ОД ОБНОВА НА СТАРОТО УЧИЛИШТЕ ДО СТРУЈА ОД ФОТОВОЛТАИЦИ – КИЧЕВСКОТО СЕЛО БЕЛИЦА САКА ДА СТАНЕ ПРИМЕР ЗА ЗЕЛЕНА КОМУНА

    ОД ОБНОВА НА СТАРОТО УЧИЛИШТЕ ДО СТРУЈА ОД ФОТОВОЛТАИЦИ – КИЧЕВСКОТО СЕЛО БЕЛИЦА САКА ДА СТАНЕ ПРИМЕР ЗА ЗЕЛЕНА КОМУНАРаботата на Здружението за развој на месна заедница село Белица доби смисла откако во училиштето влегоа ученици за првпат од 1975 година (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од мисија да се обнови старото локално училиште до проект за претворање на селото во зелена комуна, жителите на Белица се здружија не само за да му вратат живот на својот роден крај, туку и за да ја заштитат преубавата природа која го окружува. Пред 17 години тие го основаа Здружението за развој на месна заедница село Белица и подоцна почнаа соработка со Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ и со Македонското еколошко друштво (МЕД), па од спас на парче локална историја стигнаа до фотоволтаици.

    Оддалечена 20-ина километри од Кичево, Белица денес има 20-ина постојани жители и над 100 семејства низ светот, но покрај многуте стари, напуштени и полупаднати куќи, во селото има и десетици обновени и доградени. Белица е чист предел. Иако не е планинско село, тука човек може да се изнадише воздух и да се изнагледа природа.

    Регионот има доста сончеви денови и е блиску до Кичево, но доволно далеку за да биде многу почист (Фото: Ѓ. Личовски)

    И сѐ почна од основното училиште „Стојмир Пантилески“, старо околу 120 години, во кое своевремено учеле 260 деца. Денес има нови изглед, намена и прекар – Беличка палата.

    Кога првпат ја побаравме зградата во 2006, таа беше пропадната. По триста маки, конечно ја добивме во 2009. Тогаш ја направивме и фејсбук страницата на Белица, која предизвика револуција. Правилно ја искористивме и се јавија првите луѓе кои понудија финансиска помош. Првата цел ни беше школото да се покрие, да го заштитиме, па да се направи повеќенаменска сала. Потоа ни се јавија други донатори и аплициравме за проект на ЕЛЕМ и добивме милион денари, по што го надградивме училиштето и со сместувачки капацитети. Решивме училиштето да стане регионален центар за развој, со отворени канцеларии, каде што младите ќе можат да се собираат, советуваат и да им се даде помош“, вели Раде Момироски, кој е претседател на собранието на здружението.

    Со помош на „Еко-свест“ и МЕД, беличани направија проект за поставување фотоволтаици на покривот на училиштето, чие монтирање треба да почне наскоро.

    За почеток, фотоволтаиците ќе се постават на покривот на училиштето (Фото: Ѓ. Личовски)

    Стигнавме до фотоволтаици, што сѐ уште не ни се верува. Тие ќе се стават на покривот. Првично планираме 20 киловати, а во покасна фаза уште 20, па вишокот струја ќе може да се става во мрежа, од што бенефит ќе има не само објектот, туку и целото село. Да не мора да се греат на дрва, туку на електрична енергија добиена од сонцето. Имаме доста сончеви периоди во годината, па ако ова биде успешно, ќе бараме проекти и за домаќинствата, за поставување инвертори“, најави Момироски.

    Беличани велат дека не познаваат друг пример во Македонија вака да се здружи една селска заедница.

    Идејата ни беше да ги заживееме овие наши подрачја. Многу беше иселено. Се здруживме во вид на месна заедница, обновивме црква и патишта, околу 40 нови куќи се направија. Организираме Белички средби на иселениците и турнири за Александрија, ние сме единственото село кое го слави овој светец. Ќе ставиме и рефлектори и трибина со столчиња. Средствата ги добиваме од донации, од наши фирми, албански фирми, од општината. Реализиравме околу 15 проекти. Сакаме да ги спасиме шумите, нема да се сечат ако поставиме фотоволтаици. Воздухот ќе ни биде почист. Се ангажираме да го средиме коритото на Беличка Река, која минува низ селото, да ги санираме мостовите и да ја спасиме речната пастрмка, која ни е како заштитен знак“, вели Илија Костески, претседателот на здружението.

    Во селото е поставена мониторинг станица за следење на температурата, воздухот, врнежите, релативната влажност и ЦО2 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во целата приказна пред една година се вклучи и Македонското еколошко друштво, од каде што велат дека регионот на Илинска и Плакенска Планина е многу интересен за нив од аспект на заштита на биодиверзитетот.

    Тие се идентификувани како важен коридор за крупен дивеч уште пред 15 години, особено од аспект на заштита на балканскиот рис, па уште во 2010/11 имавме мали грантови за организации во регионот. Со овој проект се опфатени двата аспекта: и заштитата на биодиверзитетот и активности за ублажување на климатските промени, односно користење на обновливи извори на енергија. Регионот има доста сончеви денови и е блиску до Кичево, но доволно далеку за да биде многу почист. Се отвори можност да аплицираме преку грантовата програма на ‘Еко-свест‘ за да помогнеме не само да се среди овој објект, туку и да се постават фотоволтаици и понатаму тој да се промовира како центар во кој ќе се организираат едукативни предавања, обуки и работилници“, изјави Робертина Брајаноска од МЕД.

    Заштитата на Беличката Река е исто така цел на мештаните (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во селото е поставена мониторинг станица за следење на температурата, воздухот, врнежите, релативната влажност и ЦО2.

    Идејата ни беше да покажеме дека регионот е чист и да добиваме податоци што ќе можат да се користат за натамошни анализи и за споредба со други историски податоци, за да се види какво е влијанието врз биодиверзитетот. Со покачувањето на температурите и со намалувањето на врнежите се менува и составот на вегетацијата“, рече Брајаноска.

    Оддалечена 20-ина километри од Кичево, Белица денес има 20-ина постојани жители (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во средата, на 18 октомври, целата досегашна работа на беличани доби смисла, кога во школото дојдоа 15-ина петтодделенци од ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ од Кичево за да проследат настава за живиот свет на Илинска и Плакенска Планина.

    За првпат од 1975 во школото влегоа ученици, па тоа за нас е навистина посебен ден“, велат тие.

    Г. КОНЕВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира