ЦРПЕЊЕТО ПЕСОК ОД ВАРДАР ГО МЕНУВААТ ТЕКОТ И КОРИТОТО НА РЕКАТА, АЛАРМИРААТ УЧЕСНИЦИТЕ НА ВАРДАРСКАТА РЕГАТА

    ЦРПЕЊЕТО ПЕСОК ОД ВАРДАР ГО МЕНУВААТ ТЕКОТ И КОРИТОТО НА РЕКАТА, АЛАРМИРААТ УЧЕСНИЦИТЕ НА ВАРДАРСКАТА РЕГАТАТокму поради тоа што после Удово реката е многу разлеана по неа не може да се плови, па годинава регата заврши ден порано, не се пловеше до Гевгелија. (Фото: СДК.МК)

    Учесниците на Вардарската регата при нивното пловење по реката виделе бројни еколошки проблеми на Вардар. Освен што се одржува традицијата на велешките трговци, кои со гемии, дрвени сплавови, од Велес ја носеле стоката до Солун, регатата има и еколошка цел, велат организаторите. Учесниците посочуваат дека само со пловење по Вардар може да се констатираат проблемите.

    „Многу е лесно да се гледа Вардар од автопат отколку долу по реката. Една од целите на регатата е еколошка заштита на Вардар, сигнализација на еколошките проблеми од Велес до Гевгелија. Тој што пловел, знае дека има големи еколошки проблеми“, вели Ангелче Гушев, организатор на регатата.

    Тоа што учесниците го виделе во еден нејзин дел е алармантно. Користењето на песокот, сепарациите од реката го менува текот на Вардар. Стојановски е учесник на сите 23 регати. Иако по вокација е дипломиран металург, тој во душа е еколог и голем вљубеник во Вардар. Затоа, апелира да се почитува редот во природата.

    „Првите 15 години кога сум пловел коритото беше исто, не се менуваше, природно. Сега, за жал не е така последните 15 години. Поради големите сепарации по течението на Вардар, реката на некои места е широка како Дунав. Но не тече, водата стои на место и таму тешко се плови. Тие што ги имаат сепарациите треба да го вратат коритото во првобитната положба, а не да биде бескрајно широко“, рече Стојановски.

    Токму поради тоа што после Удово реката е многу разлеана по неа не може да се плови, па годинава регата заврши ден порано, не се пловеше до Гевгелија.

    П. ПЕЧКОВ

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира