ПОДНЕСЕНО БАРАЊЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМ И ДО ОПШТИНА ВАЛАНДОВО ЗА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛ

    ПОДНЕСЕНО БАРАЊЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМ И ДО ОПШТИНА ВАЛАНДОВО ЗА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛРудникот за катоден бакар Казандол се гради на километар од градот, а граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, бара да се стопира изградбата и жителите да се изјаснат на референдум. (Фото: СДК.МК)

    Иницијативата „Спас за Валандово“ денес поднела писмено барање до градоначалникот и претседавачот на Советот на општината да распишат референдум, на кој жителите од овој град ќе кажат дали се за или против отворање рудник за бакар, злато и сребро во областа Казнадол. Членовите на оваа иницијатива велат дека и покрај тоа што постапката за давање концесија за експлоатација на минералните суровини од Казандол е завршена и дозвола е веќе дадена на инвеститор, тие сметаа дека има простор да се чуе ставот на граѓаните и да се променат работите.

    „Кога се даде концесијата немаше широка јавна дебата и јавна расправа, туку јавната дебата ја направија пред мал број луѓе. Концесијата е дадена во период на политичка криза, кога имаше многу превирања и кога беше целата работа звршена тогаш соопштија. Вчера членовите на нашата иницијатива одеа од врата на врата и со сите 15 советници од Советот на Општина Валандово разговаравме и сите рекоа дека ја поддржуваат нашата иницијатива за распишување референдум. Денес во архивата на Општината поднесовме барања до градоначалникот и до претседавачот на Советот под итно да се закаже седница на Советот на која единствена точка на дневен ред ќе биде распишување референдум“, вели Роберт Марков.

    Тој смета дека треба да се слушне гласот на народот и централната власт потоа ако има слух да ја запре изградбата на рудникот, која во процесот на производство на бакарна руда ќе користи и сулфурна киселина.
    „Стравуваме дека рудникот ќе влијае негативно и врз здравјето на лужето и врз земјоделските производи, иако инвестоииторот Сардич уверува дека ќе ги применат најмодерните еколошки стандарди за заштита. Во самата студија за оценка на влијанието врз животната средина стои дека во кругот на рудникот ќе има езера со вода во која е разредена сулфурната киселина, а таа ќе испшарува во воздухот. Сетоа тоа ќе се слушува на еден километар од градот“, вели Марков.

    Концесијата за експлоатација на минерални суровини во Казандол, компанијата „Сардич МЦ Дооел“ од Скопје, зад која стои англиско-украински капитал, ја доби во февруари 2015 година, а гредежните работи почнаа лани во август. Од Компанијата тврдат дека до крајот на годината ќе завршат градежните работи и рудникот ќе почне со работа. Пред неколку дена од компанијата концесионер рекоа дека нема да ја загадува животната средина, оти се преземени сите еколошки мерки.

    Од Министерството за животна средина објаснуваат дека во случајот со Валандово и да организира референдум за рудникот во Казандол, тој нема да има поголемо влијание, бидејѓи постапката за издавање позитивно мислење и дозвола за концесија е веќе завршена.
    „Во случајот со Гевгелија резултатот од референдумот е обврзувачки, бидејќи во моментов канадскиот инвеститор се уште прави само истражувања на локалитетот, односно нема побарано од нас дозвола за влијание врз животната средина. Во моментот кога ќе побараат од нас ваква дозвола, која им е неопходна за да добијат дозвола за концесија од Министерството за економија, ние сме должни да побараме мислење од Општина Гевгелија. Општината пак според законските прописи е обврзана да го почитува резултатот од референдумот и мора да даде негативно мислење, а кога ние ќе го добиме автоматски ја прекинуваме постапката, бидејќи мислењето на локалната самоуправа за нас е обврзувачко“, велат од Министерството за животна средина.

    Според законските прописи за да може Министерството за економија даде даде концесија за експлоатација на минерални металични суровини, инвеститорот прво треба да добие дозвола од Министерството за животна средина, односно да изработи студија за оценка на влијанието врз животната средина, која ќе му ја одобри Министерството за животна средина.
    „Во последните две години единствената дозвола која сме ја дале е за рудникот Казандол. Во тек се постапки за уште пет други рудници“, велат од Министерството за животна средина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира