АВТОБУСКА СТАНИЦА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:114:"МакедонијаќевлезевоЕУкогакомандантЛекаќестанепремиер

    1 Утре ќе одам да гласам. Ќе излезам од влезот на зградата и веднаш ќе зацапам во кал. Живеам во Центар, ама немам свој плоштад, па секој ден одам со калливи чевли на работа. Ќе се пробијам некако провирајќи се меѓу паркираните коли и ќе му се заблагодарам на Господ дека и минатата ноќ немало пожар во зградата, оти ако имало, противпожарните возила не ќе можеа да се пробијат на закрчениот паркинг. Патем успешно ќе ги избегнам мачките што скокаат од отворените смрдливи контејнери. Кога ќе стигнам до зградата каде што е избирачкото место ќе си го затнам носот додека минувам покрај тоалетите. Во тоа училиште секој ден учат нашите деца. Таму ќе ми го испрскаат прстот со спреј и ќе ми го скенираат оти “мојот глас бил мое право”.
    Пред еден месец дадовме некои прашалници во Брисел и се испофаливме дека сме биле поблиску до ЕУ.
    Е колку сме блиску кога уште на гласање одиме со бележани палци. А ДИК на телевизија нî учи “на гласање да не носиме оружје”. И претставникот на ЕУ Михаел Салин пет пати очајнички замоли: “Ве молам, немојте да пукате, немојте, немојте, немојте…”.
    Толку од Прашалникот.

    2 Како тргнала работата попрво Косово ќе влезе во ЕУ, отколку Македонија. Оти тие си го имаат Рамуш Харадинај. Тој доброволно се предаде на Судот за воени злосторства во Хаг. Цела меѓународна заедница го пофали за тоа. Неговото предавање било доказ дека Косово ги исполнува стандардите.
    Харадинај во Хаг отиде испратен со сите почести. А ние имавме еден Љубе Бошковски, кој никој не го испрати, туку морал да се скрие во гепек да ја помине границата. Љубе по командна должност ќе оди за Хаг, Борис по командна должност си отиде, а нашиот Али Ахмети по патриотска должност замина за Приштина да го испрати Харадинај.
    Што е нашиот Али полош од Харадинај за и Македонија да ги исполни стандардите. Косово сега е поблиску до ЕУ оти има премиер што е обвинет за воени злосторства. Убивал, киднапирал и малтретирал. А нашите што убивале, киднапирале и малтретирале се само министри и евентуално кандидати за градоначалници.
    Ние ќе чекаме командант Лека да стане премиер. И да си даде оставка за да замине за Хаг. Така ќе ги исполниме стандардите на Косово.

    3 Деновиве беше објавено дека општините должат цели 57 милиони евра.
    Никаде не е објавено колку пари се потрошени за кампањата за локалните избори. Колку чинат сите спотови на телевизија, билборди, рекламниот простор по весниците, дополнителните акции на досегашните градоначалници.
    Некој ќе мора да ги врати тие пари. А како ќе ги врати? Со наместени тендери, со анекс договори, со локации за градба, со катни гаражи…
    Градоначалниците се фалат дека ќе се бореле против урбаната мафија. Како, кога ќе мораат да í ги вратат парите.
    4 Два дена пред изборите во Скопје беше пуштен во употреба првиот автобус за лица со посебни потреби. Во главниот град на државата, од Кондово до Ново Лисиче има еден автобус за инвалиди. Знаат ли на која линија ќе вози автобусот? Или ќе врти низ цел град. Чекајте го, ќе дојде и на вашата автобуска станица. Ќе чекаме. Кога веќе го чекавме 50 години, ќе го чекаме и деновиве. Кај и да е, ќе се појави.
    Тоа не е автобус за лица со посебни потреби. Тоа е автобус за лица со изборни потреби.

    5 Претседателот Бранко Црвенковски помеѓу уставните реформи и реформите во судството се занимаваше и со скандалот околу изборот на Песна на Евровизија. Беше соопштено дека “овој настан го руши угледот на Република Македонија надвор од границите” и дека “треба да се извлече поука и истиот повторно да не се случи”.
    Бранко има многу работа. Пред него стои предизвикот да реши уште покомплицирана ситуација. Да испита зошто реалното шоу “Тоа сум јас” од МТВ се сели на А1.

    6 Предлогот за легализација на проституцијата е добар за намалување на стапката на невработеност во Македонија.
    Ако си невработен евидентиран си во Агенцијата за вработување. Ако Агенцијата ти најде работа, а ти ја одбиеш, тогаш со закон се обврзани да те избришат од списокот на невработени. Ако ти понудат да бидеш проститутка не смееш да одбиеш. А кон макрото треба да се однесуваш како кон секој друг работодавец.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира