1 Јавниот обвинител Александар Прчевски вели дека е последна будала, ама вие не треба да му верувате. Тој можеби е будала, ама не е толку. Има барем малку памет за да си ја чува сопствената кожичка.
Нели кога објаснуваше дека не бил правилно сфатен, рече: “Секому му е својата кожа мила, а мене ми е најважна мојата”.
Значи, почитувани граѓанки и граѓани на Македонија, на државниот јавен обвинител баш му е гајле за вашите кожички. Прчевски си ја чуваше кожичката и во скандалот ТАТ, па од претседател на Судот во Битола дотурка до оваа функција.
Сега е јасно и зошто Прчевски не покрена истрага за авионската несреќа кај Мостар. Него не го интересира кожата на Трајковски. Затоа што си ја чува својата.
2 Бучковски не треба да се двоуми при следната реконструкција на Владата. Нека си го земе директорот на Светската банка за Македонија Брус Кортни. Тој рече дека “македонските граѓани не стануваат посиромашни, бидејќи статистичките податоци покажуваат мал раст”.
Брус може да биде одлична замена за Никола Поповски. Оти и тој не убедува дека ние живееме подобро, ама тоа не го знаеме.
3 Откако САД не олади за членството во НАТО, Илинка Митрева и Радмила Шеќеринска добија задача да го подигаат расположението кај народот. Се сретнаа со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и Илинка уште еднаш ни кажа дека ние сме лидери во регионот.
И навистина сме лидери. Ние одиме и сите во бездна ги водиме. Нека се закачат за нас, па ќе видат што ќе ги снајде.
Ќе живеат убаво како нас, ама нема да бидат свесни за тоа.
4 По средбата со европските амбасадори, Илинка и Рада уште не убедуваа да не паѓаме во депресија.
Некои ги послушаа. За жал. Ја скокнаа фазата на депресија. Веднаш се фрлија под воз.
5 За да не ни се случи истото разочарување како со НАТО, министерката за надворешни работи веднаш тргна на пат. Рече дека во Њујорк ќе се сретне со колегите од земјите од Европската унија за да може да лобира кај пријателите, одговорот на нашето барање за членство, во ноември да биде позитивен.
Илинка тргна во нова дипломатска офанзива. По онаа првата пеколна офанзива, извисивме за НАТО. По оваа, ќе извисиме и за ЕУ.
Илинка отиде во Обединетите нации за да брка прием во ЕУ.
Во ЕУ нема што да бара бидејќи во Обединетите нации веќе сме примени.
6 Во Обединетите нации е и Бранко. Минатата година во Њујорк отпатува за да се сретне со комшиите. Оваа година отпатува за на Менхетен да го прослави славниот Петнаесетти септември. Додека сите 150 државници доручкуваа кај генералниот секретар на ОН Кофи Анан, Бранко ручал. Изгледа многу го славел 15 септември, па го преспал доручекот.
7 И Бучко има многу причини за славење. На овој петнаесетти септември заедно со партнерите од власта може да се пофалат со следново:
Три години зборат за реформи во судството.
Три години зборат за реформи во здравството.
Три години зборат за реформи во земјоделството.
Три години зборат за борба против корупцијата и организираниот криминал
Три години зборуваат за странски инвестиции.
Три години зборуваат за разоружување.
Три години зборуваат за едношалтерски систем.
Три години зборуваат дека ќе направат нов пасош.
Три години зборуваат дека ќе го пуштат возот до Кичево.
Добро е што зборуваат. Ние треба да сме среќни дека не заборавиле што треба да направат.
8 На митингот на ВМРО-ДПМНЕ и здружената опозиција немаше многу народ. Вазно е дека зборуваа сите придружници на Никола Груевски.
Само Алија Шакиќ го обели образот. Таму беше целото негово членство. Дојдоа со една кола.
9 Министерството за правда излезе со соопштение дека “деновиве никој не избегал од затвор”.
Во Македонија на криминалците им е супер. Со вакво судство, полесно е да се излезе, отколку да се влезе во затвор.