Швајцарското село Блатен е делумно уништено откако големо парче глечер падна низ долината. Иако селото беше евакуирано уште пред неколку дена поради стравувањата дека глечерот Бирх се распаѓа, еден 64-годишен маж се води како исчезнат. Многу домови се срамнети со земја.
„Незамисливото се случи, но ветувам дека селото има иднина“, рече локалниот шеф Матијас Белвалд, кој побара помош од швајцарската војска.
Околу 300 жители на селото мораа да ги напуштат своите домови на 19 мај откако геолозите кои ја следеа ситуацијата предупредија дека глечерот е нестабилен. Многумина од нив можеби никогаш нема да можат да се вратат.
„Го изгубивме нашето село, но не и нашето срце. Ќе се поддржуваме и тешиме едни со други“, изјави Белвалд.
Швајцарската влада вети дека ќе обезбеди средства за да можат жителите да останат барем во околината.
Климатските промени предизвикуваат сѐ побрзо топење глечери, а попушта и пермафростот, вечниот мраз што се опишува како лепак кој ги држи високите планини. Глациолозите со години предупредуваат дека некои алпски гратчиња и села се во ризик и Блатен не е првото место кое беше евакуирано. Последниот извештај за состојбата на швајцарските глечери покажа дека тие би можеле да исчезнат во рок од еден век ако порастот на глобалните температури биде поголем од 1,5 Целзиусови степени во однос на прединдустриските нивоа.