1 Многу е убаво кога има избори. Мислам дека треба да имаме избори секои шест месеци. Ќе ни ги крпат дупките по улиците, ќе ни ставаат клупи, дури и ќе зачистат некаде. Ќе вработуваат и ќе ветуваат вработувања во државните служби. Нема казнување, нема инспекции по фирмите. И бензинот ќе поевтини. Оти акцизата ќе биде намалена, ама само следните четири месеци.
Дури и пушењето не се казнува. Особено во партиите. Се прават изборните листи, па партиските раководители се нервозни. И мораат да пушат. Повеќе од вообичаеното.
2 Единствено што не ми се допаѓа кога има избори е што телевизиите се многу здодевни. Многу се банални муабетите со кои н заморуваат. Имаат глупави реклами. На едни телевизии одат реклами со кои едната партија се фали што тие направиле кога биле на власт. А на други телевизии оди другата партија со реклами што пак тие направиле кога биле на власт.
Сите ние што одиме на работа секој ден завршуваме по некоја работа. И затоа не сфаќам зошто треба да им се одушевуваме ним кога ни кажуваат што направиле. И тие секој ден оделе на работа. Ние сме ги плаќале за тоа. И нормално е да завршиле некоја работа кога веќе сме им давале плата.
Директорката на Фондот за патишта се фали дека правела патишта. А што треба да прави? Ракети? Зошто е невообичаено ако директор за патишта прави патишта?
Додека на телевизија гледаме што направиле сето тоа изгледа многу убаво. Но кога излажан од рекламата дека с се завршува на еден шалтер ќе тргнеш по шалтерите, ќе видиш дека не е баш така како на телевизија. Скапо платената реклама ја забораваш секогаш кога ќе се соочиш со проблемот вадење имотен лист, закажување преглед и испитување на клиника по шест месеци, сликање за лична карта и пасош, барање правдина во суд… Секогаш кога ќе треба да се соочиш со државата, гледаш дека државата не е тука за да ти помогне. Ние не завршуваме работа побргу затоа што пред секои избори има с повеќе и повеќе вработени во државната администрација и затоа што на телевизиите одат убави реклами.
Со реклама може да те подлажат за да купиш некој производ. Ама само еднаш. Кога ќе видиш дека производот не го бидува, повеќе не го купуваш.
3 Поранешниот пратеник на Социјалистичката партија Зоран Витанов деновиве откри дека во 2008 година му ги дал на премиерот Груевски документите за можниот криминал во случајот “Злетовица”. Тој рече: “Премиерот експлицитно ми одговори дека за тоа не е заинтересиран, од проста причина што на него му треба Сител телевизија”.
А што мислеше Витанов. Дека Ѕинго му треба на Груевски поради социјалистичките идеи? Исто како што Бранко е многу загрижен за А1 Телевизија.
4 На седница за распуштање на Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го дополнија дневниот ред и го избраа врховниот судија Владимир Стојановски за уставен судија.
Тоа е истиот судија што пред тоа беше известител во предметот за соработка со тајните служби на уставниот судија Трендафил Ивановски. Ден пред распуштањето на Собранието, независниот Судски совет на итна седница со расправа од пет минути го предложи баш Владимир Стојановски за местото на Трендафил Ивановски. Оти други кандидати немало.
Епа можеа малку и да глумат демократија. Ама не глумеа. Немаа време. А и сакаат да покажат сила. И им се може.
Само што и јас сум наивен ако мислам дека би можеле малку да глумат. Тие од глумење се откажаа уште кога го ставија Михајло Маневски за да им прави судски реформи. И што го држат упорно за министер за правда и покрај сите забелешки и дома и надвор.
5 Случајно се погодив во Брисел кога во Европскиот парламент имаше расправа за Западен Балкан. Случајно открив дека на тој собир беа претседателите на парламентите на сите земји од регионот, а од кај нас немаше никој. И кога веќе се заинтересирав зошто сме пропуштиле таква можност, дознав дека во Брисел има седум преведувачи на македонски јазик на кои им платил Европскиот парламент, ама немаат кому да преведуваат. Оти од кај нас никој не дошол.
И бидејќи на средбите што ги имав таму се обидував да им кажам дека со преименувањето на македонскиот во “официјален” јазик евробирократите само ги јакнат антиевропските сили во Македонија, еден од тие евробирократи гафот со недоаѓањето на македонска делегација иронично ми го прокоментира вака: “Нема македонски превод – нема македонски јазик”.
Не знам дали таа средба беше толку драматично важна за Македонија. Но знам дека е драматично лошо тоа што не сме таму каде што треба да бидеме. А не сме отишле, не затоа што не н викнале, туку затоа што самите не сме сакале. Дури и преводот на македонски јазик тие го платиле.
Што мислат овие наши политичари – лутковци? Дека Грците и Бугарите во Брисел многу ги сакаат и поради тоа ги слушаат? Не. Туку затоа што седат таму и упорно си ја тераат својата приказна.
Нам ни го оспоруваат името и не ни го признаваат јазикот, а ние си седиме дома навредени и лути. Па ако ништо друго има да им седам таму да ме гледаат и сто пати ќе се јавам за збор да ми го слушаат јазикот. И постојано ќе ги потсетувам дека се неправедни, непринципиелни и корумпирани. Мислите дека некој се потресе оти Македонците не се појавиле на тој собир? Како да не. Ако не си таму нема ни да знаат дека постоиш. Оти постојат само тие што се таму.
А ние се наполнивме со гордост оти Иванов во Охрид остро му забележа на Баросо за “официјалниот јазик”. Страшна работа. Му го плесна в лице. А Баросо заборавил на тоа во истиот момент кога се сретнал со некој друг. Некој што не пропушта прилика да зборува за себе.