Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутерес, изјави дека климатските промени се вон контрола, откако неофицијална анализа на податоци покажа дека зад нас е најтоплата недела во светот откако се прават мерењата.
„Ако продолжиме да ги одложуваме клучните мерки, мислам дека ќе се движиме кон катастрофална ситуација, како што покажуваат последните рекордни температури“, изјави Гутерес.
Просечната глобална температура во вторникот била 17,18 Целзиусови степени, со што бил надминат рекордот од 17,01 степен во понеделникот, велат податоците од американскиот Центар за еколошки предвидувања.
Во седумдневниот период до средата, просечната дневна температура била за 0,4 степени повисока од која било недела во последните 44 години, откако се вршат сателитските мерења. Во средата, просечната глобална температура сè уште била на рекордните 17,18 степени.
Американската агенција за океани и атмосфера (НОАА), чии бројки се сметаат за златен стандард за климатските податоци, соопшти дека не може да ги потврди наведените рекорди.
„Признаваме дека се наоѓаме во топол период поради климатските промени и комбинираните ефекти на Ел Нињо и жешкото лето. Гледаме дека рекордно високи температури се регистрирани на многу локации низ светот. Климатските промени влегуваат на непозната територија“, објавија од НОАА.
Обединетите нации неделава го потврдија доаѓањето на временскиот феномен Ел Нињо, кој последен пат се случи во 2016, која останува најтоплата година досега.