продолжи до првата половина на 2017, додека во август 2018 висината беше намалена за 1,66 метри.
„Причината за тоа, во најголем дел, се климатските промени. Поголемите температурни варијации се манифистирани преку продолжени топлотни бранови и ненадејни намалувања на температури и како резултат на тоа се јавуваат големи аномалии на врнежите во однос на количествата, интензитетот, времето на појава и просторната дистрибуција“, вели Ал Малла.
Признава дека влијание има и истекувањето на водата од Преспанското кон Охридското Езеро, ако се земе предвид дека Преспанското е на надморска висина од 853 метри, а Охридското Езеро на 695 метри.
Се обидовме да контактираме и други институции и експерти за темата, но ни беше кажано дека податоци има единствено Секторот за животна средина во Општина Ресен. Од Хидробиолошкиот завод во Охрид рекоа дека не располагаат со нови податоци, проектот им завршил во 2016 година, но подготвуваат нов. Во Ресен, единствениот град во македонскиот дел на Преспа, нема специјализирана институција за мерења, анализи и заштита на езерото, освен лабораторијата во Стење.
Од Општина Ресен велат дека се преземаат мерки за подобрување на состојбата. Во проектите за заштита на езерото и сливното подрачје досега се вложени 15 милиони долари, домашни средства и на странски донатори.
„Потребна е меѓународна конференција за меѓугранично одржливо и интегрирано управување со водите на Преспанското Езеро, активност што Општината сака да се одржи во март наредната година. Потребни се опфатни анализи на сите податоци со кои располагаме и на ниво на речен слив да се предлагат мерки за адаптација кон климатските промени“, вели Ал Малла.
Преспанското Езеро со крајбрежниот појас поради природните убавини и други научни вредности е прогласено за споменик на природата. Има огромно значење за заштитата на биолошката разновидност. Регистрирани се преку 1.500 видови во поширокиот регион на Преспа, 50 ендемски видови животни, 19 видови ендемски растенија, девет ендемски видови риба, 216 видови птици се забележани во Езерани или 66% од вкупниот број на птици во земјава и 42% во Европа. Толку богато, тоа влегува во категоријата на најстарите сочувани тектонски езера на светот. Неговата старост се проценува на повеќе од пет милиони години. Езерото има должина од 28,6 и широчина од 16,9 километри, а длабочината достигнува до 54 метри.
Ж. ЗДРАВКОВСКА