ДАЈТЕ ПЕГЛА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:138:"Сéбешекакоштотреба,самоштонановотомакедонскознамемуфалеше-пегла

    1. Пред зградата на Обединетите нации во Њујорк минатата сабота беше сé како што треба. Беше испразнет средишниот јарбол, дуваше силен ветер за да може убаво да го развиори македонското знаме, немаше сонце за да не им пречи на присутните да гледаат нагоре како се крева знамето, Бутрос Гали кажа два три убави збора, Сајрус Венс им честиташе на Стојан Андов и на Стево Црвенковски, имаше и две-три камери за сликање, се слушна и краткотраен аплауз…
    Сé беше “океј” во Њујорк, само што на знамето му фалеше – пегла. Беше премногу истуткано.
    Постојано си имаме проблеми со знамињата. Се сеќавам, пред повеќе од две години, министерот за култура Ѓунер Исмаил се качуваше по јарбол за да го закачи знамето на Венецијанското биенале. Министерот за финансии Јане Миљовски во Европската банка во Лондон знамето го вадеше од пазувите и си го ставаше пред себе. Ама тоа беше знамето со шеснаесеткракото сонце. Со ова новото во принцип не би требало да има проблеми, ама – никогаш не се знае. Можеби министерот за надворешни работи Стево Црвенковски намерно го истуткал знамето за да може полесно да го пренесе во Америка. Којзнае каде го криел по пат, за да може толку да се истутка. Во делегацијата никој не носеше пегла. А и да имаше, немаше кој да ги испегла. И знамето и членовите на де­легацијата.
    Само петнаесетина минути по свечената церемонија заврна силен дожд. Во комбинација со силниот ветер, тоа беше вистинска луња. Траеше речиси цел ден. Така што мали беа шансите некој да ни го види неиспегланото знаме како се виори покрај другите. Вечерта, кога луњата малку се смири, од ветерот и дождот сите знамиња беа паднати на половина јарбол.

    2. За време на траењето на јубилејното заседание на ОН по њујоршките улици беше вистински хаос. Поради затворањето за сообраќајот на неколку авении и повеќе улици што гравитираат кон седиштето на ОН, а повремено беа затворени за сообраќај и други улици што водат кон местата каде што имаше прием американскиот претседател, каде што даваше вечера њујоршкиот градо­началник,  или каде што се одржуваше свечениот концерт по повод јубилејот, локалната телевизиска станица ги предупредуваше мештаните да си ги остават автомобилите дома.
    Изгледа дека помошникот државен секретар на Стејт департментот Ричард Холбрук не ја гледал програмата на локалната ТВ станица. Затоа и тргнал во незгодно време на средба со Стојан Андов и Стево Црвенковски. Па, заглавил во метежот, некаде низ њујоршките улици. Така барем кажал кога се јавил да се извини. Што самото по себе е многу чудно кога е во прашање Холбрук. Тоа мора да бил голем метеж. Човекот доаѓа по Балканот и расчистува разно-разни метежи, а ваму, не може да се снајде со најобичен сообраќаен метеж. Или пак, од премногу шетање по балканските земји, и самиот прифатил балкански навики, па не доаѓа навреме кога ќе се најави.
    Затоа пак истиот ден, ама по два-три часа, со сообраќајот мошне успешно се снајде Сајрус Венс и успеа на време да стигне на приватниот ручек со Андов и Црвенковски. Како Венс не се заглави исто како Холбрук!? Мора да имал некој голем мотив, штом не го спречил ни сообраќајниот метеж. Освен тоа, каков пријател би бил, ако не може да им го направи ќеифот ни со еден обичен ручек.
    Што се однесува до ручекот, тој бил сосема приватен. Храната немала никаква врска со пишувањето на Грците за скорешно продолжување на преговорите околу името, со средбите на грчкиот амбасадор Захаракис со Венс… Грците лажат. Впрочем, нели така лажеа и изминативе години?

    3. Кога на едно место ќе се најдат 150 претседатели на држави и премиери, тогаш само може да се замисли какви мерки за обезбедување треба да се преземат. Особено што меѓу нив беше и нивниот претседател Бил Клинтон, за кого и да ги нема останатите 149 негови колеги, Американците прават вистинска драма.
    Додека траеја свеченостите во Њујорк, во близината на зградата на Обеди­нетите нации можеше да се дојде само со специјални пропусници. На улиците кои водат до зградата беа паркирани по десетина полициски автомобили, по средината беа попречени по два камиона полни со песок, од страна дежураа противпожарни и возила на брза помош, во непосредна близина на готовс беше и коњичката полиција. Небото над Обединетите нации тие денови беше забрането за комерцијален сообраќај. На него постојано дежураа по четири-пет полициски хеликоптери. По Источната Река патролираа полициски бротчиња, а дното го истражуваа специјалци-нуркачи…
    И, среде целата таа комплетна безбедносна блокада, вториот ден, кога според програмата зборуваше францускиот претседател Жак Ширак, којзнае од каде над Обединетите нации долета еден параглајдер на моторен погон зад кого беше развиорена паролата “Престанете со нуклеарни проби”. Човекот леташе добри петнаесетина минути додека хеликоптерите некако не успеаја да го симнат на земјата. Целта беше постигната: се дигна таква фрка што сите мораа да ја прочи­таат пораката на параглајдеристот. Настанот беше овековечен и со телевизиска снимка. Тоа само го потврди правилото дека ниту едно обезбедување не е целосно. Американците претпоставија и нереди со пукање и експлозии на бомби, дури и напад од реката или од небото. Ама, очигледно накрај на умот не им дошло дека некој ќе им ја пробие блокадата со параглајдер.
    Другиот ден јавија дека параглајдеристот ќе биде даден на суд. Обвинет е за – недолично однесување!

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари