БИВША ИДНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:58:"ДивиотЗападпристигнанаИсток

    1. По повеќегодишно настојување, толерирање на разноразни пратеници што ни кажуваа што треба да правиме, мониторинг-мисии за пописот, за изборите, којзнае колку состаноци на разно-разни комисии, протестни писма и жалби, во средата конечно се најдовме пред вратите на Советот на Европа. И сега… Што!?

    2. Ми се чини дека прашањето е умесно, бидејќи во целата еуфорија како да не се пронајде време за објаснување што значи членството на Македонија во Советот на Европа. Односно, дали покрај обврските што тоа ги носи (дел од нив веќе исполнивме), ќе имаме евентуално и некоја корист. Тоа би бил еден прагма­тичен приод на објаснувањето што ќе правиме сега со членството во Советот на Европа.
    За жал, и во Стразбур не можеме да се откачиме од она глупаво име  што сега модерно се нарекува референца – “бивша југословенска Република Македо­нија. Кога ќе го кажеш она “БЈРМ” на македонски, некако може да се проголта, особено што на македонски и многу ретко го употребуваме. Ама, БЈРМ на англиски го викаат “ФЅРОМ”. Е тука веќе може на референцата да ѝ се даде суштински поинакво значење. Сé зависи од тоа кој како ќе си ја токува првата буква “Ф”. Според привремената референца од ОН, тоа “Ф” доаѓа од англискиот збор “Формер”, што значи – бивша. Арно ама, што ако некој тоа “Ф” го поврзе со исто така англискиот збор “Футуре”, што значи – идна. Па во преводот на маке­донски да излезе “идна југословенска република Македонија”!?
    Што ако наскоро успешно завршат мировните преговори за Босна и оваа осакатената најнова Југославија, од Србија и Црна Гора, меѓународната заедница ја признае како – Југославија. Тогаш ќе имаме една Југославија и една бивша југословенска република Македонија како соседи. Нема ли тогаш меѓународно признатата Југославија  да се осили, па од бившата југословенска република да направи – идна? Во меѓународната заедница ништо нема да се промени. Кра­тенката останува иста “ФЅРОМ”.

    3. Мене, најискрено, многу повеќе ме загрижува тоа “референтно” играње на тема “бившо-идно” отколку, на пример, тоа што партијата НДП напишала писмо во кое бара Советот на Европа да не ја прими Македонија. Се виде како помина нивното писмо. Тие таму во Стразбур примаат којзнае колку такви писма, од далеку поважни и повлијателни партии отколку НДП и не верувам дека земаат предвид нешто за што и самите неколку пати веќе се увериле. Белким не доаѓаа бадијала во Македонија толку пати, за да нé научат да станеме Европејци. Освен тоа, НДП само покажа дека и кај нас може да си пишува кој како сака. Затоа и не ја сфаќам потресеноста кај дел од македонската јавност за ова писмо. Како да не ги знаеме НДП. Па тоа што го испратија во Стразбур им е запишано и во прорамата. А прашањето на лојалност кон државата е веќе прашање по кое тие доволно се докажале. И за Уставот, и за референдумот, и за пописот.
    Затоа пак многу ме потресе тоа што една така сериозна држава како што е Романија, на која, згора на сé, сериозно ѝ се слуша гласот во Европа, побарала заштита на Власите во Македонија. Тоа сигурно страшно ќе одекне во светот. Еј, луѓе, Романија е во прашање, свестете се што правите со Власите во Македонија. Настрана што тие имаат легитимно право да се борат за заштита на нивните интереси. Двата јазика се од романската група на јазици. Ме чуди само како и Французите не дадоа амандман за Власите во Македонија. И нивниот  јазик е од истата група. Па и Шпанците. Белким не се Власите во Македонија за Шпанците – шпанско село?
    Сега, кога ќе станеме полноправни членови на Советот на Европа и ние ќе поднесеме амандман против  Романија за нивниот однос кон унгарското малцин­ство. Што имаме врска ние со Унгарците? Исто колку што Романците имаат врска со нашите Власи.

    4. Многу жалам што немавме подетаљни информации за посетата на минис­терот за одбрана Благој Ханџиски на Велика Британија. Кога беше во САД, на грчките новинари стручно им објасни дека мелодиката на македонскиот јазик е иста со мелодиката на јазикот на Хомер во “Илијадата”.
    Живо сум заинтересиран дали во Велика Британија на тамошните новинари им објаснил дека мелодиката на македонската гајда е иста со мелодиката на шкотската гајда. Ако тоа не им го објаснил, џабе му било патувањето.

    5. Првиот полициски генерал во Македонија Станое Богев стана директор на училиштето за полицајци во Идризово. Кога само ќе се сетам какви почести му правеа, каква фешта беше претставена во јавноста, кога Македонија го доби  првиот полициски генерал, просто се чудам како можат највисокиот офицер сега  да го стават на чиновничко место, на кое нема да се расправа дури ни со обични полицајци, туку со ученици за полицајци.
    Министерот-портпарол Ѓунер Исмаил рече дека не станува збор за смену­вање на генералог Богев, туку за – хоризонтално разместување. Сосема е во право. Идризово е приближно на иста надморска височина со центарот на Скопје. Да го качеа, на пример, генералог да биде командир на полициска станица на Попова Шапка, ќе станеше збор за вертикално разместување. Вака, тој си остана во хоризонтала. Што му недостига? Ем е генерал, ем нема војска!

    6. Во каубојските филмови гледаме дека кога има судење некаде на Дивиот Запад, пред да влезат во судницата сите го оставаат оружјето пред врата. Меѓутоа, ние не сме Див Запад. Виница, во чиешто судско одделение еден обвинет застрела тројца граѓани, се наоѓа во источна Македонија. Филмови за Дивиот Исток сé уште не се снимени.
    Сега ми е јасно кога некој ќе рече: “Е, тој филм нема да го гледаш!” Кај нас филмските настани се случуваат во живо.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари