Над 20 илјади волонтери ќе учествуваат во еколошката акција „Генералка викенд“, за собирање отпад низ Македонија од 9 до 11 мај. Акцијата, која се одржува по петти пат, ќе почне на 9 мај во 9 часот кај скопскиот Аквадукт, културно наследство од 6. век, каде ќе чистат 200 волонтери.
Аквадуктот на 20 април 2021 беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа доби највисок степен на заштита. Но, остана запуштен и затрупан со ѓубре. Американската амбасадорка Анџела Агелер лани во декември најави дека Аквадуктот ќе биде реставриран со грант од 205.000 долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД.
Акцијата е поддржана од повеќе спонзори, како и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина.
Над 20.000 волонтери ќе ја чистат земјава на повеќе од 500 локации во сите општини, меѓу кои и над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети, волонтери и национални паркови.
Учениците од сите училишта низ земјава ќе добијат за домашна задача на 9 мај заедно со наставниците и професорите да ги исчистат училиштата, на 10 мај учениците заедно со нивните семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а на 11 мај учениците заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и пикник местата во нивното опкружување. Нивна задача е да го фотодокументираат чистењето и на првиот школски час да ги презентираат резултатите.
Во изминативе четири години беа собрани 1 милион килограми отпад за време на Генералка викенд, досега учествуваа над 44.000 волонтери, исчистени беа над 1.000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја.