Македонија до 2030 година планира за 51 отсто да ги намали емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990, а во напорите за намалување на глобалното затоплување го утврди и патоказот за нискојаглероден развој, се вели во ревидираниот Национален план за климатска акција, што министерот за животна средина Насер Нуредини го претстави на виртуелната министерска тркалезна маса во рамките на тридневниот глобален климатски самит чиј домаќин беше претседателот на САД Џо Бајден.
Домаќин на тркалезната маса беше посебниот претставник за клима на САД Џон Кери, а самитот заврши вчера со пораката од лидерите: „Почнете да трошите, за да се исполнат заложбите за брза транзиција кон почисти возила, електрични мрежи и згради за да го спречите најлошото од глобално затоплување“.
„Обврските што ги презедовме мора да станат реални, посветеноста без да се стори ништо е само многу врел воздух“, кажа домаќинот на самитот Бајден, кој бара 2,3 илјади милијарди долари од американскиот Конгрес за законодавство што делумно ќе се користи за станици за електрично полнење, за поставување нова ефикасна национална електрична мрежа и за ограничување на напуштени платформи за нафта и гас и рудници за јаглен.
Претставувајќи го планот на Македонија, министерот Нуредини кажа дека позитивниот аспект од усвојувањето на овој амбициозен Ревидиран национален придонес е засилен со фактот дека тој го одредува придонесот на државата во реализација на Зелената агенда на ЕУ и Инвестицискиот План за Западен Балкан на ЕУ и може да служи како инструмент за засилени инвестиции.
„Со поднесувањето на Ревидираниот национален придонес кон Парискиот климатски договор , нашата држава не само што како национална амбиција ја постави целта во 2030 година да се постигне 51% намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година, односно 82% редукција на нето емисиите, туку и го утврди патоказот за нискојаглероден развој. Во поднесокот се внесени резултатите од анализите за потенцијалот за намалување на емисиите на стакленичките гасови, при што вкупно се анализирани 63 политики и мерки за ублажување во секторите енергија (вклучително и снабдување со енергија, резиденцијален сектор, индустрија и транспорт), земјоделство, шумарство и друга употреба на земјиште, отпад, како и дополнителни мерки кои ќе ја овозможат примената на другите митигациски мерки“, вели Нуредини и додава:
„Она за што сум посебно горд, е дека политиките и мерките во нашиот придонес за климатски промени можат да бидат иницирани многу брзо и можат да послужат како мерки за опоравување од ковид-19 пандемијата. На пример, мерките кои се однесуваат на енергетската ефикасност во резиденцијалните објекти се трудовоинтензивни и тие ќе генерираат зелени работни места во сите региони на државата. Впрочем, проценката е дека овој ажуриран придонес ќе креира речиси 8.000 зелени работни места во следната декада“.
Нуредини најавува и дека Владата останува на планот до крајот на 2021 да се донесе и Законот за климатска акција. Тој вели и дека во собраниска процедура се предложените измени на Законот за квалитет на воздухот со кој се обврзуваат општините да изработуваат акциски планови и да преземаат на краткорочни интервентни мерки при појава на врвови со алармантно загадување.
„Ги покачивме глобите за за прекршоците на загадувачите за 20 пати. Успеавме да ја комплетираме со нови инструменти, да ја прошириме со нови станици и ставиме во функција целата мрежа на државниот мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух, а во буџетот за 2021 година се уште две нови станици во два града во државата. Воведовме стандарди за квалитет на цврстите горива, меѓу кои и пелетите.
Во соработка со другите надлежни институции, ги мапиравме јавните објекти што користат нееколошки горива и започнуваме нивна замена, работиме на субвенции за енергетска ефикасност, а се анализираат и можностите за стимулирање на користење на електрични возила“, вели Нуредини.