БЛИЗОК ЗАПАД

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:132:"ПесназаубаватаибогатаНата,којасевљубилавосиромашнотоМакедонче

    1. Сосема неочекувано за сите, освен за децата на кои уште пред неколку месеци сé им беше јасно како ден, оваа недела на првото место на првата неизвесна македонска топ-листа, блесна хитот “НАТО, НАТО, мое злато, баш би сакал јас”, во интерпретација на новата ѕвезда, воениот министер Владо Поповски. Компо­зицијата на светски прославениот саксофонист Бил Клинтон, во аранжман на група американски сенатори во посета на Киро Глигоров, за миг ги освои срцата на граѓаните на Македонија. Текстот на песната сé уште официјално не е прис­тигнат, па на еурофичните концерти ширум Македонија – рамноправна членка на ООН – публиката го придружува интрепретаторот со “Тра, ла, ла…”
    Со оваа тралалајка Македонија ќе се претстави на следниот фестивал за избор на песна на Евровизијата. Подготовките за што подостоен настап, со љубовната елегија за убавата и богата Ната, од американско потекло, која се вљубила во сиромашно Македонче (“Земи момче Македонче, па да видиш што е рај”), започнаа уште сега. За да ни биде доживувањето комплетно, вокалниот солист Владо Поповски ќе го придружува воклана група, по можност женска и од опозицијата. Во најтесниот круг на избор се влезени претставничките на ВМРО-ДПМНЕ, кои, познати по своите западни погледи на свет, први паднаа во транс, не чекајќи го Поповски да ја заврши и првата строфа. Нивното “тра, ла, ла…” како придружни вокали ќе ѝ даде на композицијата особено радосна нотка, симболично претставувајќи ја радоста која сите нас обилно ќе нé заплисне веднаш штом ќе биде укинато ембаргото за снабдување со оружје и веднаш штом целокупниот државен буџет ќе го пренасочиме за купување на левото крило од борбениот авион – првенче на македонските воздухопловни сили.
    Ние отсекогаш сме биле свртени кон Запад. Оттука, има ли нешто пологично отколку да ги следиме потезите на Албанија. А и за доаѓањето на американските трупи во Македонија нема никакви формални пречки. Ние веднаш ја признаваме независноста на САД и подготвени сме што е можно поскоро, кога ќе го начекаме вистинскиот момент, да им предложиме да воспоставиме дипломатски односи. Колку да не ни забележува светот дека сме ги ставиле под протекторат.

    2. Дека Албанија ни е сигурен пример, сведочи и приказната за приватиза­цијата. Од сите источноевропски држави кои го напуштија комунизмот (барем вербално) уште само Албанија и ние немаме започнато со приватизација.
    Воопшто не е интересно да се пишува на оваа тема. И покрај сите нејаснотии што се појавија на почетокот на парламентарната сесија за Законот за привати­зација, особено што парламентарците се измешаа, па не знаеш кој е позиција, а кој опозиција, кој лев, а кој е десен, едно е совршено јасно: Донесувањето на зако­нот го сопира новата парламентарна група под името ЗДО. Здружена директорска опозиција.

    3. Прво се јави грчкиот министер за надворешни работи Михалис Папакон­стан­тину со обвинување дека Македонија ги крши санкциите кон Србија и Црна Гора, веројатно терајќи ја водата на воденицата на лорд Дејвид Овен, кој пред тоа изјави: “Земјите, особено соседите на Србија и Црна Гора, ризикуваат да бидат подведени под системот на санкции доколку не го почитуваат ембаргото воведено против Србија и Црна Гора”.
    Потоа шефот на посматрачката мисија на КЕБС го посети премиерот Бранко Црвенковски да го предупреди на задолжителноста од почитувањето на санкциите, на што премиерот, според соопштението од неговиот кабинет, изјавил дека “Македонија ќе ги почитува санкциите иако тие повеќе ќе нé погодат нас отколку Србија и Црна Гора”(!?)
    Ден потоа, во ударен термин на државната телевизија, во контактната програма, еден директор на многу позната македонска фирма изјавува: “Среќа наша што НЕ ги почитуваме санкциите, инаку – готови сме”.

    4. Баукот на сидата кружи низ Прилеп. Овој пат граѓаните на градот херој пак се разочарани, зашто сепак не се прва пушка. Првиот случај на сида им го зеде Скопје.
    Затоа сега работат на интензитетот на интригите. А според извештаите што стигнуват оттаму, прилепчани небаре се засрамени што токму во нивниот град откриле сида. Како да е Прилеп надвор од светот.
    Башка, ич не ми е јасно зошто се толку вчудоневидени. Кој им е виновен кога секој втор збор им е: “Ебаго”? И тоа – без заштита.

    5. Прекрасното чувство да го пречекаат претседателот на Собранието Стојан Андов на враќањето од Рим го имаа неколку стотици патници затворени четири­есе­тина минути на плус 40-50 степени во задушливата аеродромска зграда на аеродромот “Скопје”. По мерките на протоколот ли, на полицијата ли, сиро­машките патници не смееја носот да го извадат низ влезните врати на зградата, а камоли да пропешачат до своите автомобили на паркингот. Полицијата го исчисти паркингот од сé што мрда и сите ги затвори да паѓаат во несвест, додека не слета државната делегација, додека не даде изјава, додека не ги растоварија куферите и додека не си заминаа кон градот.
    Сé ми се чини дека Фрчковски ова намерно го направил, за да не гласаат за Андов оние патници кои мораа четириесетина минути да уживаат во тропските горештини и во мирисот на потта и соблечените чевли. Или пак директорот на аеродромите Зоран Крстевски смислил добар начин за зголемена потрошувачка на освежителни пијалоци во аеродромското бифе?
    Како и да е, четирите авиони на авиокомпаниите кои во тоа време доцнеа за полетување, поради пречекот на Андов, сега барем знаат каде да се обратат за компензација на казнените пенали што мораат да им ги плаќаат на туѓите аеродроми поради доцнењето. Нека ѝ испратат сметка на државата. Или, барем Зоран Крстевски нека им одбие од долгот кон скопскиот аеродром. Тоа може да се сфати дури и како партиска пожртвуваност кон својот лидер.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари