Во Охрид, кај месноста Маутскер каде што некогаш беше и воено стрелиште, денес се запали големата депонија во која се остава ѓубре, отпад и градежен шут. Овој отпад наместо да се носи во депонијата кај Буково во близина на Охрид, се складира токму на самиот влез во градот.
Овој простор од локалната самоуправа, посебно од градоначалникот Никола Бакрачески со години беше претставуван како место каде што ќе се гради индустриска зона.
Овој дел стана стана еден од еколошки најнечистите приградски простори каде царува отпад и гнасотија. На оваа реагираа и СДСМ од Охрид.
„ВМРО-ДПМНЕ неодговорно го блокираше формирањето на новата Влада и го одложи изборот на нови локални власти. Но оваа партија на локално ниво со години штети на охриѓани и со конкретниот проблем, бидејки сметот од градот воопшто не се носи и не се складира во депонијата кај Буково, туку се расфрла и се закопува во Маутскер, спротивно на законските прописи за управување со отпадот и заштита на животната средина”, соопштија од СДСМ- Охрид.
Од локалната самоуправа тврдат дека се на терен: „Во интерес на јавноста и со цел информирање на граѓаните, надлежните институции, иако СДСМ и тука се обидува да ги заплаши граѓаните, континуирано се на терен уште од самиот момент на појава на овој пожар и ги превземаат сите потребни мерки што резултира со веќе локализиран пожар и контролирана ситуација“.
Д. ЧУБРИЌ