Повеќе од половина од големите езера и резервоари во светот се намалиле од почетокот на 1990-ите, најмногу поради климатските промени, покажа ново истражување објавено вчера.
Меѓународен тим на истражувачи извести дека некои од најважните извори на свежа вода во светот, од Каспиското Море меѓу Европа и Азија до езерото Титикака во Јужна Америка, губеле вкупно 22 гигатони вода годишно во последните три децении. Фангфанг Јао, хидролог од Универзитетот на Вирџинија, кажа дека 56% од намалувањето на природните езера е резултат на климатските промени и човечката потрошувачка.
Климатолозите генерално предвидуваат дека сушните области во светот ќе станат уште посушни, а влажните области уште повлажни поради климатските промени, но истражувањето откри значително губење на водата и во влажните региони.
„Тоа не смее да се занемарува“, вели Јао.
Научниците анализирале речиси 2.000 големи езера, користејќи сателитски снимки и климатски и хидролошки модели. Притоа заклучиле дека 53% од нив се намалиле во периодот од 1992 до 2020 година. Од ова биле погодени речиси две милијарди луѓе, кои живеат во тие езерски подрачја, а многу региони се соочиле со недостиг на вода во изминатите години.
Нивото на водата пораснало во една четвртина од езерата, најчесто како резултат на изградба на брани.