ПОТРЕБНИ СЕ 4 ИЛЈАДИ ГОДИНИ ЗА ДА СЕ ОБНОВИ ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО, СЕ УНИШТУВА СО ПЕСТИЦИДИ И СТРАДА ОД КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ

    ПОТРЕБНИ СЕ 4 ИЛЈАДИ ГОДИНИ ЗА ДА СЕ ОБНОВИ ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО, СЕ УНИШТУВА СО ПЕСТИЦИДИ И СТРАДА ОД КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕЕзерото се повлекува, плажата денес е суво запуштено копно. (Фото: СДК.МК)

    На Преспанското Езеро му се случува еколошка катастрофа, алармираат експертите. Покрај климатските промени и недостигот на вода, закана за Езерото претставува и процесот на еутрофикација предизвикан од претераната употреба на пестициди за овоштарството. Велат дека се потребни итни, координирани и долгорочни мерки за заштита од страна на трите држави Македонија, Албанија и Грција.

    „Веќе е дојдено до ситуација на еутрофикација, тоа верувајте, е една бактериска реакција се случува на Преспанското Езеро од нас луѓето кои имаме недоволно грижа со прскање пестициди кои преку подземните води ја хранат таа алга која не ѝ дозволува да има сончеви зраци на другата алга која произведува кислород и со тоа веднаш доаѓа до изумирање на живиот свет“, вели Сашо Кироски еколог и истражувач на Преспанското Езеро.

    Според него, за проточната вода која оди од Мало Преспанско Езеро во Големо Преспанско Езеро од Грција направена е брана каде се стопира таа вода и се употребува за земјоделски потреби. Кироски смета дека македонската влада треба да бара од Грција да се обезбеди природниот процес на водата.

    „И ако се преземат сите мерки, на Преспанското Езеро ќе му требаат 4 илјади години да го врати сиот свој сјај“, вели Кироски.

    Жителите на селото Стење кажуваат како пред половина век, во пролет се подготвувале за летната туристичката сезона, а сега велат никој не води грижа што езерото повеќе не нуди можности за рекреација и исчезнува пред очите на сите.

    Ванчо Василески, жител на Стење, вели дека водата од година во година сè повеќе се повлекува, а никој не презема ништо за спас на Преспанското Езеро. Плажата денес е суво запуштено копно каде има остатоци од платформите кои потсетуваат дека тука некогаш доаѓале туристи.

    „Немаше трска, ниту врба. Кон 1970-тите години почна да се намалува езерото, се намалува и никој не води грижа да дојде да помогне, да бара решение да се поправи. Само си оди, враќање нема назад, вода нема, слаби зими, нема врнежи, дождови. Од Владава идат, и од оваа и од претходните, дојди прошетај и ништо“, вели тој.

    Граѓанските здруженија од македонска и албанска страна пред една недела разговарале за проблемите во Охридско-Преспанскиот Регион.

    @sakamdakazam #sdkmk #sdk #ДигиталнаРедакција #СакамДаКажам #SakamDaKazam #Prespa # PrespanskoEzero #KlimatskiPromeni ♬ original sound – Сакам да кажам

    „За жал, поврзани се Охридското и Преспанското Езеро, можеби ние нема да бидеме сведоци на една таква еутрофикација на Охридското Езеро во брз преоден рок, но како што одат работите лесно може таа алга да се префрли во Охридското Езеро. Од друга страна, Охридскиот Регион исто така е доста изложен на земјоделски активности за што луѓето исто така користат пестициди за заштита на нивните градини, па може истиот проблем за брзо време да го имаме и со Охридското Езеро“, вели екологистот Кироски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира