1 Мендух Кучи е навидум обичен државен службеник во Министерството за правда. Работи во подрачната единица во Тетово. Арно ама, кога ќе види 130 евра, обичниот државен службеник Мендух се претвора во шверцер на луѓе.
Но, сиромашкиот не го бива ни за тоа. Оти приказната што му се случила ја нема ни во најлошите филмови од американската Б продукција.
Мендух врз автомобилот “ауди” ставил табла со натпис “Такси”. Натоварил неколку албански државјани и за 130 евра се договорил да ги превезе до Гевгелија, од каде што требало илегално да заминат за Грција. Но Мендух го згрешил патот. Наместо во Гевгелија, стигнал на граничниот премин Табановце. Мислел дека се наоѓа на патарина и, за да не плати, извадил службена легитимација од Министерството за правда. Така полицајците го фатиле и него и илегалците.
Сиромашкиот Мендух. Ај да бил од Министерство за економија, ај да бил од Агенција за млади и спорт, ај да бил од некое јавно претпријатие. Ама за да биде приказната ептен мизерна, на Мендух му се паднало да биде вработен во Министерство за правда. И да шверцува луѓе.
Којзнае дали Мендух знае и да чита. Колку патокази има од Тетово кон Куманово, па не му текнало дека вози кон Србија? Сигурно имал партиска задача да се вработи некаде во државна служба за да ја пополни квотата од Охридскиот договор. Мендух во служба на граѓаните. Тој не знае да чита сообраќајни знаци, а ние го плаќаме од буџет да сработи нешто за општо добро.
Ма тој сигурно не знае ни каде работи. Знае само дека има службена легитимација и дека ако ја покаже, не мора да плаќа патарина.
2 Не е само Мендух Кучи обичен службеник кој, наместо да си брка работа, се мачи со државно работно место оти мора да е правично застапен.
Пред извесно време инспектор од Агенцијата за разузнавање го фатија со дрога во Автокоманда. Се откри дека и тој бил примен според Рамковниот договор. Пред тоа полициски началник од Тетово го фатија со калашников во багажник. Полицајци на Скопскиот аеродром во Скопје ги фатија како им помагаат на Косовци да се качат на авион за Виена без виза. Тројца полицајци во “Ориентал ас” во Камењане случајно се нашле како гости во борделот додека нивните колеги ги апселе проститутките.
ЕУ и НАТО ни дадоа многу задачи. Меѓу нив сега се најактуелни борбата против трговијата со луѓе и организираниот криминал.
Ама истите тие ЕУ и НАТО по 2001 година бараа правична застапеност. Сакаа добија. Според тоа, американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ и амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере кога ќе инсистираат на задачите што Македонија треба да ги заврши за да добие покана за членство и во ЕУ и во НАТО, секогаш на ум да ја имаат и ефикасната имплементација на Рамковниот договор. Ете, им го имплементиравме. И тоа скапо нѐ чини.
Македонија треба да влезе и во ЕУ и во НАТО. Сме заслужиле. Штом вакви државни службеници добивме под нивен притисок, сега треба да нѐ оценуваат со попуст. Ако имаме 25 отсто правична застапеност, тогаш нека ни дадат 25 отсто полабав критериум за влез во ЕУ и во НАТО.
Ако не сакаат да ни дадат попуст, нека платат за сите вакви откриени случаи, како оној на несреќникот Мендух Кучи. Или нека си ги земат нив во ЕУ и НАТО, а ние да почнеме преговори за асоцијација и стабилизација со Норвешка и “Партнерство за мир” со Швајцарија. А ако веќе не си го земаат Мендух и другите намачени борци за човекови права, тогаш тие нека гарантираат за нив.
Некој мора да ѝ даде гаранција на Македонија дека рамковните нема да ги кршат законите.
3 Рамковните имаат само една олеснителна околност. Таа е премиерот и Претседателот не сакаат да се видат. Како што тргнале, не изгледа и дека скоро ќе посакаат. И тие за добриот имиџ на Македонија работат како и државниот службеник Мендух Кучи. Пропорционално на функцијата.
Трагедијата е што од НАТО и од ЕУ за нив не можеме да бараме попуст во условите за прием. За разлика од рамковните кои Вашингтон и Брисел правично ни ги распределија во власта, Груевски и Црвенковски самите си ги избравме.
4 На поклонение на гробот на свети Кирил во Рим отпатува државна и црковна делегација од 32 луѓе. Освен спикерот на Собранието Љубиша Георгиевски и министерот за култура Арификмет Џемаили, таму отидоа и тројца мајстори за протокол, нивни помошници, портпароли, шефови на кабинети, преведувачи и уште некоја придружна делегација.
Не е објавено колку пари се потрошени. Но ако се соберат патот, ноќевањата и дневниците на свитата, Македонија ќе можеше барем да стави нова плоча на гробот за да не се фрустрираме секоја година дека бугарската била поголема. Или кога веќе сакаме да се покажуваме како директни наследници на словенската писменост и културата, можеа наместо толку државни службеници, да однесат некој уметник да одржи концерт.
Вака излегува дека одат за да видиме ние тука дека отишле, а во Италија за Македонија никој нема да чуе. Од кога шопинг се вика поклонение?