Приоритет за расчистување на новата Влада ќе бидат сомнежите околу концесијата и работењето на депонијата „Дрисла“ посебно по уверувањата дека таму се депонира опасен отпад.
Советничката група на СДСМ и на коалицијата во Советот на Скопје вчера, по кој знае кој пат предупреди дека на депонијата има опасен отпад и дека концесионерот со години го собира профитот од ѓубрето, а не инвестира. Драги Давчевски, координатор на советничката група на СДСМ и на коалицијата во Град Скопје не се задоволни од информацијата за работењето на „Дрисла“ која вчера беше на дневен ред на седницaта.
„Побаравме и дадовме можност да се дополни информацијата со вистински докази за тоа дали на депонијата има или нема складирање или третирање со спалување на опасен индустриски отпад од увоз. Во рамките на информацијата се потврди дека концесионерот и по четири години нема инвестирано ниту едно евро во Дрисла, но сепак инкасира профит од работењето. Бараме да се преиспита одлуката за јавно-приватни партнерство со ФЦЛ поради неисполнивање на доворот од 2013 година, Основното јавно обвинителство да отвори истрага врз основа на допрен глас и да утврди дали Дрисла се користи за незаконски цели“, побара координаторот Давчевски.
Информацијата што беше на разгледување во Советот на Скопје укажува на тоа што се треба да се изгради на депонијата, информира дека се работи на нови постројки, фабрики и технологии за преработка на отпадот, но дека ниту една од најавените работи не е комплетирана. Посебно внимание во информациата е посветено на третирањето на медицинскиот отпад со објаснување дека нема незаконско согорување опасен медицински отпад.
Пред шест месеци, во декември минатата година, САКАМДАКАЖАМ.МК објави текст за неинвестирањето во „Дрисла“ со објаснување дека ѓубрето се третира безмалку на ист начин како и пред депонијата да добие концесионер, а модернизацијата на начинот на уништување и преработувањето на отпадот останаа само на ниво на ветувања. Тогаш од „Дрисла“ објаснија дека во тек е изградба на печка за уништување отпад и континуирано се работи на дозволи за некои фабрики, а некои веќе се градат и за некој месец ќе бидат пуштени во употреба. Имаа објаснување и за причините поради кои не се реализирани најавите деа од ќубрето ќе се произведува струја.
„За да се направи нешто, поготово толку големо како што се фабрики за третирање на отпад кои чинат повеќе од 70 милиони евра, потребен е долг процес, започнувајќи од доставување на документации до надлежни институции во државата, изработка на проекти, студии и елаборати, како и нивно одобрување повторно од надлежни институции, добивање на дозволи за градба, како и вршење на подготвителни работи пред финалното поставување на фабриките, а за што е потребно доста време, што значи дека сето ова не зависи само од концесионерите кои треба да вложат т.е. изградат фабрики, туку претходно треба да се завршат сите овие административни работи, како и подготовки на самото место каде ќе се постават фабриките. Не може да се гради без сите претходно наведени процедури. За овие 4 години се работеше на сето ова и се уште се работи, а за да се направи и ова досега потребни се доста финансиски средства“, дообјаснуваат од Дрисла.
Концесионерот „ФЦЛ Амбиенте“ кога на повторен тендер ја доби Дрисла во 2013 година најави дека на депонијата ќе инвестира 73 милиони евра со кои ќе се изградат фабрики за уништување и преработка на отпадот кои вклучуваат и селекција на хартија, стакло, пластика и метал, користење на исцедокот од отпадот за производство на ѓубриво како и производство на струја од ѓубрето.
Град Скопје мораше да го повтори тендерот за избор на концесионер оти второпласираната фирма на првиот тендер, германската „Шолц“ го тужеше Град Скопје поради нерегуларниот избор. Управниот суд во 2012 година ја уважи тужбата на Германците, го поништи изборот на Италијанците за концесионери на Дрисла и донесе одлука Град Скопје да ја повори постапката за избор.
Управниот суд утврди погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба во постапката, непостапување по правилата на управна постапка и Законот за концесии и погрешна примена на материјалното право.
Град Скопје го повтори тендерот, но пак ги избра Италијанците како најдобри понудувачи, а во март годинава по конечно завршување на сите судски постапки уште еднаш го потпиша веќе потпишаниот договор.